Рамни стапала кај возрасни

0

Рамното (спуштено) стапало е најчест деформитет во пределот на стапалото

Проблемот со рамните стапала е чест и во возрасната популација. Статистичките податоци и покрај тоа што се често варијабилни покажуваат дека 50-80% од градската популација и тоа претежно жените имаат рамни стапала. Релативно големата лабилност на сводовите на стапалото се должи на два факти: стапалото кај човековата популација се уште не е прилагодено на функцијата која ја извршува, а од друга страна се гледа и неповолното влијание на цивилизацијата. Стапалото дегенерира заради постојаното стоење и одење по тврда подлога, стегнато е во неприкладни обувки, а слободните движења потребни за правилен развој на стапалото се оневозможени.

 

Асимтпоматско рамно стапало

И покрај тоа што асимптоматското флексибилно рамно стапало кај возрасните е често присутно, тоа не бара третман и се смета како нормална варијанта на архитектурата на стапалото. Многу активни спортисти го имаат овој деформитет без или со малку влијание на нивната физичка активност.

Симптоми

Но рамните стапала кај возрасните можат да бидат пропратени и со болки во предел на стапалото, вдолж мускулатурата на задната страна на потколеницата, надворешната страна на натколеницата па се до лумбалниот ‘рбет. Дополнителна причина за појава на болки кај физиолошкото рамно стапало кај возрасните е и зголемување на телесната тежина, пореметување на статиката на другите зглобови на нозете, дегенеративните и трауматските состојби на скелетот на стапалото и сл. Доста често како причина за стекнатото рамно стапало кај возрасните е и инсуфициенцијата на некои од мускулите на задната ложа на потколеницата, но тоа бара дополнителни испитувања и посебен третман.

Дијагностицирање

Дијагнозата на овој ентитет кај возрасните е слична како и кај децата, со ортопедски преглед, плантограм, дополнителни испитувања.

Третман

Третманот пак доколку се работи за флексибилно рамно стапало со симптоматологија од статичко потекло е со ординирање на ортопедски влошки. Типот на потребната влошка го одредува ортопедот (на пр. освен внатрешното перниче може да се додаде и перниче за подигнување на напречниот свод на стапалото доколку има потреба итн.). При тоа целта на ортопедската влошка е да го растерети стапалото, односно да го распредели рамномерно неговото оптеретување.  Кај потешки случаи на деформитети со стекнати рамни стапала кои најчесто се последица на посттрауматски и дегенеративни состојби се ординираат специјално изработени индивидуализирани влошки или пак кратки ортози за скочниот зглоб и стапалото.

Кај возрасните за разлика од децата оправдана е и примената на физикална терапија.

Оперативното лекување се спроведува исклучително ретко при постоење на многу изразени и тешки деформитети.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Огнен Шешоски
д-р Огнен Шешоски е роден во 1980г во Охрид. образование Основно и средно образование завршува во Охрид. Во тек на средношколските денови (08-09.1996) како стипендист на фондацијата СОРОС учествува во 5 неделна летна школа во "Choate Rosemary Hall" Конетикат, САД. Медицински факултет завршува во 2005г во Скопје со просечен успех 9.34. специјализација 2006– 29.11.2010 - специјализација по ортопедска хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје професионално искуство Од 21.12.2005 вработен во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија "Св. Еразмо" во Охрид 2002 – 2004 - Како член на ССММ работи како локален офицер за размена на студенти во Охрид; 03.08 – 09.08.2004 - Член на организациониот одбор на Генералното собрание на IFMSA (Меѓународната федерација на асоцијации на студенти по медицина) во Охрид; 08. 2005 - Посетува едномесечен тренинг на одделот за трауматологија во Универзитетскатѕа болница "Hospital de Bellvitge" во Барселона, Шпанија; 10.2007 - Учествува на вториот Албански ортопедски конгрес со меѓународно учество; 17.10 - 21.10.2007 - Учествува на десеттиот Бугарски ортопедски конгрес со меѓународно учество како коавтор на две постер презентации: DHS (Dynamic Hip Screw) as a method of choice for treatment of pertrochanteric fractures, Ossification of THA as complication of hip arthroplasty – case report; 25.09 – 26.09.2008 - Учествува на првиот Српски ортопедски конгрес со меѓународно учество како коавтор на следните постер и орални презентации: Ossification of THA as complication of hip arthroplasty – case report, Haematothorax after gibbectomy – case report, The Herring classification applied in prognosis of Perthes disease, Managing Biomechanical System “Ilizarov aparatus –bonesegment ” in Solving Problems with bone joint reconstructive surgery; 30.09 – 04.10.2008 - Го посетува следниот курс на АО "Principles of fracture management for surgeons" во Љубљана, Словенија; 14.05 – 15.05.2009 Учествува на третиот Македонски Ортопедски конгрес со меѓународно учество како автор на постер презентација: Premature consolidation as a complication during the limb lengthening process using the Ilizarov techniques – case report; 18.05 – 21.05.2009 Стручен престој на Институтот за ортопедска хирургија - Бањица, Белград, Србија(оддел за педијатриска ортопедија); 29.08 – 25.09.2009 Како стипендист на AO посетува четиринеделен тренинг во "BG-Unfallklinik" Лудвигсхафен, Германија; 04.10 – 11.10.2009 Како стипендист на EFORT дел од "Traveling Fellowship" во Италија(Болоња, Верона); 07.05 – 08.05.2010 Дел од Симпозиумот “Revision aloarthroplasty of the hip joint”во Бања Лука, Босна и Херцеговина; 20.06 – 26.06.2010 Како стипендист на Open Medical Institute посетува еднонеделен курс за коскенозглобна хирургија во Салцбург, Австрија; -Ја поздравувам иницијативата, современиот дизајн и оригиналните идеи. Овој портал е своевиден веб центар на медицината и здравјето во Македонија кој ни беше потребен на сите, како на широката јавност, така и на лекарите.