Рамното (спуштено) стапало е најчест деформитет во пределот на стапалото
Проблемот со рамните стапала е чест и во возрасната популација. Статистичките податоци и покрај тоа што се често варијабилни покажуваат дека 50-80% од градската популација и тоа претежно жените имаат рамни стапала. Релативно големата лабилност на сводовите на стапалото се должи на два факти: стапалото кај човековата популација се уште не е прилагодено на функцијата која ја извршува, а од друга страна се гледа и неповолното влијание на цивилизацијата. Стапалото дегенерира заради постојаното стоење и одење по тврда подлога, стегнато е во неприкладни обувки, а слободните движења потребни за правилен развој на стапалото се оневозможени.
Асимтпоматско рамно стапало
И покрај тоа што асимптоматското флексибилно рамно стапало кај возрасните е често присутно, тоа не бара третман и се смета како нормална варијанта на архитектурата на стапалото. Многу активни спортисти го имаат овој деформитет без или со малку влијание на нивната физичка активност.
Симптоми
Но рамните стапала кај возрасните можат да бидат пропратени и со болки во предел на стапалото, вдолж мускулатурата на задната страна на потколеницата, надворешната страна на натколеницата па се до лумбалниот ‘рбет. Дополнителна причина за појава на болки кај физиолошкото рамно стапало кај возрасните е и зголемување на телесната тежина, пореметување на статиката на другите зглобови на нозете, дегенеративните и трауматските состојби на скелетот на стапалото и сл. Доста често како причина за стекнатото рамно стапало кај возрасните е и инсуфициенцијата на некои од мускулите на задната ложа на потколеницата, но тоа бара дополнителни испитувања и посебен третман.
Дијагностицирање
Дијагнозата на овој ентитет кај возрасните е слична како и кај децата, со ортопедски преглед, плантограм, дополнителни испитувања.
Третман
Третманот пак доколку се работи за флексибилно рамно стапало со симптоматологија од статичко потекло е со ординирање на ортопедски влошки. Типот на потребната влошка го одредува ортопедот (на пр. освен внатрешното перниче може да се додаде и перниче за подигнување на напречниот свод на стапалото доколку има потреба итн.). При тоа целта на ортопедската влошка е да го растерети стапалото, односно да го распредели рамномерно неговото оптеретување. Кај потешки случаи на деформитети со стекнати рамни стапала кои најчесто се последица на посттрауматски и дегенеративни состојби се ординираат специјално изработени индивидуализирани влошки или пак кратки ортози за скочниот зглоб и стапалото.
Кај возрасните за разлика од децата оправдана е и примената на физикална терапија.
Оперативното лекување се спроведува исклучително ретко при постоење на многу изразени и тешки деформитети.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-