Деформитети на ‘рбет во детска возраст

0

Грижата на родителите за држењето на телото или за формата на ‘рбетот на нивните деца е една од најчестите причини за посета на педијатар или ортопед. Нивните грижи најчесто се засноваат на два фактори. Од една страна тие се загрижени дека неправилното држење на телото може да резултира со некоректибилен деформитет на ‘рбетот. Од друга страна, општо е познато дека болката во грбот е една од најчестите причини за страдање во подоцнежната возраст и како таква е можно да биде превенирана со превземање на соодветни мерки во тек на детството.

Грбот или ‘рбетот има и симболично значење во лингвистичка смисла и е во голем дел “видлива манифестација на душата” (Христијан Моргенстерн).

Најчести деформитети

Најчести деформитети кои се јавуваат во детската (вклучувајќи ја и школската возраст) се

  • сколиозите (искривување на ‘рбетот во страна) и
  • кифозите (искривување на ‘рбетот нанапред).

Од сколиозите почесто се среќаваат оние кои се структурални (нефлексибилни), кои не се резултат на лошото држење на телото и кај кои најчесто е потребен понатамошен третман. Меѓутоа постојат и неструктурални (коректибилни) – кои се резултат на повеќе различни состојби како сколиотичното држење на телото, нееднаква должина на нозете, воспаленија, контрактури и сл.

Во 70-90% од структуралните сколиози кои се јавуваат во детската возраст се идиопатски, односно без познат причинител во настанувањето.

Според честотата на појавување пак, најчести се деформитетите во адолесценцијата т.е. од почетокот на пубертетот до завршување на коскениот раст.

Откријте ги навремено

Важноста од правилно распознавање и дијагностицирање на деформитетите на ‘рбетот произлегува од фактот што нивното влошување е во директна врска со времето на појавување на деформитетот, големината на деформитетот и брзината на растот на детето – која знаеме дека значително се зголемува за време на пубертетот.

Деформитетите кои се откриени во порана возраст имаат поголеми шанси да прогредираат со текот на растот на детето, а особено во текот на пубертетот. Затоа, доколку родителите или најблиските приметат било какво искривување на ‘рбетот или пак на тоа се посомнева докторот при редовните систематски прегледи, детето треба да се упати на ортопед кој понатака ќе изврши целосен и темелен преглед.

Ортопедски преглед и дополнителни испитувања

Прегледот на детето започнува со разговор со пациентот и родителот – причините за доаѓање на преглед, симптомите итн. Важно е да се напомене дека идиопатските сколиози се безболни во најголем дел од случаите и доколку детето се жали на болка, вниманието треба да се насочи и кон други заболувања.

Следува инспекција на детето (воочување на разлики во однос на висината на рамењата, испакнатоста на лопатките, разлики во струкот лево и десно итн.). Понатаму, се извршува тестот на претклон на детето нанапред со исправени колена и споени стапала (при кој доколку постои деформитет се воочуваат испакнатини во пределот на ‘рбетот), испитување на подвижноста на ‘рбетот и другите зглобови итн.

Во зависност од добиените информации од прегледот доколку ортопедот процени се прават и дополнителни испитувања (Ртг снимки на ‘рбетот во стоење во два правци и сл).

Доколку се дијагностицира идиопатска сколиоза кај детето следува нејзин понатамошен третман.

Третман на идиопатска сколиоза

Целта на терапијата е да се превенира прогресијата на кривината, да се корегира постоечката кривина и да се задржи во корегираната положба. Достапни тераписки опции се:

  1. физикалната терапија (вежби),
  2. ортозите (корсети) и
  3. оперативното лекување,

Се применуваат по овој редослед во зависност од големината на кривината и можноста за нејзино понатамошно зголемување.

  • Вежби

И покрај тоа што многумина сметаат дека вежбите не го спречуваат понатамошното влошување на кривината, моето мислење е дека е тоа неопходна тераписка процедура. Со нив освен што се подигнува општиот тонус на мускулатурата и се балансираат контрактурите на одделни мускулни групи што делува корективно на деформацијата, туку со нив се свртува вниманието на детето и родителите на деформацијата и со тоа се укажува на реалната опасност од нејзино влошување. И покрај постојните предрасуди дека детето со сколиоза не треба да се занимава со спорт тоа е апсолутно неточно. Напротив детето треба да се мотивира и активно да се подржува да учествува во спортски активности – пливање, кошарка, одбојка и сл.

  • Конзервативно и оперативно лекување

Останатите тераписки опции: конзервативното лекување со гипсеви и ортози (корсети), а во најлош случај и оперативното лекување се ординираат кај големи искривувања и кога се прати понатамошно влошување на деформитетот кај деца кои штотуку влегуваат во пубертет – односно во период на забрзан раст. И тука треба да се нагласи дека конзервативниот третман на лекување со ортози (корсети) и покрај тоа што е непопуларен и тешко се прифаќа од страна на децата, доколку е индициран на него треба да се придржува. Тоа е единствен начин да се коригира и задржи влошувањето на кривината и евентуално да се избегне понатамошното оперативно лекување.

Флексибилни деформитети

Од деформитетите кај децата кои не се структурални, односно кои се флексибилни најчести се:

  • лошото кифотично или
  • сколиотично држење на телото.

Tие исто така најчесто се среќаваат во адолесцентната возраст. Држењето на телото не е константна анатомска одлика на една индивидуа.

Причини за настанување на флексибилни деформитети

Настрана од конституционалните – наследните фактори, тоа е слика како на состојбата на мускулатурата и нејзината активност, така и на психолошкиот статус на детето. Кондицијата на мускулатурата зависи како од наследноста така и од мускулниот тренинг. Но во предвид треба да се земе и фактот што во текот на растот на детето растат и мускулите повеќе во должина отколку во обем така што постои одредена физиолошка мускулна слабост кај децата во раст. Исто така пубертетот е период во развојот на личноста маркирана од внатрешни конфликти и начин да се најде сопствената персоналност. Така, вообичаениот `опуштен` начин на држење на телото особено при седење и пред родителите може да биде дел само од внатрешниот протест против светот на родителите.

Но постојат и други фактори кои доведуваат до неправилно држење на телото. На пример девојчињата во пубертет со ваквото држење на телото несвесно се обидуваат да го сокријат фактот на растење на градите, или пак некоја друга деформација на градниот кош.

Дали лошото држење на телото може да предизвика понатамошна штета во однос на развивање на деформитети на ‘рбетот е се уште прашање на кое се дискутира. Првенствено треба да се корегираат одредени широко распространети гледишта на проблемот. Од нив најзначајно е да се наведе дека развојот на структуралната идиопатска сколиоза нема ништо со држењето на телото, но од друга страна лошото кифотично држење на телото (свитканоста према напред) може во некои случаи да влијае на формирањето на фиксирана кифоза.

Од факторите кои го определуваат држењето на телото можеме да влијаеме на два од нив:

  • состојбата на мускулатурата и
  • евентуално психолошките фактори.

Спорт за здрав грб

Мускулатурата може да се зајакне исклучиво со активност што мора да се превземе од страна на детето или адолесцентот. Во однос на тоа, значаен фактор во активноста на детето е неговата мотивираност.

Едно е сигурно, а тоа дека најсигурен начин за да се демотивира детето е да се натера против негова волја на одредена физичка активност. Во одредени училишта низ Европските земји воведени се часови за правилно држење на телото кои не се покажале ефикасни. Заклучено е дека најдобар начин да се активира детето е негово вклучување во спортски активности од кои најмногу се препорачуваат пливањето, кошарката, одбојката и сл. Секако во спортот важно е и добиеното задоволство од таквата активност.

Децата кои се пасивни и не атлетски настроени нерадо учествуваат во натпреварувачките спортови, па затоа тие треба да се мотивираат да се занимаваат со активности како пливање или да посетуваат фитнес часови на регуларна база.

Внимавајте на држењето на телото

Значаен фактор кој ја промовира пасивноста на децата е значителното време поминато во седење како на училиште така и дома. За време на пасивното седење ‘рбетот тежнее да се постави во свиткана положба. Некои корисни мерки за намалување на ваквата тенденција кои можат да бидат превземени се:

  • позиционирање на површината на која се пишува доволно високо и нејзино накривување кон детето,
  • столчиња во кои потколениците се поставени под прав агол и го допираат подот како и
  • столчиња – топки кои го стимулираат детето да седи во исправена положба и постојано да изведува лесни компензаторни движења кои се корисни за мускулатурата на ‘рбетот.

Внимавајте на ранците

Во однос пак на ранците кои децата ги носат на училиште и нивната тежина , форма и поставеност на грбот не постојат одредени воопштени научни сознанија и заклучоци. Одредени педијатриски и ортопедски асоцијации сепак препорачуваат тежината на ранците да не надминува 10% од тежината на телото и да се практикуваат ранци со две рамки.

 

За крај

Она што е значајно уште еднаш да се нагласи е дека постојано подобрување на држењето на телото единствено може да се постигне со мотивирање на детето да учествува во физички активности кои му прават задоволство.

д-р Огнен Шешоски е роден во 1980г во Охрид. образование Основно и средно образование завршува во Охрид. Во тек на средношколските денови (08-09.1996) како стипендист на фондацијата СОРОС учествува во 5 неделна летна школа во "Choate Rosemary Hall" Конетикат, САД. Медицински факултет завршува во 2005г во Скопје со просечен успех 9.34. специјализација 2006– 29.11.2010 - специјализација по ортопедска хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје професионално искуство Од 21.12.2005 вработен во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија "Св. Еразмо" во Охрид 2002 – 2004 - Како член на ССММ работи како локален офицер за размена на студенти во Охрид; 03.08 – 09.08.2004 - Член на организациониот одбор на Генералното собрание на IFMSA (Меѓународната федерација на асоцијации на студенти по медицина) во Охрид; 08. 2005 - Посетува едномесечен тренинг на одделот за трауматологија во Универзитетскатѕа болница "Hospital de Bellvitge" во Барселона, Шпанија; 10.2007 - Учествува на вториот Албански ортопедски конгрес со меѓународно учество; 17.10 - 21.10.2007 - Учествува на десеттиот Бугарски ортопедски конгрес со меѓународно учество како коавтор на две постер презентации: DHS (Dynamic Hip Screw) as a method of choice for treatment of pertrochanteric fractures, Ossification of THA as complication of hip arthroplasty – case report; 25.09 – 26.09.2008 - Учествува на првиот Српски ортопедски конгрес со меѓународно учество како коавтор на следните постер и орални презентации: Ossification of THA as complication of hip arthroplasty – case report, Haematothorax after gibbectomy – case report, The Herring classification applied in prognosis of Perthes disease, Managing Biomechanical System “Ilizarov aparatus –bonesegment ” in Solving Problems with bone joint reconstructive surgery; 30.09 – 04.10.2008 - Го посетува следниот курс на АО "Principles of fracture management for surgeons" во Љубљана, Словенија; 14.05 – 15.05.2009 Учествува на третиот Македонски Ортопедски конгрес со меѓународно учество како автор на постер презентација: Premature consolidation as a complication during the limb lengthening process using the Ilizarov techniques – case report; 18.05 – 21.05.2009 Стручен престој на Институтот за ортопедска хирургија - Бањица, Белград, Србија(оддел за педијатриска ортопедија); 29.08 – 25.09.2009 Како стипендист на AO посетува четиринеделен тренинг во "BG-Unfallklinik" Лудвигсхафен, Германија; 04.10 – 11.10.2009 Како стипендист на EFORT дел од "Traveling Fellowship" во Италија(Болоња, Верона); 07.05 – 08.05.2010 Дел од Симпозиумот “Revision aloarthroplasty of the hip joint”во Бања Лука, Босна и Херцеговина; 20.06 – 26.06.2010 Како стипендист на Open Medical Institute посетува еднонеделен курс за коскенозглобна хирургија во Салцбург, Австрија; -Ја поздравувам иницијативата, современиот дизајн и оригиналните идеи. Овој портал е своевиден веб центар на медицината и здравјето во Македонија кој ни беше потребен на сите, како на широката јавност, така и на лекарите.