Eндодонтска терапија – лечење на коренските канали

0

 

Ендодонција е гранка на стоматологијата која се занимава со болестите на забната пулпанивна дијагноза и третман. Забната пулпа (она што кај народот е познато како ,,нерв” на забот) е меко ткиво кое се наоѓа во внатрешноста назабот, во која освен нервите кои му даваат на забот осет за болка, притисок, осет за топло/ладно, има и крвни садови, лимфно ткиво. Пулпата е дел од пулпо-пародонталниот комплекс, се наоѓа во пулпната комора, што ја формира  дентинот.

Ендодонтската терапија или терапија на коренските канали на забот е постапка при која се остранува забната пулпа, се чистат и прошируваат коренските канали и се обтурираат со трајно полнење.

Кои се причините поради кои е потребна ендодонтската терапија?

Најчести индикации за ендодонтска терапија се: воспаление или инфекција на пулпата поради нелекуван кариес. Нелекуваниот кариозен процес ги деструира денталните структури, најпрвин емајлот, кон дентинот па се до забната пулпа. Кога бактериите ќе продрат во забната пулпа развиваат воспалителна реакција со локални знаци на инфекција. Ако кариозниот процес остане нетретиран, пулпата станува некротична и изумира, инфекцијата преку системот на коренските канали може да се прошири во околните коскени структури да доведе до создавање на гнојно воспаление, (апцес). Тоа доведува до појава на силни болки и оток.

Друга причина за ендодонтската терапија е траума или фрактура на забот.

Во одредени случаеви може да имаме дегенерација на пулпиното ткиво која е асимптоматска, и која може случајно да се открие со РТГ снимка.

Која е целта на ендодонтска терапија?

Главната цел на ендодонтската терапија е да се зачува/спаси забот. Ендодонтската терапија e насочена кон постигнување на состојба при која ќе се спречи бактериска афекција на околните структури, ќе се одржи структурата на природниот заб и ќе се регенерира коскената структура околу забот. При атак на некој иританс на било кое ткиво нашето тело одговара со воспалителна реакција, но бидејќи во тесниот простор пулпата претрпува дегенеративни промени, белите крвни зрнца не можат да стигнат до местото на воспаление и да ја одиграат својата функција, да ги елиминираат бактериите. Затоа co ендодонтската терапија се остранува дегенерираното пулпно ткиво заедно со бактерииите, се испираат коренските канали и херметички се затвораат со специјални дентални пасти, со цел да се врати забот во функција.

Како се изведува ендодонтската терапија?

Ендодонтската терапија се изведува во неколку посети.

Најпрвин се прави рентген снимка. Се остранува кариесот, потоа на џвакалната површина на забот се прави отвор за да се пристапи кон забната пулпа. Со помош на мали ендодонтски инструменти се чисти изумрената пулпа, се обработуваат коренските канали, се чистат и дезинфицираат со специјални раствори, се врши медикација за да се спречи инфекција и на крај се врши пополнување на коренските канали со биокомпатибилни материјали за обтурација.

iFrame

После завршената ендодонтска терапија лечениот заб може да биде чуствителен одреден временски период кога се одвива регенерација и репарација, нешто што треба да му биде објаснето на пациентот.

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

дознајте повеќе за авторот >>>

Д-р Марија Станоевска
Родена е на 28.01.1985 год. во Крива Паланка. Средно образование завршува во гимназијата „Ѓорче Петров”, општа гимназија во Крива Паланка. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. Се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. Со лиценца за работа од Стоматолошката Комора на РМ се стекнува во 2010 год. Има учествувано на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Посебен интерес покажува кон детската стоматологија и ортодонција. Зборува англиски, германски и италијански јазик. -Голема чест ми е да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Овој портал и нуди на македонската јавност многу корисни совети од областа на здравото живеење, ја информира за најновите достигнувања од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата. Искрено се надевам дека и јас како дел од тимот ќе придонесам во остварувањето на заедничката цел, а тоа е да создадеме здрава и едуцирана нација.