SDF – Нов тренд во детската стоматологија

0

Нелекуваниот кариес на забите е значаен педијатриски јавно здравствен проблем во светот. Едно од секои седум деца во САД на возраст од 2 до 8 години има нетретиран кариес на млечните заби.

Апликацијата на флуориден варниш (лак) е добро утврдена примарна интервенција за спречување на кариес на забите, но таа не ја спречува прогресијата на подлабоките кариозни лезии. Нелекуваниот кариес кој се протега преку слојот на емајлот на забот, до дентинот, бара машинско или рачно отстранување на деструираното ткиво.

Структурата на забите изгубена при отстранување на кариозната лезија се обновува со забни пломби или коронки.

Потребни се неинвазивни интервенции за спречување на прогресијата на нетретираниот забен кариес, особено кај пациенти кои немаат навремен пристап до стоматолошки услуги од различни причини.

Што претставува SDF?

SDF (Silver Diamine Fluoride) или сребрен флуорид е неинвазивен медикамент кој се применува локално и претставува сол на 38% сребрен флуорид растворлив во вода со додавање на амонијак. Иститот се употребува за спречување на прогресија на кариозните лезии. Всушност истиот се состои од: сребро – кој има бактерициден ефект, флуориди – за реминерализација на ткивото и амонјак – за одржување на високи концентрации на растворот. Ваквов тип на интервенција – со сребрен диамин флуорид за прв пат бил одобрен за употреба во Јапонија пред повеќе од 80 години. SDF бил одобрен од управата за храна и лекови на САД (FDA) во 2014 година.

Како SDF делува? Како што е докажано во една неодамна објавена мета-анализа, две третини од сите дентински кариозни лезии (оние кои прогредирале во дентин) биле стопирани по третманот со SDF.

Овој медикамент има скоро двојно поголема концентрација на флуориди од онаа на комерцијално достапните варниши со 5% натриум флуорид, кои се користат во примарната здравствена заштита. Самата процедура на изведување е лесна, безболна и брза, нема потреба од локален анестетик и е многу безбедна. SDF ги десензибилизира забите и е одлична алтернатива за седативи или општа анестезија кај деца.

Кои пациенти се кандидати за употреба на SDF?

SDF има клиничка индикација кај деца и адолесценти каде соработката при изведување на реставративни процедури е ограничена поради младата возраст, анксиозноста или интелектуална попреченост и попреченост во развој. Примената на SDF не ја обновува формата и функцијата на забите со забен кариес, како кај традиционалните реставрации.

Употребата на SDF без план за реставрација на расипаните заби може да биде резервоар за егзацербација на кариесот преку импакција на храна во кавитетите и последователен метаболизам на ферментирани јаглехидрати во киселини од кариогените бактерии.

Особено важно е да се потенцира дека апликацијата на сребрен флуорид не е замена за обновување на расипаните заби со забни пломби или коронки. Таа е ефективна привремена терапија што се користи како дел од сеопфатен план за третман на забите.

Естетика vs. SDF?

Оваа фотографија ја демонстрира трајната дамка на црна боја што се развива во кариозната забна структура третирана со 38% сребрен диамин флуорид. SDF во контакт на оралната слузница, усните и кожата предизвикува значително, црно боење како резултат на формирање на сребрен оксид.

Површинското црно боење на кожата и оралната мукоза има тенденција да се корегира самостојно за неколку дена бидејќи епителните клетки се одвојуваат и истата се обновува. Спротивно на тоа, нереставрираните лезии на кариес третирани со SDF остануваат трајно црни, и претставуваат значителен естетски проблем особено кај предните заби.

Неговото механичко отстранување и поставување на реставрација на забот не секогаш ја отстрануваат или маскираат структурата на забот со црна боја. Затоа, овој препрарат треба да се употребува најсоодветно и внимателно на лезии на кариес само од обучени, квалификувани даватели на услуги во контролирана клиничка средина.

Но, сепак новата генерација на сребрени флуоридни препарати се стреми да го намали степенот на пребојување на кавитетот. Според одредена клиничка студија спроведена во врска со мислењето на родителите, се констатирало дека тие се одлучиле за овој третман без разлика на естетската компонента, за сметка на терапија на детето под општа анестезија.

Која е улогата на детскиот стоматолог?

Детските стоматолози треба да ги идентификуваат пациентите каде има потреба од ваков тип на терапија. За истите треба да се направи соодветен план во текот на годината со цел правилно и контролирано стопирање на кариесот. Особено важно е педијатриските стоматолози да ги охрабрат родителите и децата за обновување на кавитeтетите третирани со SDF со цел да се врати формата и функцијата на забите.

Д-р Бојан Ангеловски
Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.