Тегавец – тајниот лекар од дворот

Тегавецот е билка која луѓето ја употребуваат уште од најстари времиња. Се среќава скоро во секој двор затскриена помеѓу другите тревки, по ливадите и во шумите каде нема дрвја.

 

За да израсне не и се потребни  посебни  услови. Потребното количество вода го прима од дождовите. За време на сушен период не бара посебно налевање со вода.

Постојат два вида тегавец:

  • машки тегавец Plantago Lanceolata и
  • женски тегавец Plantago Major

Tиe се разликуваат по обликот на листовите.

Лековит состав

Во листот на тегавецот се наоѓаат околу 6.5% слузава материја во облик на полисахариди, танини, кумарин ескулетин, флавоноиди (апигенин, лутеолин и скутелареин), повеќе од 1% кременова киселина, од минералите застапени се цинкот и калиумот. Содржи и сапонини кои делуваат хемолитичко и два многу важни иридоидгликозиди аукубин и каталпол.

Акубинот има антивирусно, детоксично, антимикробно и антиинфламаторно дејство, а каталполот има антихипертензивно, антивирусно, антитуморно, хепаропротективно, спазмолитично и антиинфламаторно.

Освен овие својства, тегавецот делува и антисептичко, диуретичко, бактерицидно и  бактериостатички.

Употреба на тегавецот како лек

Лекот кој во себе содржи тегавец најчесто се користи за лекување на болести на дишните патишта, астма, бронхитис, кашлица и грип.

Чајот од листовите на тегавецот е погоден за деца бидејќи е вкусен, а по потреба може да се заслади со шеќер или мед.  Се употребува и при воспаление или чир на желудникот или цревата. Корисен е при заболувања на црниот дроб и мочниот меур, како и против создавање камења и песок  во бубрезите.

Свежите листови кои претходно треба да се згмечат се користат како облоги кои се ставаат на место на убод од инсекти или каснувања од змија. Сокот од свежите листови го спречува крварењето и го забрзува зараснувањето на раната.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!