Пробиотици – здравствени придобивки од добрите бактерии

Пробиотиците се бактериски култури кои имаат цела палета полезни ефекти врз нашето здравје.

Пробиотиците се “добри бактерии” кои служат за регулација на цревната флора при дијареа, за зајакнување на одбрамбените способности на организмот, при употреба на анибиотици (за спречување на нарушувањето на нормалната цревна флора). Се употребуваат за намалување на појавата на атописки екзем кај децата, при дијареа за време на патување, синдром на иритабилнo цревo (стомачна болка, надуеност, констипација), при инфективни заболувања на цревата, улцеративен колитис.

Најновите истражувања сугерираат на тоа дека пробиотиците го зајакнуваат и одбрамбениот систем на организмот, меѓутоа самиот механизам на ова делување сеуште не е во целост разјаснет.

Како делуваат пробиотиците?

Цревата во организмот се населени со “добри бактерии”  кои ја претставуваат нормалната цревна флора. Тие овозможуваат подобро варење на некои тешко сварливи  намирници во исхраната. Понекогаш преку исхраната во организмот може да се внесат некои “лоши бактерии” . Со употребата на антибиотици сe уништуваат и “добрите бактерии” при што “лошите бактерии” кои се отпорни на дејството на антибиотиците добиваат прилика да ги населат цревата. Кога ќе се намножат  “лошите бактерии” доаѓа до појава на дијареа и болки во стомакот (тн. Супер инфекција).  Со внесување на “добри бактерии” – пробиотици може повторно да се воспостави нормалната цревна флора.

Како се употребуваат пробиотиците?

Пробиотските бактерии се наоѓаат во јогуртот, па со тоа може секојдневно да се користат. Доколку земете само една порција ферментирани млечни производи на ден, ќе ја подобрите состојбата во дигестивниот тракт.

Најефикасни соеви на пробиотски бактерии се: Bifidobacteria, Lactobacilus, Saccharomices boulardi, LGG (Lactobacillus rhamnosus GG). Овие пробиотици се покажале како најефикасни при дијареа за време на патување или при дијареа предизвикана од земање антибиотици. Пробиотиците превентивно може да се земаат и со анибиотска терапија при што ќе спречат да дојде до нарушување на нормалната цревна флора. Кога антибиотиците ќе “дојдат” до цревата се ресорбираат и преку циркулацијата доаѓаат до деловите од телото каде има инфекција за да извршат елиминација на бактеријта која ја предизвикала инфекцијата.

Mеѓутоа како непосакуван ефект, тие  ги уништуаат и добрите бактерии во цревата. При тоа останува слободен простор кој може да биде населен од “супер резистентни бактерии” (оние кои се отпорни на антибиотик и го преживуваат неговото дејство).  Ваквите супер резистентни бактерии воглавно се патогени и може да доведат до компликација како што е дијареа и тешка цревна инфекција. Затоа заради спречување на компликациите се препорачува при употребата на антибиотици, 2 часа после земањето на антибиотикот да се земе пробиотик. Доколку антибиотикот и пробиотикот се земаат истовремено, антибиотиците би го уништиле пробиотикот (добрите бактерии) и не би имала никаков ефект неговата примена.

Во кој случај не смеат да се употребуваат пробиотици?

Пробиотиците се безбедни за употреба бидејќи природно се наоѓаат во ферментираните млечни производи.

Кои несакани дејства можат да се јават после примена на пробиотици?

При употребата на некои видови пробиотици, ретко може да се јави надуеност и иритација во цревата.

 

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување
Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!