Алергија на полен

0

Сите со задоволство го чекаме топлото време и преубавата пролет, но за жал, токму сега за некои од нас пристигнува и проблем познат како алергија на полен, кој ги води луѓето низ целата пролет, лето, а понекогаш дури и низ есента. Со други зборови она што е убаво, понекогаш “скапо се плаќа”.

Честичките на поленот се мали, невидливи за  голото око. Истражувањата покажуваат дека секоја година се поголем број луѓе стануваат осетливи на овие микрочестички. Во пролетта најчесто алергиите ги предизвикуваат леската, брезата, некои врста на врба, во лето дивиот пелен, а од август до октомври амброзијата. Значи, додека имаме топло време ќе имаме и полен заедно со алергии.

 

Kaко настанува алергијата?

Кога поленовото зрно ќе дојде во контакт со слузокожата во респираторните патишта (патиштата за дишење) кај алергичните луѓе, самиот имунолошки систем го прифаќа поленовото зрно како туѓо тело (тело кое не е составен дел од организмот) и тогаш започнува цел ланец на реакции. Белите крвни зрнца кои припаѓаат на имунолошкиот систем (систем за одбрана) на организмот почнуваат да го произведуваат белковинестиот IgЕ( имуноглобулин Е) како и антитела. Резултат на ова е ослободување на хистамин, супстанција која е одговорна за настанување на алергијата.

Симптоми

Симптомите кои ги дава ова алергија се: зацрвенети очи, течење од носот, гребење и голицкање во грлото, очните капаци отекуваат, кашлање, се појавува кивавица која продолжува до тој степен што може да дојде до гушење. Многу тешки реакции поретко се појавуваат, а се манифестираат со оштетување на слузокожата во грлото кое доведува до отежнато дишење. Најтежок облик на поленската алергија е бронхијалната астма. По ова следи оток на слузокожата во бронхиите и грч на органите за дишење која состојба бара итна лекарска интервенција.

Дијагностицирање

Понекогаш е тешко да се постави точна дијагноза врз основа само на симптомите, бидејки овие симптоми се јавуваат и при други состојби како на пр. обична настинка. Но има симптоми кои можат да се забележат и без лекарска помош: како на пример кај настинката најчесто се проследува покачена температура и секрет од носот кој најчесто за неколку дена станува зеленкаст и компактен. Oд друга страна кај алергиите не се проследува покачена температура и секретот е најчесто провиден (прозирен). Освен тоа најчесто се јавуваат преку ноќ изразен симптоми а наутро се забележуваат зацрвенети очи (алергиски коњуктивит) и имаат напади на кивање. Во тек на врнежливи денови реакциите се помалку изразени бидејки водените капки од дождот го чистат воздухот од поленските зрна.

За сигурна дијагноза се вршат така наречени кожни проби (тестови). Ке го споменеме тестот со prick методата каде со мала игличка се внесува мала количина на алергенот со солабена концентрација со убод во површината на кожата, а постојат и тестови со кои алергените се внесуваат со помош на инекција во подлабоките слоеви на кожата. Како резултат на овој тест се појавува оток и црвенило на кожата на место на убодот а во зависност од јачината и брзината на реакцијата лекарот може да утврди од кој супстанција е предизвикана. Исто така може осетливоста на некои алергени да се утврди и преку тестови на крвта кои се безопасни но постапката на вадење на крв е сама по себе стресна.

Лекување на алергијата

Алергијата не може да се излечи но затоа се користат средства за нејзино ублажување. Треба да се нагласи дека симптомите на оваа алергија кај најмладите не треба да се занемаруваат, за да не би довеле до хронична астма. Пред се за лекувањето е потребно да поставиме точна дијагноза. Откако се поставува точна дијагноза и немаме сомнение дека се работи за алергија на полен се започнува со:

  • Ублажување на симптомите со медикаментозна терапија – антихистаминици (таблети, спреј за нос, капки за очи), деконгестанти (капки за нос и очи), кортикостероиди( таблети, инекции, инхалатори).
  • Хипосензибилизација – која се заснова на постепено убризгување на алергенот во организмот и тоа секое ново внесување оди со малку покачена доза со сто се постигнува да организмот стане потолерантен на алергенот. Најчесто се врши во зимскиот период кога пациентот нема симптоми
  • Акупунктура – која овозможува организмот да се воздржи од непотребна реакција. Ова е метода која нема штетно дејство и треба да се изведе неколку месеци пред да биде воздухот исполнет со поленските честички

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Зоран Јаневски
Зоран Јаневски, доктор на медицина од Тетово. Средно образование завршува во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Во февруари 2012 дипломира на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје. Доктори.мк е сајт кој овозможува голема достапност на информации до општата популација од полето на медицината и здравјето. До нив може да се дојде многу брзо и лесно, тие се достапни во секое време. Овој сајт, со советите и вестите кои ги содржи, претставува здравствен информатор на Македонија.