Пушењето како најзначаен ризик фактор за развој на периферна артериска болест

0

Периферната артериска болест (ПАБ) настанува кога артериите на нозете стануваат блокирани со масни наслаги (атеросклероза).

Болеста долго време е без видливи знаци и симтоми. Нелекувањето доведува до критична исхемија на ногата кога е потребна ампутација. Често е поврзана со зголемен ризик од кардиоваскуларни настани, дури и кога е асимптоматска. Може да биде еднострана или обострана и акутна или хронична.

Симптоми

Најчестиот иницијален симптом е болка во нозете, која се појавува при движење и се зајакнува со зголемувањето на движечката дистанца, позната како интермитентна клавдикација (лат. claudicatio intermittens). Таа исчезнува со одмор.

Развојот на симптомите на болеста е според Fonten-овата класификација, според која болеста се градуира во 4 стадиуми:

– Прв стадиум – болка во нозете и грчеви во мускулите при поинтензивна физичка активност (Fonten I),

– Втор стадиум – болка во нозете и грчеви во мускулите при минимална физичка активност (Fonten II),

– Трет стадиум – болка при мирување, локализирана најчесто во стопалото, каде пациентот чувствува постојан студ, со појава на бледило на кожата, губиток на влакнатоста на нозете (Fonten III),

– Четврт стадиум – рани на нозете кои не зараснуваат и појава на гангрена или мртво ткиво (Fonten IV).

Околу 70% од случаите може да се поврзат со ризик фактори, како што се возраста, зголемениот крвен притисок, дијабетот, покачените маснотии, пушењето, стресот, дебелината.

Треба да се има в предвид дека пушењето е водечки ризик фактор, бидејќи значајно влијае врз создавањето на масни наслаги во артериите, односно го потикнува процесот на атеросклероза, што лежи во основа на периферната артериска болест. Речиси сите пациенти со периферна артериска болест се пушачи, а прекинот на пушењето е поврзано со рапиден пад на инциденцата на симптомите.

Дијагноза

Основна цел на добрата анамнеза и физикалниот преглед на пациентот е од разговорот со пациентот и неговиот преглед да се дојде до рана и вистинска дијагноза пред да се појават компликациите.

Примарен дијагностички тест е мерењето на глуждно-надлактниот индекс или АБИ (ankle-brachial index). Се користи Доплеров инструмент со сонда за мерење на систолниот притисок на глуждот, а тој притисок се дели со вредноста на надлактниот. Вредноста под 0,9 ја дефинира ПАБ. Вредностите на АБИ од 0,7-0,5 дефинираат средно-тежок облик на исхемија, а оние под 0,5 дефинираат тешка исхемија.

Ехо Колор Доплер сонографијата има, пак, значење во потврдувањето на дијагнозата и проценка на степенот на стеснувањето (стенозата) на артеријата.
Ангиографијата, како златен стандард, ангиографијата со компјутеризирана томографија (КТА) или, пак, ангиографијата со магнетна резонанца (МРА) овозможува директен приказ на артериите на долните екстремитети и точна локализација на промените, со точна проценка за соодветен третман.

Третман

Сите пациенти со периферна артериска болест треба да се советуваат за прекин на пушењето, промена на начинот на исхрана, со контрола на телесната тежина и редовна физичка активност, модифицирање на липидниот профил и терапија со статини, превенција, дијагноза и третман на дијабет, превенција, дијагноза и третман на висок крвен притисок, антиагрегациона терапија.

Кај пациенти, кај кои и покрај терапијата со лекови постои ограничување на квалитетот на живот, индицирана е ендоваскуларна или хируршка реваскуларизација.

За превенција и рана дијагноза и третман, како и спречување на компликациите од оваа болест, се препорачуваат редовни и навремени кардиолошки прегледи.

Д-р Симона Јовчевска
Д-р Симона Јовчевска е родена на 16.02.1994 во Скопје. Средно образование завршува во СУГС Гимназија ,,Јосип Броз Титоˮ-Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет при Универзитетот ,,Св.Кирил и Методијˮ во Скопје во 2018 година, и се стекнува со стручно звање доктор на медицина. Од 2019 година е на приватна специјализација по Кардиологија. Учество на 27th European Students’ Conference во Берлин, во периодот од 28 септември-1 октомври 2016 година, на тема: “Facing Antimicrobial Resistance-Research Revolution wanted”, на ZIMS-Zagreb International Medical Summit, во периодот од 23-25 ноември 2017 година. Одлично познавање на англиски и германски јазик. Многу ми е мило што имам чест да бидам дел од тимот на Доктори.мк, еден прекрасен портал, кој нуди одлична можност за континуирана едукација, со стекнување на нови знаења од различни области на медицината, стоматологијата и фармацијата, истовремено давајќи информативни и корисни совети за сите читатели.