Враснат нокт – Unguis incarnatus – Onychocryptosis

0

Onychocryptosis или unguis incarnatus (враснат нокт) претставува проблематика која се класифицира во групата заболувања на нокт. Ова е многу честа и болна состојба при која ноктот расте во кожата и меките структури од едната или обете страни наоколу (во paronychium).

Статистиката говори дека оваа состојба најчесто го зафаќа палецот на стапалото и најчесто се јавува кај помлади и постари лица. Болеста започнува како локално воспаление со изразена инфламација од микробна природа. Секундарно се создава грануломатозно ткиво.

Знаци и симптоми на unguis incarnatus

  • Болка на местото каде се наоѓа работ на ноктот. Истата се потенцира при носење на тесни обувки, особено оние со тесни врвови.
  • Знаци на инфекција: црвенило, оток, локална топлина.
  • Може да се дренира гној или серозна течност помешана со крв.

Причини за Unguis incarnatus

  • Долго носење на тесни чевли;
  • Носење на тесни и стегнати чорапи;
  • Лоша нега на ноктите, сечење на истите премногу кратко и овално;
  • Останати деформитети на ноктот;
  • Траума на ноктот или палецот;
  • Предиспозиција и чести инфекции на ноктите.

Третман на Unguis incarnatus

  • Потопување на стапалото во топла и солена вода;
  • Суво пребришување со чиста крпа;
  • Избегнување на тесни чевли;
  • Апликација на дезинфекциони и антибиотски раствори на местото каде враснува ноктот;
  • Acidi borici – борна вода, локално;
  • Антибиотски третман пер-ос во случај на воспаление.

Во многу случаи ситуацијата се подобрува со овие третмани. Доколку тоа не се случи, ќе треба да се примени хируршки зафат.

Кои типови на хируршки постапки се применуваат за враснат нокт?

Многу поагресивните случаи побаруваат минорна хируршка постапка, наречена матриксектомија. Оперативниот третман како изборна терапија се применува доколку сo локалните конзервативни третмани не сe постигне бараниот успех. Мaтриксектомијата е процес на хируршко, механичко уништување на коренот како дел од ноктот, наречен матрикс. Kомплетната деструкција на матриксот на ноктот резултира со траен губиток на тој дел. Откако матриксот целосно ќе се отстрани, тој повеќе никогаш нема да може да се регенерира. Со помош на матриксектомијата најчесто се отстранува само латералната (бочната) страна. Поретко се отстрануваат двете страни на матриксот (билатерална матриксектомија) или целокупниот матрикс (комплетна матриксектомија). По отстранувањето на коренот се отстранува и локално променетото инфламаторно и грануломатозно ткиво.

 

Превенција

Превенцијата се состои во правилна нега и педикир на вашите нокти. Потребно е навремено лекување на инфекции и други заболувања на ноктите, како и носење на правилни обувки и чорапи.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Илина Гаџевска
Д-р Илина Гаџевска е родена на 13.01.1986 во Скопје. Средно образование завршува во Д.С.М.У. „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје во 2004 год. Со називот Доктор на општа медицина се здобива во 2010 год. со завршување на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје. Со лиценца за работа од Лекарската комора на Р.М. се стекнува во 2011 год. Моментално е на специјализација по општа хирургија. Имам многу позитивно мислење за оваа идеа и проект. Како што е запишано во многу медицински книги: „Ако постои добра едукација и превенција, нема да има болести за лекување.“ Редно беше да постои ваков креативен, модерен и ефективен начин тоа да се спроведе.