Смрзнатини

0
7

Секое оштетување на ткивата под дејство на студен агенс се нарекува смрзнатина.

Статистички смрзнатините најчесто се јавуваат на најпериферните делови од телото, 90% од случаите се локализирани на стaпaлата и дланките.

Смрзнатини настануваат како резултат на изложување на делови од телото на температура под 12 степени Целзиусови во временски период подолг од 7 часа.

Внатрешни и надворешни фактори на настанување на смрзнатините

За да настане смрзнатина, голема улога имаат и други надворешни и внатрешни фактори.

Внатрешни фактори:

  • Претходни заболувања;
  • Нарушена периферна циркулација;
  • Психо-физичка истоштеност на организмот;
  • Ухранетост.

Надворешни фактори:

  • Влажност на воздухот;
  • Студен ветар;
  • Студена вода;
  • Мокри обувки и облека.

Оштетувањето во длабочина на ткивата е правопропорционално со времетраењето на дејството на етиолошкиот фактор.

Патохистолошки механизам на смрзнатините

Процесот започнува од кожата, а потоа се шири во длабочина зафаќајки ги екстрацелуларните простори и создавајќи ледени кристали. Овој процес на кристализација се шири од површинските ткива кон длабоките. Интрацелуларната течност во овој процес се евакуира во екстрацелуларниот простор поради присуството на хипертоничните кристали. Следствено на тоа настанува дехидратација и колапс на разладените клетки.

Како прв механизам за заштита на организмот од ладење се јавува периферна вазоконстрикција и отварање на колатералната циркулација. На тој начин се заштитуваат виталните органи и ткива. Целуларната смрт не настанува само поради осмоларната разлика, таа настанува исто така и поради промената на пермеабилноста на мембраната, промени во ензимската активност, клеточниот метаболизам, pH промени итн.

Вака променетото ткиво е за 1 до 2 степени поладно од околината поради процесот на кристализација. Постои дилема кога е поголемо оштетувањето на ткивата, дали при смрзнувањето или во процесот на одмрзнување. Венска стаза, тромбоза, едеми и промени во вискозноста на крвта се едни од можните оштетувања на циркулацијата при одмрзнувањето.

Клинички знаци

Првите оштетувања можат да се видат, а воедно и да ги потенцираме со отстранувањето на обувките и облеката на смрзнатите делови. Неретко делови од кожата остануваат на облеката и кожата, особено ако грубо се отстрануваат од смрзнатите делови.

При обид за движење може да дојде до соголување на деловите помеѓу здравата и смрзнатата кожа. Кожата има изглед на кожа од кадавер, бледа е и со модри плажи, на палпација и при дразба е неосетлива. Движењата во зглобовите се оневозможени.

При краткотрајно дејство на етиолошкиот фактор на кожата се јавува црвенило, едем, а не ретко и були, везикули. Овие промени може да се санираат без лузни.

Четири стадиуми на смрзнатини

  • Прв стадиум:

Овој стадиум е површински, го зафаќа само епидермисот и се карактеризира со еритем и едем на кожата. Смрзнатините од овој стадиум можат спонтано да поминат без дополнителна терапија и ретко оставаат лузни.

  • Втор стадиум:

Во вториот стадиум покрај епидермисот е зафатен и дел од дермисот, а клинички покрај еритем и едем, видливи се и були исполнети со бистра течност. И покрај третманот остануваат лузни.

  • Трет стадиум:

Третиот стадиум се карактеризира со зафатеност на целиот епидермис и дермис на кожата и дел од поткожното ткиво. Видливи се сиво-бели пребојувања со були исполнети со хеморагична течност, тромбозирани крвни садови и оштетена инервација. Потребна е хирушка интервенција, а можна е и потреба од трансплантација.

  • Четврти стадиум:

Ги зафаќа длабоките структури, како мускулите, тетивите, нервите, коските итн. Не ретко овој стадим во терапевтските цели бара некректомија или ампутација.

Клинички облици

  • Пернионес:

Настанува под дејство на ладен и влажен воздух. Најчесто ги зафаќа дланките и стапалата. Клинички се манифестира со еритем, едем, сува кожа, а многу ретко со були исполнети со бистра или хеморагична течност. Поволно реагираат на терапија и ретко оставаат лузни.

  • Влажно имерзионо стапало:

Настанува при изложеност на дел од телото на ладна вода од 0-12 степени. Клинички се манифестира со еритем, едем и булозни творби, најчесто исполнети со бистра течност. Можни се локални невролошки испади.

  • Рововско стапало:

Настанува поради изложеност на дел од телото на студена кал или вода на температура од 0-8 степени. Клиничката слика може да се развива од прв до четврт стадиум на смрзнатина, во зависност од времетраењето на агенсот.

  • Хипотермија:

Прв стадиум: Ректално измерена телесна температура 37-32 степени или компензаторен стадиум, каде како резултат на дејството на студениот агенс настанува периферна вазоконстрикција, односно зголемен периферен отпор и насочување на крвниот волумен кон виталните органи. При тоа има зголемен волумен на доток на венска крв во десно срце, тахикардија, зголемен минутен волумен на срцето до нормален или зголемен крвен притисок.

Втор стадиум: Ректално измерена телесна температура 32-24 степени. Ова е декомпензаторен стадиум, каде се истрошуваат компензаторните механизми на организмот и настанува периферна вазодилатација. Има намален периферен отпор, намален волумен на доток на венска крв во срцето, намален минутен волумен и пад на крвниот притисок.

Трет стадиум: Ректално измерената телесна температура е помала од 24 степени. Овој стадиум се карактеризира со акутно попуштање на срцето, хиповолемичен и токсичен шок, поради зголемената хемоконцентрација, стаза, зголемен број на тромбоцити и коагулациони фактори, оштетени ѕидови на крвните садови и се јавува интраваскуларна тромбоза која води кон дисеминирана интраваскуларна коагулација и хеморагија. Сето ова е пропратено со тешки оштетувања на цетралниот нервен систем.

Терапија

  • Спонтано затоплување;
  • Аналгетик;
  • Брзо затоплување во топла вода помеѓу 38-41 степени, температура повисока од 49 степени може да предизвика некроза;
  • Да се спречи тромбоза со давање на антикоагуланси;
  • Антихистаминици;
  • Адренергични блокатори;
  • Кортикостероиди;
  • Хипербарна комора со кислород;
  • Антибиотици;
  • Тетанус профилакса;
  • Надокнада на течности;
  • Дебридман;
  • Ако е потребна – инцизија;
  • Некректомија;
  • Ампутација.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Илина Гаџевска
Д-р Илина Гаџевска е родена на 13.01.1986 во Скопје. Средно образование завршува во Д.С.М.У. „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје во 2004 год. Со називот Доктор на општа медицина се здобива во 2010 год. со завршување на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје. Со лиценца за работа од Лекарската комора на Р.М. се стекнува во 2011 год. Моментално е на специјализација по општа хирургија. Имам многу позитивно мислење за оваа идеа и проект. Како што е запишано во многу медицински книги: „Ако постои добра едукација и превенција, нема да има болести за лекување.“ Редно беше да постои ваков креативен, модерен и ефективен начин тоа да се спроведе.