Како и секоја друга стоматолошка интервенција, и избелувањето на забите има свое “против”. Доколку пациентите имаат оштетена глеѓ и се релативно млади, имаат проблеми со гингивата или други општи заболувања им се препорачува ваквата постапка да не ја прават.
Кои проблеми може да се очекуваат после избелувањето на забите?
- Осетливост на забите на термички дразби, на притисок или допир – Бидејќи забите се третираат со високопроцентни пероксиди, па дури и било друг каков препарат да се примени, нормално е да се очекува дека забите ќе бидат осетливи. Тоа го пишува во декларацијата на сите средства за избелување. Особено нагласена осетливост се очекува доколку има рецесија (повлекување) на гингивата, ако глеѓта е напукната, ако се врши избелување на забите за многу краток период. При постапката на избелување со поблаги препарати, осетливоста може да постои само еден или два дена, но, кај енергични и “забрзани”избелувања, може да се случи осетливоста на забите да трае и по неколку месеци.
- Проблеми со гингивата – Повеќето од пациентите кои ги избелувале забите имаат повеќе или помалку осетлива гингива. Сето тоа зависи од почетната состојба на гингивата пред избелувањето и начинот на работа. Особено негативни последици има при избелувањето на забите кое се врши во домашни услови. Во ваквиот случај станува збор за хемиски изгореници кои заздравуваат за 7 дена, но кај изразени оштетувања на гингивата, таа може да се ретрахира ( повлечи) и никогаш да не се врати во првобитната состојба.
- “Техниколор”заби – При избелувањето на забите се врши избелување само на забното ткиво (глеѓта) но не и на пломбите и коронките. Затоа во првиот момент можете да очекувате “шаренило”на забите, па да мора пломбите и коронките да се менуваат со нови со посветли нијанси како би се изедначиле со останатите заби. Тоа од финансиски аспект баш и не е многу исплатливо.
- “Вештачки”бели заби – Природно забите не се со иста боја туку горните заби се малку посветли од долните, предните посветли од страничните, песјаците се малку потемни од останатите заби, а сите заби се потемни на страната на гингивата, а посветли кај работ. Сето ова дава еден природен изглед на насмевката. Избелувањето дава целосно белеење на забите кое кај повеќето пациенти делува неприродно.
- Одржување на забите после избелувањето – После постапката на избелување се препорачува да се избегнува пушење, консумирање обоени пијалоци, чај, кафе и црно вино и некои видови храна кои ги пребојуваат забите. Хигиената на забите после избелувањето мора да биде СОВРШЕНА.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или ремитување