5 причини против избелување на забите

Како и секоја друга стоматолошка интервенција, и избелувањето на забите има свое “против”. Доколку пациентите имаат оштетена глеѓ и се релативно млади, имаат проблеми со гингивата или други општи заболувања  им се препорачува ваквата постапка да не ја прават.

            Кои проблеми може да се очекуваат после избелувањето на забите?

  • Осетливост на забите на термички дразби, на притисок или допир –  Бидејќи забите се третираат со високопроцентни пероксиди, па дури и било друг каков препарат да се примени, нормално е да се очекува дека забите ќе бидат осетливи. Тоа го пишува во декларацијата на сите средства за избелување. Особено нагласена осетливост се очекува доколку има рецесија (повлекување) на гингивата, ако глеѓта е напукната, ако се врши избелување на забите за многу краток период. При постапката на избелување со поблаги препарати, осетливоста може да постои само еден или два дена, но, кај енергични и “забрзани”избелувања, може да се случи осетливоста на забите да трае и по неколку месеци.
  • Проблеми со гингивата – Повеќето од пациентите кои ги избелувале забите имаат повеќе или помалку осетлива гингива. Сето тоа зависи од почетната состојба на гингивата пред избелувањето и начинот на работа. Особено негативни последици има при избелувањето на забите кое се врши во домашни услови. Во ваквиот случај станува збор за хемиски изгореници кои заздравуваат за 7 дена, но кај изразени оштетувања на гингивата, таа може да се ретрахира ( повлечи) и никогаш да не се врати во првобитната состојба.

 

  • Техниколорзаби – При избелувањето на забите се врши избелување само на забното ткиво (глеѓта) но не и на пломбите и коронките. Затоа во првиот момент можете да очекувате “шаренило”на забите, па да мора пломбите и коронките да се менуваат со нови со посветли нијанси како би се изедначиле со останатите заби. Тоа од финансиски аспект баш и не е многу исплатливо.
  • Вештачкибели заби – Природно забите не се со иста боја туку горните заби се малку посветли од долните, предните посветли од страничните, песјаците се малку потемни од останатите заби, а сите заби се потемни на страната на гингивата, а посветли кај работ. Сето ова дава еден природен изглед на насмевката. Избелувањето дава целосно белеење на забите кое кај повеќето пациенти делува неприродно.

  • Одржување на забите после избелувањето – После постапката на избелување се препорачува да се избегнува пушење, консумирање обоени пијалоци, чај, кафе и црно вино и некои видови храна кои ги пребојуваат забите. Хигиената на забите после избелувањето мора да биде СОВРШЕНА.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или ремитување

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!