Забни импланти – што, зошто, како

0

За жал, голем процент од луѓето, порано или подоцна, ќе изгуби еден или повеќе заби од некоја причина. Ако ви недостигаат неколку заби, не ќе можете да јадете нормално, да зборувате јасно или да се смеете слободно.

Дали ја криете својата насмевка поради просторот од изгубените заби? Се случило ли вашата протеза да падне при зборување и да ве посрамоти? Дали имате проблеми со џвакањето на храната? Доколку веќе ги искусувате овие проблеми и доколку сакате повторно да се смеете, да јадете и да зборувате нормално, има добри вести за вас – ЗАБНИ ИМПЛАНТИ!

 

Што претставуваат забните импланти?

Забните импланти се вештачки конструкции, изработени од титаниум (биокомпатибилен материјал кој се “врзува” за коската во процес наречен остеоинтеграција), кои се вградуваат во виличната коска и кои и во чувство и во изглед и во функција претставуваат замена за коренот на забот како и самиот заб во устата.

 

Зошто се потребни?

Губењето на еден заб, повеќето луѓе не би го сметале за голем проблем, освен ако не е некој од предните заби, со што би се нарушил нивниот надворешен изглед. Меѓутоа, доколку веднаш не се замени изгубениот заб (или уште полошо- повеќе заби) со импланти, може да дојде до следните проблеми:

  • движење на соседните заби – поради празниот простор, забите кои го ограничуваат почнуваат да се навалуваат (инклинираат) со цел да го пополнат празниот простор, појава позната како Годонов феномен.
  • губење на вилична коска – на местото каде недостасува заб, во виличната коска започнува процес на нејзино постепено разградување и последователно намалување на висината на забниот гребен. Доколку се работи за повеќе заби, процесот може да е подраматичен и лицето да добие еден старечки изглед.
  • проблеми со зборување – недостигот на еден или повеќе заби може да го поремети говорот, со појава на шуштење, промена на гласот и останати проблеми кои обично се појавуваат и при носење на протези (вилици).
  • проблеми при јадење – исто така чести се проблемите со неможност на јадење на одредени типови на храна, што пак резултира со лоша нутриција и слаб квалитет на живот.

За крај според многумина најважното е дека губењето на заби, особено во видливата регија силно влијае на изгледот, појавата, самодовербата и социјалниот живот на еден човек. Во денешно време, посебно кај младите луѓе, од социјален аспект не е прифатливо да се гледаат празни простори меѓу забите при зборување или смеење. Забните импланти, не само што изгледаат туку и се чувствуваат многу поблиску до природните заби отколку која било друга алтернатива.

 

Како се поставуваат

Накратко, процедурата на ставање на имплантите се изведува во операциона сала, под локална анестезија, комплетно безболно и одзема приближно онолку време колку и вадење на заб. Процедурата се одвива во 3 фази:

  1. имплантација – поставување на примарниот дел на имплантот во коската;
  2. мирување,т.е. сврзување со коска (остеоинтеграција) процес на заздравување, кој трае 2-3 месеци за долна вилица и 4-6 месеци за горната вилица.);
  3. поставување на надоградбата – абатмент, врз која се изработува коронката на забот.

Секако, многу важно за успехот и функционалноста на имплантите е одржувањето на добра орална хигиена и редовни посети на стоматолог ( 2 пати годишно). Исто како и кај природните заби, поради можноста за создавање плак, во овој случај периимплантен плак, и забен камен, потребно е четкање на забите 2 пати дневно со четка и паста за заби.

 

Доколку соодветно се постават и особено доколку има соодветна грижа и добра орална хигиена од страна на самиот пациент, како и редовни контроли, забните импланти се доживотно решение за изгубените заби!

Д-р Петар Вршковски
Др. Петар Вршковски, роден 1985 год во Битола, средно медицинско училиште-забен техничар завршува 2004, дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” - Скопје во 2009 год. Од 2010 работи во ПЗУ “Максидент- Вршковски“-специјалистичка ординација по максилофацијална и орална хирургија во Битола, а од 2011 год. е на специјализација по орална хирургија при Стоматолошкиот факултет, Универзитет “Св.Кирил и Методиј “- Скопје. Учесник е на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Доктори.мк е одличен начин пациентите да се запознаат со медицински поими и состојби, занимливи факти, интересни и корисни совети за животот, исхраната и здравјето, како и можност да лоцираат доктор или медицинска установа. Ја поздравувам оваа идеја и секоја чест на основачите за нивната амбициозност, креативност, фокусираност и посветеност. САМО НАПРЕД СО ГАЛОПИРАЧКИ ЧЕКОРИ!