Здравствена култура: самопреглед на дојка

0

Пoчит кон сопственото тело

Редовна контрола врз сопственото тело, вклучуваќи го и прегледот на дојката е исклучително важен и треба да претставува дел од здравствената култура на жените. Самопрегледот на дојките во домашни услови е ефикасен начин за една жена да си го запознае изгледот и обликот на градите и самата да открие дали има некакви промени и благовремено да се обрати на лекар.

Кога да се самопрегледате?

Самопрегледот треба да се обави барем еднаш во месецот, во период од околу 10-тиот ден од менструалниот циклус поради стабилноста на половите хормони баш во тој период од циклусот, со што во тој период е намален отокот и болката на дојките кој нормално се јавува неколку дена пред менструалниот циклус и првите неколку дена од менструалниот циклус. Во период од 16 до 18 години треба да се направи првиот самопреглед. Веќе по 20-та година од животот на жената се препорачуваат редовните самопрегледи.

Клиничките прегледи на дојките кај жени од 20 до 40 години се препорачуваат еднаш на 3 години, а кај жени над 40 години се препорачуваат еднаш годишно. Кај овие жени треба да се направи и првата мамографија ( ако жената или лекарот забележат промени, мамографија се прави и порано).

Скрининг мамографија се прави од 40 до 49 годинишна возраст и тоа еднаш на 2-3 години, а после 50-та и еднаш годишно.

Како да се самопрегледате?

Застанете пред големо огледало и набљудувајте ги дојките најпрво со раце спуштени покрај тело, потоа со дланки потпрени на колковите (може и да се наведнете нанапред), потоа рацете кренете ги над глава и на крај со рамена повлечени наназад.

На овој начин се забележуваат било какви надворешни промени во обликот, формата и големината на дојките кои не биле присутни претходно. Се забележуваат и кожни промени кои не биле до тогаш присутни, црвенило, иритација и слично. Убаво треба да се забележи дали има промена во бојата, формата на брадавицата правецот во кој е насочена и дали има некаков исцедок. Проверете ги и аксиларните јами со јагодиците на прстите на показалецот, средниот и домалиот прст со кружни движења и тоа со потпирање на раката на колк на испитуваната страна, а со спротивната рака го правиме самопрегледот.

Наједноставен начин за да го направите самопрегледот е за време на туширање со подигање на едната рака и ставање позади главата, а со другата рака нежно притискање на дојките во пределот на брадавицата.

Посветете си барем 10 мин за себе и убаво забележете дали има промени, како што се задебелување во одредени области, грутки и доколку ги има, консултирајте се со лекар. Самопрегледот на дојките се прави и во легната положба на грб со крпа под рамо на испитуваната страна и со ставање на раката под глава. Со спротивната рака се изведува самопрегледот и тоа со јагодиците на показалецот, средниот и домалиот прст и полека, внимателно бараме дали има промени.

Цел на самопрегледот на доjките

Со самопрегледот на дојките, жената навремено може да забележи надворешни промени на дојките, како што се:

  • црвенило, болка, чешање и оток,
  • промени во обликот и големината на дојките ,
  • грутка, било да е безболна или болна
  • исцедок од брадавицата (како млеко, гној, крв),
  • вовлекување на брадавицата кое не постоело предходно,
  • промени во аксиларната регија како црвенило, оток и зголемени лимфни јазли.

Како можни причини за овие промени се: дисплазијата, цистите, фиброаденомите, а неретко и рак на дојка.

Со редовни самопрегледи вклучително и мамографија се намалува смртноста од рак на дојка за 30% и се овозможува навремено дијагностицирање, а со тоа и навремен третман.

Не го игнорирајте проблемот

Многумина кога и да забележат дека нешто се случува со нивното здравје или забележат дека имаат надворешна промена која не е физиолошка, ја игнорираат убедуваќи се дека „ ТОА НЕ МОЖЕ МЕНЕ ДА МИ СЕ СЛУЧИ “. Или често ги користат зборовите „ ЌЕ ПОМИНЕ“. Меѓутоа не смее да се дозволи да помине време и да се игнорира проблемот , пред да се обратите на лекар.

Во секој случај потребен е редовен самопреглед поради тоа што е безбеден, ефтин и ефикасен и доколку се забележи промена потребна е консултација со лекар, кој ќе одлучи кои дијагностички мерки да ги превземе.

 

Д-р Моника Самарџиоска
Д-р Моника Самарџиоска е родена на 12.09.1984 год. во Прилеп, Република Македонија, каде го завршува своето основно и средно образование. Во 2009 год. дипломира на Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. За време на студиите волонтира во студентскиот сојуз и во невладини организации во повеќе наврати, како: волонтер во IFMSA (програма за студентска размена) - 2007 г.; волонтер на Одделот за општа хирургија, Медицински универзитет, Вроцлав – Полска, како дел од програмата за студентска размена - август, 2008 г.; волонтер на 58-мо Генерално собрание на IFMSA - август, 2009г); волонтер во „Националната фондација за трансплантација“. Одлично го познава англискиот јазик, а го изучува и германскиот. Љубител е на планинарење и промовира здрав начин на живот. -Многу ми се допаѓа сајтот затоа што е забавен, поучен и информативен. Доброто здравје треба да се одржува и почитува затоа што здравјето не го цениме доволно се додека не го изгубиме.