Алергија претставува претерана одбранбена реакција на организмот кон алергените.
Механизам на настанување на алергиите
Алергенот е супстанца која е препознаена од имунолошкиот систем, кој пак продуцира IgE антитела против него (фаза на сензибилизација). IgE антителата се наоѓаат на мастоцитите, кои содржат високо активни молекули (медијатори). Кога алергенот повторно ќе навлезе во телото, тој е препознаен од IgE антителата на мастоцитите, предизвикувајќи нивна “експлозија”, со што се ослободуваат внатрешните медијатори, што пак резултира со појава на симптомите на алергија.
Тука погледнете ја видео анимацијата за тоа како настануваат алергиите.
Историја на алергиите
Алергиите биле ретки заболувања до пред 20 век. Во 1906 год. кога истражувањата поврзани со вакцинацијата биле во фокусот на вниманието, педијатарот од Виена – Клеменс вон Пиркет забележал дека пациентите кои примиле инјекции од коњски серум или вакцина за сипаници, вообичаено имаат побрзи, потешки реакции кога ја примаат втората инјекција. За вон Пиркет, тоа била алтерирана реакција – “alos ergon” (од грчкиот allos- различен и ergos- реакција). Тој со кованица од овие зборови го создал терминот алергија. Понатаму, различните форми на алергиски реакции и заболувања започнале да добиваат сопствени термини, како на пример анафилакса (1908) или атопија (1923). Главните дијагностички и терапевтски моменти на напредок дошле рано со создавањето на кожните тестови и имунотерапијата (1911).
Клучното антитело за алергиските реакции – IgE било откриено во 1960 год. Сознанието дека алергијата е еден вид на воспаление донело напредок во третманот: антихистаминиците (1930), кортикостероидите (1950) и антилеукотриените (1990) и ден денес се главни лекови во третманот на алергиите. Моментално, подоброто разбирање за молекуларните механизми на алергијата дава надеж за револуционерни откритија на ова поле.
Алергиите денес
На почетокот на 20 век, на алергијата се гледало како на ретка болест. Оттогаш, повеќе фактори доведоа до пораст на алергиите, кој постепено стана драматичен во последните неколку декади. Претпоставките за моменталната состојба говорат дека до 30% од Европјаните страдаат од алергиски ринитис или конјунктивитис, додека до 20% страдаат од астма и 15% од алергиски афекции на кожата. За многу региони во Европа преваленцата е во пораст. Пиковите на оптоварување кај 2-40 години возрасната група со клинички симптоми на ринитис достигнаа до 45%. Глобалните бројки се уште позагрижувачки. Безмалку половина милијарда луѓе страдаат од ринитис и приближно 300 милиони од астма. Алергиите на храна, исто така, стануваат се почести и се потешки. Окупационите алергии, алергиите на лекови и алергиите на отрови од инсекти (често фатални) додаваат уште поголема комплексност и загриженост. За крај, новите типови на алергиски заболувања и алергии кон претходно не-алергенски супстанци се повеќе и почесто се пријавуваат.
Токму во се поголемата зачестеност на алергиите, лежи мотивот за нивно посебно претставување и разјаснување низ наредните статии.
Во наредната статија ќе стане збор за алергијата на домашна прашина…
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-