Промени во усната празнина при заболувања на белите крвни клетки

0
26

Општо за леукоцитите

Белите крвни клетки (леукоцити) се составен дел од крвта и го штитат организмот од инфекции и други штетни материи. Се создаваат во коскената срцевина, но дел се создаваат и во градната жлезда (тимус), лимфните жлезди, лимфните јазли и слезената.

Постојат три типа на леукоцити:

1. ГРАНУЛОЦИТИ – се создаваат во коскената срж, а најголем дел се во периферната крв. Гранулоцитите можат да бидат:

  • неутрофилни, кои го штитат организмот од бактерии;
  • еозинофилни, кои се борат против паразити, а исто се важни и за алергиските состојби во организмот;
  • базофилни, кои ослободуваат хистамин.

2. ЛИМФОЦИТИ – кружат во лимфниот систем, важни се за имунитетот. Има два типа на лимфоцити:

  • Б лимфоцити, кои се одговорни за хуморалниот имунитет;
  • Т лимфоцити, одговорни за клеточен имунитет.

3. МОНОЦИТИ – најголеми клетки во крвта, имаат фагоцитна улога.

Нормалната вредност на леукоцитите во организмот изнесува 3,5-10×10на9/L. Од нив 50-80% им припаѓа на гранулоцитите, 20-40% им припаѓа на лимфоцитите, а само 2-10% на моноцитите.

Заболувањата на белите крвни клетки можат да бидат малигни – со буење на леукопоетичното ткиво, како и заболувања кај кои е намален бројот на леукоцитите – агранулоцитозa.

Промени во усната празнина при леукемија

Леукемија претставува малигно заболување кое се карактеризира со буење на леукопоетично ткиво во коскената срцевина, ретикулоендотелниот систем (RES) и крвта. Всушност станува збор за бластни клетки, т.н. недиференцирани клетки. Постојат повеќе видови на леукемии, но сепак главната поделба е следната:

А) Според видот на леукопоетичното ткиво:

  • миелоидна леукемија, при што доаѓа до буење на леукопоетично ткиво во коскената срж, слезена итн. Овој тип е карактеристичен за возрасни;
  • лимфатична леукемија, при што доаѓа до буење на лимфоидното ткиво заради што се зголемени лимфните јазли. Овој тип е карактеристичен за детска возраст.

Б) Према времетраењето леукемиите се делат на:

  • акутни, кои започнуваат нагло, карактеристични за деца и млади;
  • хронични, карактеристични за возрасни.

Без оглед за каков тип на леукемија се работи сепак оралните манфестации се доста специфични и се јавуваат на меките ткива и коската.

Екстраорално ваквите пациенти се со бледа кожа, зголемени лимфни жлезди, како субмандибуларните така и цервикалните, можна е појава на петехии на кожата на лицето.

Интраорално кај ваквите пациенти карактеристично е:

  • Зголемена е гингивата заради присутните леукемични инфилтрати во ткивото. Најпрво се зголемуваат интерденталните папили, а хиперплазијата може да достигне толкав размер што може да ја покрие мастикаторната површина на забите и да се поремети џвакањето;
  • Крварење од гингивата заради пореметена коагулација;
  • Петехијални крварења на оралната лигавица;
  • Понекогаш може да има појава на болка и трнење во вилицата заради насобирање на леукемичен инфилтрат во вилиците. Современата медицина денес овозможува добар изглед на должината на ремисија на болеста, а со трансплантацијата на коскева срцевина и потполно излекување. Меѓутоа во текот на хемотерапијата во усната празнина може да се јават слични манифестации како и при болеста, како резултат на дејството на самата хемотерапија. Хемотерапијата дава атрофија на слузокожата на оралната лигавица, а заради депресивното дејство врз коскената срж намален е бројот на еритроцити, леукоцити и тромбоцити, па се јавуваат крварења и различни инфекции во усната празнина.

Третман на стоматолошки заболувања при леукемија

Терапијата секако е комплексна и пред се зависи од моменталната состојба на организмот и прогнозата на самата болест. Затоа е неопходна соработката хематолог-стоматолог. Пациентите со леукемија стоматолошки се третираат во фаза на ремисија на болеста, со исклучок на некои ургентни состојби кои може да се третираат и во акутна фаза. При третманот на ваквите пациенти треба да се води сметка дека заради намалениот број на леукоцити намалена е и општата отпорност на организмот заради што склоноста кон инфекции е поголема, па е потребно да се ординираат антибиотици во тераписка доза, а не во профилактичка.

Во однос на стоматолошкиот третман во акутната фаза од болеста е дозволено само испирање на усната празнина со благи антисептици со цел да се отстранат остатоците од храна кои се одлична подлога за бактериите на и така намалената општа отпорност. Тоа се прави се до оној момент до кога веќе нема услови за отстранување на меки и цврсти наслаги. Тоа секако пред се зависи од бројот на леукоцитите, поточно од крвната слика. Затоа е многу важно пред самиот третман пациентите да имаат направено крвна слика како би можеле да ја видиме состојбата на леукоцитите односно на крвните клетки воопшто. Исто така се применуваат и средства за епителизација на лезиите, како и средства за обезболување.

Промени во усната празнина при агранулоцитоза и нивен третман

Агранулоцитоза е заболување на крвта кое се карактеризира со намалување на вкупниот број на леукоцитите. Бројот на гранулоцитите е помал од 2000 на милиметар квадратен. Може да биде последица на бактериска инфекција, но може да е последица и на примена на некои лекови: антибиотици, цитостатици, сулфопрепарат, аминопирин и други.

Кај агранулоцитозата заради намалениот број на неутрофили зголемен е ризикот кон појава на инфекции па затоа самиот стоматолошки третман се состои во олеснување на субјективните тегоби, примена на антисептици и внимателно отстранување на меки наслаги. При тоа задолжително да се ординира антибиотска терапија како превентивна мерка.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

Д-р Марина Прентовска
Д-р Марина Прентовска е родена на 12.08.1982 година во Охрид. Средно образование завршува во ДСМУ "Д-р Јован Калаузи" - Битола. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при универзитетот "Св.Кирил и Методиј" - Скопје во 2009 година, каде се стекнува со титулата доктор по општа стоматологија. -Доктори.мк е одлично место каде што може да се изнесат знаењата и искуствата од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, давајќи интересни, информативни и корисни совети за читателите. Драго ми е што сум дел од тимот на Доктори.мк.