Прашања и одговори за HPV

0

Дали редовната контрола со Пап – тестот е навистина доволна превентивна мерка против ракот на вратот на матката?

Не. Спроведувањето на Пап-тестот еднаш годишно не е потполно сигурна метода за скрининг на ракот на вратот на матката. Бројни студии во развиените земји покажале дека и покрај редовните Пап контроли, напредниот стадиум на карцином на цервиксот бил присутен и кај жените кои на редовните контроли имале уредни Пап тестови. Резултатот на самиот Пап тест може да биде грешен во 20-40% од случаите, па новите светски препораки се покрај досегашниот Пап- тест да се вклучи и ХПВ ДНА тест т.е. типизацијата. Пап тестот половина век бил единствен тест за скрининг на карциномот на цервиксот па и ден денес се користи диференцијално дијагностички кога постои сомнеж за ХПВ инфекција. Со него можат да се воочат и други воспалителни, механички, хемиски и хормонски промени. Важно е секогаш да се нагласи дека секој абнормален наод на Пап тестот не значи она најлошото – рак.

Колку се веродостојни наодите од Пап тестот?

Во текот на земањето и интерпретирњето на резултатот од Пап тестот можни се лабораториски и човечки грешки. Дури и во најдобрите лаборатории точност на наодот се проценува до 80%. Точноста на Пап тестот, надополнет со ХПВ тестот, колпоскопијата и хистолошка анализа е скоро 100%. Важно е да се направи во првата половина на менструалниот циклус и 48 саати пред тестот да не се користат вагиналети, креми и да се избегнува вагинален однос за примерокот од клетки да биде задоволителен. Абнормален наод со различен степен на дисплазија упатува на можна ХПВ инфекција и зголемен ризик за појава на рак ако таквата инфекција со години перзистира, што не значи дека со сигурност се работи за карцином. Повеќето такви инфекции, посебно предизвикани од нискоризичните типови на ХПВ, спонтано се повлекуваат.

Може ли со Пап тестот да се дијагностицира карцином?

Сомневањето на карцином може да се постави со Пап-от, ама дијагнозата се потврдува со биопсија и хистолошка анализа. Со Пап-тестот можат да се откријата промени кои наликуваат на крцином, а со биопсија ќе се постави точна дијагноза од примерок на ткиво земено во длабочина а не само површински слој на клетки.

Колку видови на карциноми на вратот на матката има и дали го предизвикуваат само ХПВ вирусите?

Денес научниот став на специјалистите е дека нема карцином на цервиксот без претходна перзистирачка ХПВ инфекција.

Повеќето се карциноми на плочестиот епител (85-90%), додека аденокарциноми (тумори од жлездениот епител) се 10-15%. Денес во најновата литература се спомнуваат тумори кои се доста ретки: саркоми, неуроендокрини тумори но и лимфоми.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

Д-р Љубица Миќуновиќ
Д-р Љубица Миќуновиќ е родена на 18 февруари 1986 година во Охрид. Основно и средно образование завршила во родниот крај. Веднаш по средното образование се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје, отсек општа медицина. Дипломирала во јули 2010 со просек 9,65. Во текот на стажирањето посебно интересирање побудила кон анестезиологијата и интензивното лекување, поради што запишала специјализација по анестезиологија со интензивно лекување. Активно ги следи новитетите во областа на медицината и учевствува на семинари и конгреси. На 31-виот Интернационален медицински научен конгрес одржан во Охрид 2008година земала учевство со темата: „Pemphigus vs. Carcinoma“. -Голема чест и привилегија е да се биде дел од тимот на доктори.мк. Многу сум благодарна што ми е укажана можноста со заеднички сили на моите колеги и посетители на оваа веб страна да бидеме чувари на здравјето, да ги откриеме и разјасниме сите заблуди, да презентираме нови научни откритија и со тоа да бидеме побогати со знаење а со тоа и способни за живот. Треба да се води сметка! Овој живот не трае милион години, туку еден ограничен период, па секој ден е мало богатство. Затоа „живеј мудро, живеј здраво“.