Нарушувања на виличниот зглоб

0

Виличниот (темпоромандибуларен) зглоб е подвижен зглоб кој ја поврзува долната вилица (mandibula) со слепоочната коска (со базата на черепот). Се наоѓа веднаш пред увото, од двете страни на лицето. Овој зглоб и овозможува на долната вилицата да се движи непречено нагоре и надолу, кон едната и кон другата страна, овозможувајќи и вршење на важни функции како што се: џвакање, зборување, проѕевање итн. Виличните мускули ги контролираат движењата на мандибулата.

Што ги предизвикува нарушувањата на виличниот зглоб?

Нарушувањата на виличниот зглоб може да се од непозната природа, може да се поврзани со нарушувања на виличните мускулите или нарушувања на самиот зглоб. Може и да се симптоми на некое системско заболување.

Причините за овие нарушувања вклучуваат:

  • Повреда на мускулите или виличниот зглоб предизвикани од удар или некое друго влијание;
  • Бруксизам – шкрипење или стискање на забите од горната и долната вилица;
  • Неправилна оклузија (пореметување на забниот низ поради неправилни протетски изработки или изгубени заби);
  • Лоши навики (грицкање разни предмети, нокти, претерано џвакање мастики);
  • Стоматолошки процедури каде имаме пролонгирано отварање на устата;
  • Инфекција на виличниот зглоб;
  • Остеоартритис или реуматоиден артритис;
  • Стрес, каде имаме долготрајно стискање на забите;
  • ‘Рскавичниот диск во состав на виличниот зглоб со тек на време еродира;
  • Нарушување на развојот на виличните коски, итн.

Кои се симптомите?

Симптомите на овие нарушувања вклучуваат:

  • Крцкање, кликање на виличниот зглоб при отворање и затворање на устата;
  • Болка во пределот на виличниот зглоб, лицето и вратот, која е константна или се јавува во одредени периоди;
  • Чувство на непријатност при џвакање;
  • Ограничена можност за отворање на устата многу широко;
  • Приклештување на зглобот при отворена или затворена уста.

Овие нарушувања може да се пропратени со главоболка, вртоглавица, напнатост во пределот на вратот, чувство на затнатост во ушите и зуење во ушите (тинитус).

Како се дијагностицираат?

Дијагнозата најчесто се поставува врз основа на симптомите и клиничкиот преглед.

Клиничкиот преглед опфаќа:

  • Пациентот се поставува во седечка положба;
  • Докторот ги поставува двата прста во пределот на зглобот;
  • На пациентот му се кажува бавно да ја отвара и затвара устата.

Најчесто не се потребни дополнителни тестови. Во некои случаи се изведуваат крвни анализи (CRP – за присуство на инфламација), артроскопија и ортопантомографија.

Како се третираат?

Терапијата на овие нарушувања најчесто е насочена кон отстранување на причинителот кој што довел до нивна појава. Таа се состои во мерки кои ја намалуваат болката и непријатноста на зглобот, а тоа се најчесто:

  • Штедење на зглобот” – подразбира избегнување екстремни движења на вилицата (широко отворање на устата, зевање, пеење, викање, итн.)
  • Јадење мека храна – избегнувајте тврда и крцкава храна (јаткасти производи, моркови, карамели, мастики, итн.), храна за која е потребно широко отворање на вашата уста;
  • Ладни облоги на мускулите околу виличниот зглоб;
  • Лекови – краткотрајна употреба на лекови против болки и воспаленија и миорелаксантни лекови. Лековите против анксиозност може да помогнат да го намалите стресот кој се смета дека ја влошува состојбата на овие нарушувања. Мускулните релаксанти и анти-анксиозните лекови се земаат само со издадена рецепта од страна на вашиот доктор;
  • За пациентите кои страдаат од бруксизам се препорачуваат штитници кои се носат за време на спиење, со цел да се намали оптовареноста на зглобот. Се носат одреден период;
  • При нарушена оклузија потребно е протетско надоместување на изгубените заби (коронки, мостови, протези);
  • Ако причината за појава на овие нарушувања е растројство, анксиозност и долготраен стрес, треба да се обратите на психотерапевт кој ќе ви предложи соодветна терапија за надминуваање на состојбата.

Кај потешките случаи се користат неколку инвазивни методи, меѓу кои ќе ги наведеме: интра-зглобна инјекција на стероиди или хијалуронска киселина и хирушка интервенција (се изведува кога конзервативните третмани не се успешни) чиј успех во голема мера е сомнителен. Таа е последна терапевтска опција која ќе ви ја препорача вашиот стоматолог или доктор, бидејќи голем број на специјалисти од областа на максилофацијалната хирургија препорачуваат да се избегнува секогаш кога постои некоја друга терапевтска можност.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Марија Станоевска
Родена е на 28.01.1985 год. во Крива Паланка. Средно образование завршува во гимназијата „Ѓорче Петров”, општа гимназија во Крива Паланка. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. Се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. Со лиценца за работа од Стоматолошката Комора на РМ се стекнува во 2010 год. Има учествувано на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Посебен интерес покажува кон детската стоматологија и ортодонција. Зборува англиски, германски и италијански јазик. -Голема чест ми е да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Овој портал и нуди на македонската јавност многу корисни совети од областа на здравото живеење, ја информира за најновите достигнувања од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата. Искрено се надевам дека и јас како дел од тимот ќе придонесам во остварувањето на заедничката цел, а тоа е да создадеме здрава и едуцирана нација.