Мали, ситни, виолетово-црни бобинки – многу здрави и корисни плодови. Црноплодoвaта аронија (aronia melanocarpa) која спаѓа во фамилијата на рози, во Европа е донесена од Северна Америка. Први почнале да ја употребуваат тамошните нативни жители. Освен зрелите плодови, како лек ги употребувале и листовите и кората. Има висока отпорност на сите видови штетници и болести. Може да издржи температури и до -45 степени Целзиусови и затоа го добила името Сибирска боровница.
Лековитото дејство на аронијата
Не постои орган во човечкото тело на кој аронијата не влијае позитивно.
- ја подобрува циркулацијата во крвните садови на главата и помага при главоболка и мигрена, го регулира излачувањето на тироидните хормони;
- го намалува високиот крвен притисок, го намалува шеќерот во крвта и помага кај атеросклерозата и тромбозата;
- ги намалува болките во желудникот, го смирува воспалението на слузницата, грчевите во цревата и помага во сопирање на дијареата;
- интересен е фактот дека аронијата помага во лекувањето на воспалението на уринарниот тракт и простатата, дури 5 до 10 пати повеќе од брусницата;
- влијае на подобрување на функцијата на панкреасот и излачувањето на жолчката, помага при воспаление на жолчниот меур и жолчните канали;
- истражувањата на руските научници покажале дека аронијата го забрзува излачувањето на тешките метали како и некои радиоактивни елементи од телото. По нуклеарната катастрофа во Чернобил плодовите на аронијата биле користени за ублажување на здравствените тегоби на озрачените лица;
- зрелите плодови на аронијата содржат и различни биофеноли кои го забрзуваат зараснувањето на раните;
- содржат и големо количество на каротен кој ги штити клетките од оштетување, очите од настанување на катаракта, а кожата од опасни изгореници од сонцето и дава заштита од штетното УВ зрачење.
Антиканцероген ефект
Зрелите плодови на аронија содржат големо количество на биофеноли, пектини 0.75%, танини 0.5%, флавоноиди и антоцијанини, кои ги има најмногу од сите до сега познати овошја (1480 мг во 100 грама аронија). Материите како флавоноиди, ги штитат клетките на телото од оштетување и канцерогенеза. Една американска студија открива дека откако бил воведен екстракт од аронија во лекување на високо развиен тумор на мозокот, за 24 часа настанало скоро целосно уништување на туморските клетки, додека ефектот кај карциномот на дебелото црево бил 60% уништеност на малигните клетки.
Аронија – најголем извор на антиоксиданси
Големата количина на флавоноиди и танини, ја прави аронијата еден од најголемите извори на антиоксиданси. Американските научници откриле дека само 100 грама аронија има потенцијал од 16 000 ORAC единици (oxygen radical absorbance capacity) – единици за оксидативен капацитет, додека препорачана дневна доза е 3-5 илјади единици. Оттука произлегува дека за обезбедување на оптимален антиоксидантен капацитет доволна е дневна конзумација на само 10-20 грама концентрат од аронија.
Витаминска бомба, рудник на минерали
Плодовите на црната аронија се вистинска витаминска бомба. Таа ги содржи скоро сите познати витамини (А, Ц, Д, Б9, Б6, Б2, витамин Е и бетакаротен), како и еден од најретките витамини – витаминот П. Само 100 грама плодови аронија ги задоволуваат средните потреби на организмот за фолна киселина. Воедно претставува и рудник на минерали како калциум, калај, железо, манган, молибден, јод и фосфор. Аронијата содржи релативно висока концентрација на шеќери од околу 10% и ниска содржина на киселини од само 1%.
Иако аронијата потешко се наоѓа кај нас, имајте предвид дека само десетина бобинки аронија дневно сигурно водат кон здрав живот.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-