Амалгамска тетоважа

0

Амалгамот е самоврзувачки метал со различен процент на жива и сребрена прашина. Забниот амалгам се состои од 43% до 54% жива, а остатокот е сребро, калај, бакар и цинк. Амалгамот е доста распространет материјал кој сеуште се користи во стоматолошките ординации, при поголеми надокнади, и покрај новите стоматолошки материјали како што се композитите (бели пломби).

Амалгамската тетоважа се јавува покрај полнењето на забот со амалгамска пломба. Доколку дојде до оштетување на слузницата во близина на амалгамското полнење, честичките од амалгам лесно може да се најдат во ткивото и да настане пребојување на слузницата. Амалгамска тетоважа е назив за темносиво обоена промена на оралната лигавица која настанува со инкорпорација на амалгамските честички во внатрешноста на ткивото.

Како доаѓа до пребојување?

Амалгамската прашина или струготини можат да дојдат во ткивото во тек на изработка,обработка или отстранување на амалгамското полнење и во ткивото остануваат трајно.

Како да препознаете амалгамска тетоважа?

Амалгамската тетоважа се воочува како темна дамка на слузницата со темносива до црна боја. Најчесто е локализирана покрај амалгамската пломба, но може да се појави и на букалната лигавица, тврдо непце и на подот на усната шуплина. Наодот се потврдува со рентген снимка на која се воочуваат амалгамските честички задржани во ткивото на оралната лигавица.

Симптоми и терапија?

Промената е потполно асимптоматска, а лекување не е потребно. Може да се отстрани од естетски причини, со тоа што се отстранува дел од слузницата зафатена со самата промена со мал хируршки зафат.

Д-р Марија Димитријевска
д-р Марија Димитријевска е родена на 21.06.1980 во Делчево. Средно образование завршува во ДСУ "М.М.Брицо" - М.Каменица, општа гимназија. Дипломира на Стоматолошки факултет при Универзитетот Св "Кирил и Методиј" - Скопје, каде се стекнува со назив доктор по општа стоматологија. -Доктори.мк е одличен портал кој овозможува добра едукација на пациентите од сите области на медицината и решавање на многу нивни дилеми поврзани со здравјето. Чест ми е што сум дел од тимот на доктори.мк.