Пролетно чистење на организмот – Прв дел

Новото годишно време треба да го дочекаме свежи, здрави и со обновена енергија. Ова е вистинско време да го ослободите телото од отровите и од некој вишок килограм наталожен во организмот во текот на пасивните зимски месеци. На пролет самото тело минува низ природен процес на прочистување, но и самите треба да му помогнеме да се ослободи од отровите на модерното време. Менувајќи го начинот на исхраната, внесувајќи повеќе течности и добивајќи сосема нови навики на нега и грижа за нашиот изглед.

На пролет нашето тело минува низ процес на детоксикација и отстранување на наталожените токсини во кој учествуваат органите како дебелото црево, бубрезите, градниот кош, лимфните јазли и кожата. Отровите на модерното време како што се загадувањето, разните хемикалии и другите отровни материи главно се насобираат во масното ткиво. Затоа напролет и нашата исхрана треба да биде полесна, за да почне прочистувањето на организмот од тешката зимска храна и неактивноста.

Од житариците треба да им се даде предност на јачменот, просото, хељдата и ‘ржот, а да се намали внесувањето на производи од бело пченично брашно. Во ова време се препорачува да се зема што повеќе зелен листест зеленчук. Од овошјето изберете јаболко, портокали, киви но и друго суво овошје. Млечните производи нека бидат со помал процент на масти. Освен правилниот избор на намирници, важно е и колкаво количество на храна ќе внесете во организмот. Има луѓе кои не го чувствуваат рефлексот на ситост, па по оброците чувствуваат тежина во желудникот и во целото тело.

Храната ја внесуваме за да ни даде енергија и да му помогне на организмот во правилното обработување и искористување на хранливите материи. Затоа желудникот не смее никогаш да биде повеќе од 2/3 полн. Од ова, дел секако треба да биде вода која во мали голтки можете да ја пиете во текот на оброкот.

СОВЕТИ ПЛУС:

  • Внимавајте овошјето да не го консумирате веднаш по главното јадење бидејќи така се задржува подолго време во желудникот. Нека Ви биде тоа ужина која ќе ја земете 2 часа после главниот оброк.
  • Не пијте течност по месен или рибен оброк.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!