Реанимација при респираторен арест (престанок на дишење)

0

Секој од нас, без разлика дали е медицинско лице или не, во секојдневието може да биде затекнат од несакана ситуација во која може да е загрозен и животот на наш пријател или случаен минувач. Навременото, би рекол, реагирање, може да спаси понекогаш и човечки живот. Токму од таа причина, следат неколку медицински совети за укажување на итна помош. Во овој текст се претставени општите мерки за реанимација при респираторен арест.

Респираторен арест е состојба каде дишењето во потполност прекинува и не може повторно да се воспостави без примена на адекватни терапевтски мерки.

Причина

Респираторниот арест може да настане како последица на кардијален арест или како потполно независна состојба – опструкција на дишните патишта и асфиксија, мозочен удар со оштетување на центарот за респирација, интоксикација, респираторни болести итн.

Реанимација

Најлесен начин за помнење на редоследот на постапки кај општите мерки за реанимација е таканаречениот АБЦД (ABCD) систем.

A – Airway

Првата во низата мерки е одржувањето на проодност на дишните патишта (Airway). Болниот се поставува на грб, на тврда подлога. Со помош на прст се прави брза експлорација на усната шуплина. Притоа набрзина треба да се отстрани се што би можело да го оневозможи минувањето на воздухот, вклучително и мобилните протези. Главата на пациентот се екстендира на тој начин што со дланката на едната рака челото на пациентот се потиснува кон назад, а истовремено со прстите на другата рака се подигнува долната вилица, со помош на показалецот и средниот прст, фаќајќи ја под коскениот дел на брадата.

B – Breathing

Вториот чекор е проверка дали постои спонтано дишење кај пациентот (Breathing). Лицето кое ја спроведува реанимацијата се наведнува над устата и носот на пациентот и слуша дали постои звук на дишење. Истовремено се набљудува дали постои некакво движење на градниот кош и стомакот. Доколку се утврди дека пациентот не дише, потребно е да се спроведе вештачко дишење.

Вештачкото дишење се спроведува со вдишување на воздух од страна на реаниматорот преку методата уста на уста или уста на нос. Усните на настраданиот се чистат од туѓите содржини, преку нив се поставува шамивче или нешто слично. Реаниматорот се наоѓа странично во однос на настраданиот, едната рака ја повлекува под вратот (и нешто пониско), го подига вратот на болниот, на тој начин што главата спонтано паѓа долу и назад со темето. Со палецот и показалецот на другата рака ги затвора носниците, со дланката на истата рака го притиска челото и ја турка главата што повеќе кон доле и назад, на тој начин брадата завзема највисока положба. Длабоко вовлекува воздух, ја прислонува устата на устата на болниот и го вдувува воздухот, внимавајќи со своите усни добро да ги опфати усните на болниот, за да се избегне губиток на воздух.

Потоа реаниматорот ја ослободува устата на болниот и овозможува воздухот што го вдувал спонтано да излезе. Првите десет вдувувања се изведуваат брзо и непрекинато, а потоа вдувувањето продолжува рамномерно во ритам на нормалното дишење (12-14 во минута). Се проверува успешноста на вдувувањето со оценка на појавата на синхроните движења на градниот кош.

C – Circulation

Следниот чекор е проверка на циркулацијата (Circulation) со палпирање на пулсот на артерија каротис или артерија феморалис. Во случај на недостаток на пулс се пристапува кон надворешна масажа на срцето. Надворешната масажа на срцето треба да започне веднаш штом прекине или сериозно ослабне работата на истото. Тоа може да се заклучи по тоа што не може да се напипа пулсот на артериите на вратот, рацете или нозете, а повредениот веќе ги проширил зениците и попримил мртовечки изглед.

Масажата на срцето се изведува со рамномерен и силен притисок во пределот на спојот на горните две третини и долната третина на стернумот (градната коска). Потиснувањето на стернумот кон ‘рбетниот столб од 3,5-5 см, врши масажа на срцето. Лицето кое му помага на реаниматорот ги крева нозете на болниот, со цел што повеќе крв да се пренесе кон срцето и мозокот. Околу 2 см над крајот на градната коска се поставуваат коренот на дланката на едната рака и преку неа коренот на дланката на другата рака.

Рацете се истегнати во лактовите, а рамената се наоѓаат над градната коска, бидејќи така тежината на реаниматорот се пренесува на неговите раце, со цел компресијата на срцето да биде што поефикасна. Прстите на рацете не го допираат градниот кош. Рацете не се одвојуваат од пределот на градната коска при следните компресии. Ритамот на компресиите според различни школи е скоро секогаш сличен и со мали модификации изнесува 80-100 во минута, а после секоја триесетта компресија се извршуваат две вдишувања на воздух и во тој момент компресии не се изведуваат – однос 30:2. Проверка на успешноста се обавува после две минути од реанимацијата.

Знаци на успешна реанимација: Се напипува пулс на артериите на вратот или нозете, зениците не се максимално проширени, се подобрува бојата на кожата, се јавува мускулен тонус, градниот кош спонтано и ритмично се подига.

D – Drugs

Следи фазата на примена на лекови (Drugs). Лековите кои ќе бидат применети зависат од состојбата која довела до респираторен арест.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Стеван Цветкоски
Д-р Стеван Цветкоски е роден на 22.03.1985 год. во Прилеп, каде го завршува своето основно и средно медицинско образование. Дипломира на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2011 година и се стекнува со титулата доктор на општа медицина. За време на студирањето активно е вклучен во Сојузот на Студенти и Студентскиот Парламент на Медицински Факултет како: Во август 2010 год. работи на Оперативен оддел и Оддел за патолошка бременост при „Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство” – Скопје, Р.Македонија. Во периодот мај 2012 – април 2013 работи како доктор по општа медицина во Поликлиника НЕУРОМЕДИКА – Скопје. Моментален ангажман: Специјализант по трауматологија и ортопедска хирургија ( Баден-Вуртемберг, Сојузна Република Германија). Д-р Стеван Цветкоски во текот на својата богата активност има посетувано медицински конференции во Република Македонија и надвор од неа и се има стекнато со многу вештини од областа на медицината, како и надвор од тоа поле, меѓу кои се и тимската работа, односи со јавност, организациони способности, стратешко планирање, говорни вештини, како и многу други. Одлично ги познава англискиот и германскиот јазик. Член на Извршен Одбор на Сојуз на Студенти на Медицина на Македонија при Медицински Факултет – Скопје, 2007-2008; Генерален Секретар на Студентски Парламент на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Наставно-Научен Совет на Медицински Факултет – Скопје, 2008-2010; Член на Комисијата за Настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, 2008-2009; -Чест и задоволство е да се биде дел од тимот на Доктори.мк. Ова е одлично место каде што еден млад доктор со свои статии може да придонесе за здравствената едукација како на обичните читатели, така и на медицинскиот кадар. Едно големо браво за идејата за веб-сајтот и за професионалниот уреднички тим кој ги обединува докторите од целата држава на ваков интересен начин.