Пародонтопатија – превенција, терапија и прогноза

Превенција

Пародонтопатијата може да се спречи со секојдневно правилно миење на забите и чистење со забен конец (наутро и навечер). Исто така потребни се и редовни посети на стоматолог заради професионално чистење на забите и отстранување на забниот камен. Доколку пушите цигари, одвикнувањето односно престанувањето со пушењето ќе го намали ризикот од оваа болест.

Терапија

Терапијата е долготрајна затоа што пародонтопатијата е болест која може да се повтори и поради тоа мора да биде под контрола. Единственото трајно решение е превенцијата.

Третманот кој Ви е Вам потребен зависи од сериозноста на болеста, односно од стадиумот на пародонтопатијата. Стоматолозите ја класифицираат пародонтопатијата како блага, умерена или тешка пародонтопатија.

Во почетната фаза, кога ќе настане гингивитис, лечењето е многу едноставно затоа што џебовите се незначително малечки и за нив не е потребен посебен третман. Забниот камен (тврдите наслаги на забите) и денталниот плак се отстрануваат со специјален апарат кој користи ултразвучни вибрации кои го разбиваат забниот камен. После ултразвучниот третман забите се полираат со четкица и гумичка со додавање на специјална паста за полирање, до потполно отстранување на наслагите. Се препорачува плакнење на устата со посебен раствор, а во некои случаи се препорачува и медикаментозна терапија.

Доколку стоматологот евидентира пародонтални џебови, после базичната терапија се пристапува кон елиминација или намалување на истите. Во зависност од локализацијата и другите особини на пародонталните џебови, се превзема нивна обработка (киретажа) или хирушко лечење (резен операција). Интервенцијата е безболна и се прави со локална анестезија.

  • Киретажа на пародонтален џеб

Обработката на пародонталните џебови е тераписки третман со кој се отстрануваат сите патолошки изменети ткива во пародонциумот. Како што во текот на обработката на пародонталниот џеб со соодветна кирета се отстранува дел од патолошки изменетото ткиво на гингивата, така овој третман се вика киретажа на пародонтален џеб.

  • Резен операција

При хирушкиот зафат (резен операција) се прави рез на гингивата која се подига и со тоа се постигнува добар пристап до пародонталниот џеб. Со ова се овозможува потполно отстранување на патолошки изменетото ткиво под директна контрола на окото. Во случаи со тешки коскени разорувања и присуство на длабоки инфракоскени џебови, таму кај што тоа е возможно, дефектот се надокнадува со вештачка коска во облик на гранула. По извршениот зафат гингивата се шие, а конците се отстрануваат по 10 дена.

Прогноза

Прогнозата е подобра ако пародонтопатијата се дијагностицира на време. Кога ќе почне да се губи дел од виличната коска изгледите се значително лоши. Важно е пушачите да пронајдат начин да престанат со таа лоша навика.

Кога Вашата пародонтопатија е под контрола, редовното миење и чистење на забите со забен конец продолжува понатаму. И запаметете, потребна е редовна посета на Вашиот стоматолог!!!

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!