Лековите и бојата на забите

Употребата на различни лекови има влијание врз бојата на забите. Забите може да ја променат својата природна боја без разлика дали лековите се консумираат “внатрешно” (таблети или сируп) или “надворешно” (креми).

Надворешните (“extrinsic”) дисколорации на забите се оние површните, кои може да се остранат со полирање на забите. Добро познати лекови и супстанции кои се најчести причинители на ваквите пребојувања на забите се следнивe:

  •  Хлорхексидин (за мачкање на устата, се употребува за лекување на промените на оралната слузница)
  •  Соли на железо за орална употреба во течна форма
  •  Есенцијални масла
  •  Амоксицилин со клавулонска киселина, антибиотик

Внатрешните (“Intrinsic”) причинители за пребојувања на забите ги пребојуваат забите во нивната структура. Последица на ова е интерференцијата на лекови во процесот на дентиногенезата т.е. лекот делува во процесот на создавање на забот и ваквата боја е постојана. Лекови кои го даваат овој ефект се следниве:

  1. Флуориди – И покрај тоа што одамна е познато нивното позитивно делување врз здравјето на забите, малку се знае дека флуорот, во поголеми дози, и тоа како може да го пребои забот и да доведе до тн дентална флуороза.
  2. Тетрациклини – Во раните 60-ти тетрациклините се појавиле како нови, моќни антибиотици, а подоцна, во 1966г. се утврдил нивниот негативен ефект врз забите – трајна пребоеност на забите (“тетрациклински заби”). Тие се вградуваат во забите во текот на калцификацијата како фаза на развој на забот. Доколку трудниците ги земаат овие лекови во вториот и третиот триместар од бременоста може да доведат до тоа бебето да има промена на бојата на забите. Забите може да станат бледо жолти во текот на растот на детето, а дамките да бидат кафени или сивкасти. Бидејќи главниот дел од минерализацијата на трајните заби завршува до осмата година од животот на детето (освен умниците), тетрациклините пожелно е да се одбегнуваат да се употребуваат барем до оваа возраст.
  3. Миноциклин – Сеуште не е утврден механизмот на делување кај дисколорацијата предизвикана од овој лек. Бојата на забите може да се промени и покасно, после извесно време од употребата на овој лек. Ваквите заби наликуваат на тетрациклински пребоени, но се со зеленкасто-сиви и плавичасто-сиви нијанси.
  4. Ципрофлоксацин – Овој лек дава зеленкаста пребоеност на забите. Ова може да се случи кај децата кај кои интравенски се ординира овој лек.

Кај ваквите Intrinsic дисколорации повеќе е изменета бојата на дентинот, отколку бојата на глеѓта. Ваквите заби, после процесот на избелување не даваат никакви резултати. Нивната пребоеност е постојана.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или ремитување

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!