Избелување на забите – тренд кај младата популација

Избелувањето на забите е козметички третман за забите со кој се избелува природната боја на вашите заби.

Со текот на годините природната белина на забите може да стане нечиста поради пушењето цигари, храната, некои лекови и некои пијалоци како што се кафето, чајот и црвеното вино. Избелувањето на забите е третман со кој на вашите заби ќе им ја вратите нивната природна белина во многу краток временски период.

Во некои случаи избелувањето на забите не може да биде добар избор заради состојбата во која се наоѓаат забите. Доколку на пример имате бели пломби, процесот на избелување нема да покаже никакви резултати.

Исто така невозможно е да се избелат забните протези или мостовите. Колку повеќе забите се потемни, толку е помала веројатноста на делувањето на процесот на избелување, но луѓето со жолтеникави заби ќе забележат голема разлика. Вашиот стоматолог може да ви каже кое е за вас најдобро решение. Доколку процесот на избелување е невозможен ќе ви ја препорача најдобрата алтернатива за вашите заби.

Процес на избелување на забите

Избелувањето на забите кое ќе го направи вашиот стоматолог обично го прави со средства за избелување (избелувачи). Повеќето од избелувачите содржат или хидроген или карбамид пероксид кои ќе се разградат на забите и ќе допуштат кислородот кој го ослободуваат да го исчисти забот од наслагите кои го обојуваат. Но, на ваков начин неможе секогаш да се добие саканата белина на забите.

Стоматологот најпрво става заштита на гингивата, тоа обично се гумен калап или некоја врста на гел, а потоа средството за избелување ќе го нанесе со помош на гумениот калап изработен специјално за вашите заби. За да се изврши процесот на избелување потребно е стоматологот да го посетите два до три пати, а комплетниот процес не би требало да трае подолго од еден месец.

Посетата кај стоматологот можете да ја комбинирате со избелувањето кое можете да го правите и дома. Во домашни услови ќе морате редовно да употребувате средство за избелување во временски период од околу 30 минути, во текот на 2 до 4 седмици. Вашиот стоматолог ќе ви каже колку често ќе треба да го нанесувате средството за избелување.

Што потоа?

После процесот на избелување на забите, ќе морате малку повеќе да се грижите за вашите заби. Тоа подразбира нивната хигиена да биде на највисоко ниво и да го намалите пушењето, да не пиете многу кафе и да не јадете многу обоена храна. Со тоа подолго време ќе ја зачувате вашата холивудска насмевка!

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!