Говорот на забите – прв дел

Усната шуплина е огледало на животот и здравјето на секој поединец. Здрави и убави заби имаат тие кои се грижат за своето здравје и изглед.  Доколку се видливи кариозни предни заби или премногу наслаги од забен камен се добива впечаток на луѓе со ниска здравствена и естетска посветеност. Ортодонтскиот апарат кај децата, а особено кај повозрасните луѓе говори дека тие пациенти се спремни за правилен забен низ да го вложат своето време, трпение, но и пари, затоа што сакаат убава насмевка. Забниот накит, денес се повеќе присутен кај младата популација, укажува на модна посветеност на тие пациенти кои сакаат да ги истакнат своите заби и насмевка.

Стоматогнатниот систем на човекот е дел од организмот од кој е можно да се  дознаат бројни податоци за животот и здравјето на пациентот.

Со анализата на стоматогнатниот систем е можно да се добие информација за здравствениот статус на пациентот, возраста, полот, расата, социоекономскиот статус, навиките, професијата, исхраната и слично. Со примената на различни истражувачки модели и техники со кои се служи форензичната стоматологија, може да се добијат податоци независно дали се проучува жив или мртов човек. Дури може да се истражуваат и скелети стари повеќе години.

Забите и половите

Забите кај мажите и жените се разликуваат  во однос на големината и морфолошките обележја. Мажите имаат поголеми заби, додека забите кај жените во просек се помалечки. Ова особено е изразено во вторите катници и песјаците. Освен тоа, забниот низ кај жените има облик на полуелипса или парабола, а кај мажите четвртаст облик. Абразијата или трошењето на забите е стекнато морфолошко обележје по кое се разликуваат мажите од жените. Поради снажните џвакални мускули и поголемата џвакална сила, мажите  имаат повеќе абрадирани заби.

 Забите и возраста

Со анализата на забите и нивниот степен на развој, можно е со висока прецизност да се одреди возраста на човекот. Техниките за одредување на денталната возраст се разликуваат зависно од тоа дали се работи за дете или возрасен човек. Возраста кај возрасните се одредува врз база на абразијата на забите, проѕирноста на дентинот на коренот на забот, облитерација на пулпината комора, ресорпција на алвеоларната коска, ресорпција на коренот на забот и слично.

 

Забите и здравствениот статус

Многу од составните болести на организмот можат да се манифестираат и препознаат во усната шуплина затоа што предизвикуваат промени и оставаат трага врз меките и тврдите ткива во усната шуплина. Болестите во детството кои се пропратени со висока температура додека забите се во развој  можат да предизвикаат хипоплазија на емајлот, што станува видливо кога ќе изникнат трајните заби.  Квалитетот на тврдите забни ткива погодени од генетски пореметувања како што е amelogenesis imperfecta и dentinogenesis imperfecta  е многу слаб и таквите заби многу брзо се “трошат”и пропаѓаат. Оние пациенти кај кои исхраната е пореметена (булимија / анорексија) и често повраќаат, можно е на забите да се пронајдат карактеристични ерозивни промени. Пациентите кои примаат хемотерапија во устата имаат намалено лачење на плунка и зголемена зачестеност на забен кариес.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Кристина И. Стојаноска - Алоска
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска е родена 1984 год. во Охрид. Средно образование завршува во гимназијата “Св. Климент Охридски” , природно - математичка насока, во 2003 год. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2008 год. Учествувала на повеќе конгреси, семинари и работни курсеви од областа на стоматологијата. Професионален ангажман: Работи во Стоматолошката ординација „Д-р Каланоска“ - Охрид Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!