Аронијата е овошје со бобичаста форма кое најмногу наликува на плод од боровница.
Ја нарекуваат сибирска боровница од две причини. Првата е поради тоа што иако потекнува од Северна Америка, најраширена е во Русија, а втората поради тоа што е отпорна на многу ниски температури.
Аронијата добро ја поднесува ладната зима и може да опстои на мраз до -45 степени Целзиусови. Таа е растение кое расте во облик на грмушка и доколку има доволно простор може да достигне висина од околу 2 метри. Нејзиниот плод се јаде и има многу лековито дејство и може да се бере и после два месеци откако ќе созрее.
Северноамеричките Индијанци аронијата ја користеле за исхрана, притоа плодовите ги сушеле и ги мелеле па ги комбинирале со месо. Свежите плодови најчесто ги употребувале како лек за стомачни тегоби (желудочни и цревни тегоби ), а листовите и кората ги користеле како чај со кој се спречувало крварењето од рана. На Европскиот континент е доведена од Источниот дел на Северна Америка. Најпрво се населила во Русија, Финска и Шведска. Како украсна грмушка или како овошка, аронијата не бара посебни услови за раст.
Може да се сади и на малку плодна почва. Отпорна е на ниски температури и на доцните пролетни мразеви и затоа успева во поладни подрачја. Аронијата не бара ни посебна нега, освен тоа што потребно е да и се овозможи потребната влажност. Расте во секаква почва, доколку не е премногу каменеста, преплитка или мочурлива. Бидејќи е отпорна на сол, може да се посади покрај пат и да послужи како жива ограда. Но, доколку се посади на плодна земја, на раздалеченост од 2 метри, грмушките може да достигнат и висина од 1,5 до 2,5 метри и да бидат многу родни. За аронијата не е потребно ни прскање бидејќи не може да заболи од болести или вошки.
Видови на аронија
Аронијата има три врсти на плодови:
- црна аронија (aronia melanocarpa),
- лилавоплодна аронија (aronia prunifolia) и
- црвеноплодна аронија (aronia arbutifolia).
Нутритивни вредности
Плодовите на црната аронија се исклучително богати со витамини. Од нив содржат витамин Ц, А, Е, Б2, Б6, Б9 и многу реткиот витамин П. Од минералите содржи калциум, калиум, железо, молибден, манган, фосфор и јод. Во сите плодови содржи голема концентрација на антиоксиданси (танини, биофеноли, флавоноиди, антоцијанини, катехини) и се смета дека е поголем антиоксиданс од брусницата. Затоа е корисна во превенцијата против малигните заболувања, ефикасно го прочистува организмот од штетни матерјали па и тешките метали. Освен ова аронијата содржи и редок овошен шеќер сорбитол.
Лековити својства
Од лековитите својства на аронијата најпознати се тие дека ја поттикнува циркулацијата, ја прочистува крвта, ја ублажува главоболката и мигрената, го снижува крвниот притисок, поволно делува на желудникот и цревата, ја спречува дијареата, го покачува имунитетот на организмот, спречува развој на вирусни и бактериски инфекции. Посебно се истакнува нејзиното благотворно дејство на желудникот и црниот дроб затоа што ги прочистува и овозможува правилен раст и работа на овие органи. Особено важно е да се каже дека аронијата ја регулира правилната работа и излачување на хормонот на штитната жлезда, како и да ја регулира работата на панкреасот, па може да биде корисна и во лечењето на дијабетесот бидејќи го намалува нивото на шеќер во крвта. Аронијата исто така помага и при зараснувањето на раните, го успорува стареењето на кожата и организмот, спречува настанување на бори и штити од УВ зрачење.
Аронијата најчесто се употребува како суво овошје или како сок. Чајот од аронија се препорачува да го пијат и младите и старите лица затоа што ќе ја подобри нивната крвна слика. Освен сокот и чајот од плодот се прават и вкусни мармалади, компоти, овошни каши и сирупи. Од плодовите се прават и овошни напитоци, ракија, ликер, оцет и вино.
Затоа се вели дека АРОНИЈАТА Е И ХРАНА И ЛЕК!
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-