Јога и медитација

0
42

Јогата е физичка и психичка дисциплина која потекнува од Индија. Стара е повеќе од 5000 год. Зборот јога значи единство помеѓу телото и умот. Со вежбањето јога се постигнува душевен мир и релаксација, односно физичка, ментална и психичка дисциплина.

Што е медитација?

Медитацијата е дел од јогата. Со помош на медитација се постигнува длабок степен на смиреност и релаксација. Замислете си дека нашиот ум е како раскокан мајмун кого со помош на медитација се обидуваме да го смириме.

Медитацијата е најдобро да се изведува во тивка, пријатна средина (во домот, надвор во парк, на плажа и сл.) во која би се чувствувале пријатно. Палењето свеќи, миризливите стапчиња и тивката релаксирачка музика можат да помогнат.

За време на медитирањето многу е важно да се фокусирате на техниката на дишење. Се користи т.н. абдоминално дишење. Рацете се ставаат со дланките на стомакот, очите се затворени, вдишуваме и издишуваме преку нос. За време на медитација се трудиме да се оттргнеме од секојдневните грижи и стресни ситуации. Тоа може да се постигне ако се фокусираме на некое чувство (пријатно) или на некој предмет, објект и сл. Може да се примени и Мантра Медитација ако при издишување се испушта одреден звук (Мантра во буквален превод значи инструмент за мисли).

Медитацијата го активира парасимпатикусот

За време на медитација се активираат деловите од мозокот одговорни за внимание и контрола на автономниот нервен систем. Со медитација се активира парасимпатикусот и со тоа се намалува мускулниот тонус и крвниот притисок, а се успорува и срцевата работа што допринесува за чувството на смиреност.

Јогата ја зголемува коскената и мускулната сила

Јога вежбите прават изометричка контракција на мускулите. Тоа ја намалува можноста за истегнување на лигамент и други повреди, а се зголемува тонусот на мускулите и нивната растегливост и флексибилност.

Со јога се подобрува и чувството за рамнотежа. Се намалуваат мастите, се зголемува коскената и мускулната сила, се намалува стресот и депресијата.

 

Јогата наоѓа примена и во стандардната медицина

Кај луѓе кои прележале мозочен удар, јогата го подобрува процесот на опоравување од последиците на ударот (пареза, хемипареза…). Кај луѓе со покачен крвен притисок редовното вежбање јога покажало подобрување на притисокот (го намалува стресот со активирање на парасимпатикус).

Јога против болка

Кај болни од карцином, ревматоиден артритис и болки во грбот (лумбоишиалгија) овозможува намалување и полесно справување на болката.

Во здраво тело здрав дух (лат. mens sana in corpore sano)

Само во здраво тело човек може да има здрав дух. Оваа фраза се користи како совет дека на човекот му е потребна здрава рамнотежа во начинот на живот.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Ирина Беде Спалевиќ
Д-р Ирена Беде Спалевиќ е родена на 06.10.1982 год. во Охрид. Завршува Медицински факултет во Скопје. Покраj медицината интерес има за спортски активности како пливање, аеробик и пилатес. Смета дека редовната физичка активност и здравата исхрана се во најголем процент одговорни за одржување како на физичкото така и на менталното здравје. мото Во здраво тело, здрав дух. Never say never Доктори.мк е супер веб страна на која може да се најдат многу интересни и поучни информации. Ова е добар начин да се информираат луѓето за најчестите проблеми во врска со здравјето, а воедно и да дознаат некои интересни факти и феномени во медицината. :)