Со правилна исхрана до здравa уста и тело

0

Добрата исхрана и здравите навики се неопходни за одржување на оптималното орално, но и целокупно здравје. Притоа треба да се знае дека скоро сите прехрамбени намирници вклучувајќи ги и млекото и зеленчукот, содржат некој облик на шеќер.

 

При изборот на храна и пијалок скогаш треба да имате на ум за нивното влијание на вашето тело. Секогаш кога уживате во засладената храна или пијалок, шеќерот од тие намирници во комбинација со бактериите присутни во усната празнина ќе ги “избањаат” вашите заби во штетна киселина која го напаѓа емајлот за време од дванаесет минути. Со секое ново внесување на шеќери вашите заби стануваат се посклони кон кариес.

Покрај тоа што е важно во исхраната да бидат застапени намирници од петте главни групи (житарки, овошје и зеленчук, месо, риба, млечни производи), не е пожелно да се исфрли целиот шеќер од исхраната. Скоро сите намирници вклучувајќи ги млекото и зеленчукот, содржат некој облик на шеќер. Наместо да се исфрли шеќерот од исхраната би било пoжелно да се прочита декларацијата на храната или пијалокот и така да се намали вкупниот внес на дополнителни шеќери преку бомбони, колачи, “грицки” и останата видови помалку “здрава” храна.

Исто така, треба да се знае дека енергетските пијалоци и газираните пијалоци го оштетуваат емајлот кој е најтврдата супстанција во човечкиот организам и е првата “одбранбена линија” на вашите заби.

За да ги сочувате вашите заби и непца здрави би требало да се придржувате на следниве совети:

  • Десертот изедете го веднаш по ручекот или вечерата бидејќи за време на оброкот се лачи поголемо количество на плунка, која го намалува дејството на киселините врз емајлот;
  • Не “грицкаjте” помеѓу оброците;
  • Помеѓу оброците (доколку имате потреба) конзумирајте овошје или зеленчук;
  • Наместо газирани пијалоци бирајте природни сокови со мал процент на шеќери;
  • Пијте помеѓу 8 и 12 чаши вода на ден;
  • Четкајте ги забите најмалку два пати на ден и при тоа употребувајте забен конец;
  • Редовно посетувајте го вашиот стоматолог.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Димитрие Пашанку
Д-р Димитрије Пашанку е роден на 07.04.1964 година во Битола, каде го завршува средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во 1984 година се запишува на Стоматолошкиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и на истиот дипломира во 1990 година. Во наредната 1991 година работи во приватната ординација во Скопје, а од 1993–1998 година работи во Здравствениот дом во Кратово. Потоа, од 1999 до 2001 година, се вработува во Министерството за здравство на Република Македонија. Во 2001 година ја започнува специјализацијата од областа на ортодонцијата и специјалистичките студии ги завршува во 2003 година на Стоматолошкиот факултет при Унивезитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2004 година започнува со работа како специјалист ортодонт при Здравстввениот Дом - „Скопје”, a oд 2007 година работи во приватната специјалистичка ординација по ортодонција „Орто Про Фиделис” во Скопје. Денес е сопственик и менаџeр на истата. о продолжение сакам да истакнам дека постоењето на страницата Доктори.мк е од големо значење, не само за професионалната јавност, туку и за целокупното население кое може да добие информации од сите области на медицината, стоматологијата, и тоа од прва рака, а воедно и да стекне сознанија за еден повисок степен на култура на живеење. Чест ми е да бидам дел од тимот на Доктори.мк и заеднички, со здружени сили, да делуваме хармонично и да се потрудиме да дадеме заеднички допринос во подобрувањето на колективното здравје во Република Македонија.