Оперативен третман по Caldwell-Luc – интраорална антростомија

0

Оперативниот третман по Caldwell-Luc е многу често користен во оралната и максилофацијалната хирургија, како и оториноларингологијата, токму поради честите воспаленија на максиларните синуси, како и нивната изложеност при екстракција на горните премолари и молари.

 

Интраорална антростомија во стоматологијата и оториноларингологијата

Во стоматологијата овој оперативен зафат е најчесто користена процедура при:

  • Отстранување на забен корен во рамките на синусот;
  • Отстранување на забна циста во синусната шуплина;
  • Затворање на оро-антрална комуникација (оро-антрална фистула);
  • Намалување на фацијални фрактури, особено оние кои го вклучуваат подот на орбитата.

Во оториноларингологијата пак, најчесто се користи за:

  • Третман на хроничен синузит;
  • Отстранување на полипи и цисти во оваа регија;
  • Отстранување на мукоцела;
  • Пристап до етмоидалните и сфеноидалните синуси;
  • Визуелизација на подот на орбитата при декомпресија;
  • При тумор хирургија;
  • За пристап до птериго-максиларниот простор.

Начин на изведување

Овој оперативен зафат најчесто се изведува под локална анестезија, но често пати поради избегнување на непријатностите за пациентот практикуваме работа под општа анестезија.

Се прави мал рез помеѓу горната усна и гингивата со што следи формирање на фенестрален коскен отвор кој ни овозможува пристап до синусот, и тоа во предниот ѕид. Природните отвори на синусот во носната шуплина се најчесто зголемени за да се овозможи дренажа на природните секрети и спречување на егзацербација на болеста. Понекогаш се прави назо-антрален прозор со цел комуникација до синус преку носната празнина. Пристапот најчесто е неколку милиметри над горните премолари до вториот горен молар. Всушност токму поради ваквата поставеност имаме најчест ризик за ороантрална комуникација при екстракција на овие заби.

Компликации од процедурата

Како и при секоја хируршка постапка, па така и овде, постојат одредени чести и многу веројатни компликации, и тоа:

  • Оток на лицето;
  • Болка и вкочанетост – инфраорбитална неуропраксија, која е краткотрајна, а исто така е можна болка и вкочанетост во предел на горните инцизиви и околната гингива.

Во поретки компликации, или оние кои многу помалку можат да се сретнат при оваа операција, се вбројуваат:

  • Неможност за заздравување на гингивата на горните заби што може да резултира со оро-антрална фистула;
  • Постоперативна епистакса (крварење од нос);
  • Излевање на солзите поради запушување на солзниот канал;
  • Повреда на коренот на забите што води до девитализација.

Во најретки компликации, но сепак возможни во оралната хиурургија и оториноларингологијата, се споменуваат:

  • Лицева асиметрија поради постојани отоци на лицето;
  • Продолжен максиларен синузит;
  • Постоперативно крварење од синусната шуплина;
  • Инфекција на назолакрималната ќеса;
  • Хиперестезија во лицевата регија и оралниот кавум;
  • Очна дисфункција.

Секоја хируршка интервенција бара исклучително добра теоретска и практична подготвеност за да се избегнат ваквите компликации, но понекогаш и да е спроведена lege artis, може да дојде до одредени отстапувања. Најважно е навремено да се откријат и колку што е можно побрзо да се санираат.

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Елена Радеска
д-р Елена Радеска е родена на 02.04.1986год. во Демир Хисар. Средно образование завршила во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Веднаш по средното образование се запишала на Стоматолошки факултет во Скопје, отсек општа стоматологија. Дипломирала во 2009 година. По дипломирањето до денес работи во специјалистичката ординација по ортодонција “Д-р Радевски” во Демир Хисар како општ стоматолог. Професионален интерес: Општа стоматологија,стручен соработник во компании кои се занимаваат со истражувачко-производствена дејност од областа на медицината и стоматологијата,интерес и познавање на ортодонцијата и детската стоматологија. Социјално организациски способности: Организација на состаноци, Искуство со работа со рокови и следње на точно определена процедура, развиени способности за работа во тим здобиени со предходните работни искуства и посета на семинари од област на комуникација и меѓучовечки односи. Говори англиски, италијански и јужнословенската група на јазици. Во слободно време се занимава со проза и поезија, уметност, филм и спорт. Доктори.мк е место каде сите познавачи на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да ги изнесат своите знаења, ставови, а воедно и да научат нови и суштински моменти од овие области. Особено ми се допаѓа што оваа страница нуди подеднакви можности на сите оние кои сакаат да ја изразат својата спремност и искуство. Драго ми е што учествувам во стручниот тим на Доктори.мк.