Повреди на забите во детска возраст

0

Повредите на забите и мекоткивните структури се чести во детската возраст. Периодот на раст и развиток на децата е доста осетлив и специфичен па така и повредите настанати во оваа доба сами по себе бараат посебен и различен третман од оној кај возрасните пациенти.

Ваквите повреди подеднакво ги опфаќаат и млечните и трајните заби. Вообичаено траумите на лицевата регија ги зафаќаат најиспакнатите делови па следствено на тоа забите се најмногу изложени на траума.

Повредите на забите најчесто настануваат при падови (при трчање, паѓање од кревет, од скали, од велосипед) или при удар со предмет (во спорт, во сообраќајни несреќи). Пружањето правилна прва помош е клучна за зачувување на забот.

Повреди на забот vs повреди на потпорниот апарат

Во зависност од тежината, настанатите повреди ги делиме во две групи:

1. Повреди на самиот заб, т.е. повреди на тврдите забни ткива;

2. Повреди на потпорниот апарат на забот.

Кршењето или фрактурата на забите обично се среќава кај трајните заби, додека кај млечните заби почести се повреди на потпорниот апарат. Причината за ваквата поделеност е во тоа што корените на млечните заби се мали, а во периодот кога децата се активни тие се речиси ресорбирани под дејство на трајните заби.

Поделба на фрактурите на забот

Во однос на тоа кој дел од забот го зафатила фрактурата, тие се поделени во 4 класи и тоа:

  • I класа – кога фрактурната линија го зафаќа само површинскиот дел на забот т.е. емајлот;
  • II класа – фрактурата ги зафаќа подлабоките слоеви, но се уште пулпата е интактна;
  • III класа – кога фрактурата доведува до отворање на пулпата;
  • IV класа – фрактура на коренот на забот.

Според класификацијата на фрактурата зависи и терапијата, така што фрактурите од I класа се лечат многу едноставно, додека пак оние од IV класа индицираат екстракција на забот.

Повреди на потпорниот забен апарат

Повредите на потпорниот забен апарат или луксациите го зафаќаат ткивото што се наоѓа околу забот. Почесто ги зафаќаат горните заби и исто како и фрактурите во зависност од тежината на повредата се разликуваат неколку вида на луксации:

  • потрес на забот – најлесен вид на луксација кога не постои промена на положбата на забот, присутна е само болна осетливост при допир која проаѓа спонтано за неколку дена;
  • расклатеност на забот – потежок вид на повреда од претходниот и тука забот е со непроменета положба, но со изразита расклатеност па терапијата се состои во зацврстување на повредениот заб со соседните заби со помош на специјални сплинтови;
  • втиснување на забот – може да е делумно или целосно во зависност од тоа колкав дел од забот е втиснат во алвеолата, терапијата е ортодонтска, со цел спуштање на забот во првобитната положба;
  • избивање на забот – најчесто атакувани се горните централни инцизиви и претставува најтежок вид на повреда од оваа група. Во ваков случај најдобро е, доколку постои можност, забот да се измие со вода или да се прелие со млеко; или доколку ова е невозможно може да се искористи плунката на пациентот кој добил ваква повреда. Периодот на реинплантација не смее да биде подолг од 2 h бидејќи тогаш постојат најголеми шанси за враќање на забот во алвеолата. Потоа неопходно е забот да се фиксира за соседните заби со помош на сплинт и да остане фиксиран во период од 2 недели. Во овој период задолжителна е антитетанусна и антибиотска терапија.

Прогноза на повредите

Крајниот ефект од терапијата зависи подеднакво и од терапевтот и од пациентот, како и од типот на повредата која настанала. Полесните повреди имаат подобра прогноза и, се разбира, поголема можност за долготрајно зачувување на забот во усната празнина.

Д-р Елена Радеска
д-р Елена Радеска е родена на 02.04.1986год. во Демир Хисар. Средно образование завршила во гимназијата Јосип Броз Тито во Битола. Веднаш по средното образование се запишала на Стоматолошки факултет во Скопје, отсек општа стоматологија. Дипломирала во 2009 година. По дипломирањето до денес работи во специјалистичката ординација по ортодонција “Д-р Радевски” во Демир Хисар како општ стоматолог. Професионален интерес: Општа стоматологија,стручен соработник во компании кои се занимаваат со истражувачко-производствена дејност од областа на медицината и стоматологијата,интерес и познавање на ортодонцијата и детската стоматологија. Социјално организациски способности: Организација на состаноци, Искуство со работа со рокови и следње на точно определена процедура, развиени способности за работа во тим здобиени со предходните работни искуства и посета на семинари од област на комуникација и меѓучовечки односи. Говори англиски, италијански и јужнословенската група на јазици. Во слободно време се занимава со проза и поезија, уметност, филм и спорт. Доктори.мк е место каде сите познавачи на медицината, стоматологијата и фармацијата можат да ги изнесат своите знаења, ставови, а воедно и да научат нови и суштински моменти од овие области. Особено ми се допаѓа што оваа страница нуди подеднакви можности на сите оние кои сакаат да ја изразат својата спремност и искуство. Драго ми е што учествувам во стручниот тим на Доктори.мк.