Псоријаза – најчести форми и симптоми

0

Псориjазата е една од најраспространетите дерматози, која се карактеризира со еритемо-папуло-сквамозни промени со карактеристична локализација, но понекогаш ја опфаќа целата кожа, а кај дел од болните се развиваат и артропатии.

Етиологија и патогенеза

Постојат многу хипотези за појавата на ова заболување-вирусна,имунолошка,  метаболна, невролошка, генетска и други.

Фактори кои можат да придонесат за појавата на ова заболување се:

  • Физички фактори – повреди, зрачење и др.
  • Медикаментозни – тетрациклини, литиумски препарати, антималарици и др.
  • Инфекции – најчесто вирусни
  • Стресни ситуации

При псоријазата се забележува забрзана пролиферација на епидермалните клетки, на тој начин што циклусот на нивниот развој (времето за регенерација) е до 7 дена, додека кај нормалниот епидермис е средно 28 дена. Поради овој факт што пролиферативната активност на епидермисот при псоријазата е зголемена средно за 4 пати, епидермалните клетки не ја достигнуваат целосната зрелост, што води до патолошка кератинизацја (паракератоза). Исто така, кај некои пациенти се прати и нарушување во метаболизмот – хипергликемија, хиперхолестеролемија, промени на некои ензими, витамини (А, Б11, Б12), минерали и др.

Симптоми

Симптомите се различни, во зависност од локализацијата, карактерот, големината на лезиите и  други.

Локализација

Најчесто симетрично ги опфаќа екстенозрните површини на екстремитетите (најчесто лактите и колената), стомакот, градите, главата (во косата), нозете, гениталиите и многу ретко дланките и стапалата, лицето и други.

Карактер на осипот

Еритемни дермо-епидермални папули со бледорозова (кај посвежите елементи) до темноцрвено-сивкава боја (кај постарите лезии), површината на елементите е покриена со суви сребренобели сквами.

Големина

Големината на зафатените делови на кожата варира од неколку мм до неколку см, како постепено поради периферното проширување , се спојуваат и образуваат дамки со различна форма, кои може да достигнат големи размери, до целосно опфаќање на кожата (Erythrodermia psoriatica)

Карактеристични знаци на псориjатичните промени

  • знак на стеаринска дамка или капка од свеќа – при обид  да се отстранат сквамите тие се распаѓаат лесно како бел прав
  • знак на Auspitz – при постепено продолжено лупење  на сквамите се појавуваат точкести крварења, т.н. крвава роса
  • знак на Воронов – се набљудува бледа ареола околу лезиите
  • феномен на Kobner – се изразува во тоа што кожата реагира со псоријазен осип најчесто на механичка повреда
  • псоријазна дисхромија – леукодерма (депигментирани дамки) и меланодермија (хиперпигментирани дамки), кои се појавуваат најчесто после лекувањето.
  • недостиг на субјективни симптои кај повеќето болни

Промени на ноктите

Се забележуваат кај 1/3 од болните. Понекогаш тие можат да бидат првиот и единствен симптом. Најчесто се забележуваат точковидни депресии, субунгвална хиперкератоза, недостиг на епонихиум и др.

Форми

Psoriasis vulgaris – најчестата форма,при која најчесто се засегнати екстензорните делови на екстремитетите, стомакот, градите, капилициумот и др.

Psoriasis verrucosa со изразена хиперкератоза

Psoriasis exudativа – со лесна ексудација и образување на сквамо-крусти,

Psoriasis pustulosa – појава на пустули врз еритемна основа,

Erythrodermia psoriaticaзасегната е целата кожа на телото.

Псоријазна артропатија (Arthropathia arthritis psoriatica) – Најчесто зафаќање на зглобовите настапува 3-5 години по појавата  на кожните промени,па макар и ретко артропатијата може да настане едновремено со појавата на кожните промени или да се појави и пред тоа)

Еволуција на болеста

Ова заболување обично поминува низ неколку статиуми-прогресивен (еруптивен), стабилизација и регенерација. Обично не настанува целосно исчезнување на псоријазните промени, а остануваат т.н. дежурни дамки. При околу 20% од пациентите се набљудува спонтана ремисија, но под влијание на различни фактори настанува рецидив.

Дијагноза

Хистопатологија, кај 1/3 од пациентите се откива зголемено ниво на шеќерот во крвта, холестерол, ензими на црниот дроб и др. Ревматоидните фактори се неативни кај 90% од пациентите.

Терапија

  • Локална – за остранување на сквамите се употребува салицилна киселина 5% во течен или мрсен вехикулум, препарати  на уреа – чисти  или во комбинација со салицилна киселина, понатаму лекови  за намалување на хиперпролиферацијата на клетките, за намалување на воспалението-кортикостероиди (за краток период од време) – чисти, или во комбинација со салицилна кислеина, Витамин Д3 и др.
  • Во лекувањето може да помогне и народната медицина, секако со препорака од лекар.
  • При генерализирани и резистентни на локална терапија пациенти – etretinat. При потешките случаи се даваат и цитостатици. Исто така се препорачува примање на нестероидни антиинфламаторни лекови и др. при артропатија. Од витамините ќе ги споменеме – Витамин Б11, Витамин Б12.
  • Физиотерапија
  • Диета – ограничен прием на продукти од животинско потекло и избегнување на јаглехидрати. Во секојдневната исхрана да се вклучат повеќе плодови, зеленчуци, млечни продукти и др.

Превенција

За да се избегнат тешки рецидиви се препорачува при можност одмор на море.

Народна медицина

Народната медицина користи масти и мелеми на природна основа и може да помогне во одредени случаи.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

Д-р Ангела Златковска
Д-р Ангела Златковска е родена на 13.03.1986. Високо образование завршува на Медицински универзитет Пловдив, Република Бугарија, со што се здобива со титулата доктор на медицина. Дипломира со висок просек, при што е наградена со златен орден и пофалница за одличен дипломиран доктор. Има учествувано на многу семинари и конгреси. Од посетата на повеќе обуки се има стекнато со пофалници и сертификати. Специјализант е по интерна медицина и асистент во Универзитетската клиника во Баден - Вуртемберг, во рамките на Универзитетот Хајделберг - Германија. За Доктори.мк Живееме во време кога медицината од момент во момент се повеќе се развива, како на полето на дијагностиката, така и на полето на лекувањето. Доктори.мк е идеално место каде што ние докторите од различни области на медицината можеме да споделуваме наши искуства, знаења и новости од областа на медицината и на тој начин да ги едуцираме граѓаните - нашите пациенти. Навистина ми е чест да бидам дел од тимот на Доктори.мк, кој од ден на ден се повеќе се зголемува.