Ектопична (вонматерична) бременост

0

Бременоста започнува со оплодената јајце клетка. Во нормални околности, оваа оплодена јајце клетка (т.н. зигот) се прикачува за внатрешноста на матката (ендометриумот). При ектопична бременост, оплодената јајце клетка се имплантира на друго место, не во ендометриумот.

 

Вообичаено тоа друго место на имплантација на оплодената јајце клетка се јајцеводите, кои што всушност претставуваат туби за транспорт на јајце клетките од јајниците до матката. Овој тип на ектопична бременост е т.н. тубарна бременост. Меѓутоа, места за ектопична бременост може да бидат и стомачната празнина, самите јајници или пак вратот на матката (т.н. цервикс).

Ваквата ектопична бременост не може да се развива нормално. Оплодената јајце клетка не може да преживее, а растечкото ткиво може да ги уништи околните структури. Ако не се третира, можно е да настане живото-загрозувачка состојба со голема крвозагуба. Раниот третман на ектопичната бременост помага да се зачуваат шансите за идните здрави бремености.

 

Симптоми

Во почетокот, ектопичната бременост може да не предизвика никакви посебни знаци и симптоми. Во други случаи, првичните знаци и симптоми за ектопична бременост може да бидат исти со тие за нормална бременост – изостанување на менструалното крварење, осетливост на градите, нагон за повраќање. Тестот за бременост ќе биде позитивен. Како и да е, ектопичната бременост не може да продолжи како нормална.

 

Болка во стомакот или во долниот дел од карлицата и вагинално крварење се првите предупредувачки знаци за ектопична временост. Ако крвта излезе од јајцеводите, во зависност од тоа каде се собира излеаната крв и кои нерви се надразнети, можно е да се почувствува дури и болка во рамото и вратот како последица од насобраната крв под дијафрагмата, или пак – ургентност за дефекација. Обилно вагинално крварење не е вообичаено, освен ако ектопичната бременост не се случува во вратот на матката.

Ако настане раскинување (руптура) на јајцеводот, последицата е обилно крварење во стомачната празнина што претставува итна медицинска состојба, која пациентката ќе ја доживее како вртоглавица, пребледнување и шокова состојба.

Важно е да се побара медицинска помош ако се почувствува силна болка во вид на бодежи или вагинално крварење.

 

Причини и ризик фактори

Тубарната бременост, најчестиот тип на ектопична бременост, се случува кога оплодената јајце клетка останува заглавена во јајцеводот на нејзиниот пат до матката, често пати поради тоа што во самиот јајцевод има некој воспалителен процес, истиот е оштетен или е структурно променет. Хормоналниот дисбаланс или абнормалниот фетален развој исто така може да играат улога во развојот на ектопична бременост.

20 од 1000 бремености се ектопични.

Факторите асоцирани со ектопичната бременост вклучуваат:

1. Инфламација или инфекција. Инфламација на јајцеводите (салпингитис) или инфекција на матката, јајцеводите или јајниците (пелвична инфламаторна болест) го зголемуваат ризикот од ектопична бременост. Често пати овие инфекции се предизвикани од гонореа или хламидија.

 

2. Проблеми со плодноста (фертилноста). Некои истражувања ја потврдуваат поврзаноста помеѓу проблемите со плодноста и употребата на лекарства за подобрување на плодноста со ризикот од ектопична бременост.

3. Структурни проблеми. Ризикот од ектопична бременост е поголем доколку постојат одредени неправилности во обликот на јајцеводите или пак истите тие се оштетени или промените при претходни хируршки интервенции. Дури и хируршка интервенција која би се извела за да се реконструира формата на јајцеводот го зголемува ризикот од ектопична бременост.

4. Избор на контрацептивни средства. Со правилна употреба, ризикот од бременост при употреба на интраутерина контрацептивна направа е многу мал. Меѓутоа, доколку сепак се случи, веројатноста дека таа ќе биде ектопична бременост е голема. Истото се случува и со бременост по лигација (подврзување) на јајцеводите – перманентен метод на контрацепција, иако ризикот за бременост е многу мал.

5. Претходни ектопични бремености. Поголема е веројатноста за идни ектопични бремености ако еднаш веќе сте имале.

Лекување

Оплодената јајце клетка не може да се развива нормално надвор од матката. За да се спречат живото-загрозувачките комликации, ектопичното ткиво мора да се отстрани.

Ако ектопичната бремност се открие на време, со употреба на лекот метотрексат може да се спречи растот на клетките и да се апсорбира ткивото, со што би се зачувал јајцеводот, но во зависност од тоа колку бременоста била напредната. После инјекцијата на метотрексат, се следат нивоата на хормонот на бременоста – хуманиот хорионски гонадотропин (HCG) и се дефинира идниот третман во согласност со неговите нивоа во крвта.

Во другите случаи, како и во случај кога е настаната руптура на јацеводот, потребен е хируршки третман.

Шансите за успешна и здрава бременост после ектопична бременост се пониски, но многу ќе зависи и од тоа кои биле причините што довеле до ектопична бременост и вашата претходна медицинска историја. Доколку при третманот на претходната ектопична бременост јајцеводите се зачувани, шансите за нормална бременост во иднина се околу 60%.

Превенција

Ектопичната бременост не може да се превенира, но може да се редуцираат одредени ризик фактори. На пример, да се лимитира бројот на сексуални партнери и да се превенираат сексуално преносливите болести со што се намалува ризикот од пелвична инфламаторна болест, како еден од ризик факторите за ектопична бременост.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)