За помалку информираните „халал“ (halal) е храна која е дозволена според исламските закони, а во последиве години масовно се консумира во повеќе развиени земји бидејќи се смета за здрава храна. Наспроти неа, „харам“ (haram) е храна која не е дозволена и муслиманите ја избегнуваат.
Куранот забранува консумирање на:
- свинско и свински производи (бидејќи се сметаат за нечисти);
- крв и крвни продукти;
- животни кои не биле заклани во името на Алах (животните треба да бидат третирани со почит и заклани на посебен начин, во спротивно нивното месо не треба да се употребува);
- алкохол и храна во која има алкохол како состојка.
Зошто „халал“ е здрава храна?
За едно животно да дојде од фарма до трпеза, потребно е од самиот почеток да има целосен живот, да се храни добро, да биде добро третирано, да не му биде нанесена болка и да биде жртвувано според исламските закони.
А тоа воедно значи дека треба да се храни со чиста храна и вода и да не биде хрането со животински продукти.
Консумирањето храна која не била третирана со пестициди, токсини и други загадувачи е придобивка по здравјето, не само за муслиманите туку и за сите луѓе.
Како „халал“ храна се смета:
- рибата и морската храна,
- јајцата,
- млекото,
- сите видови овошје и зеленчук,
- месото од животните кои се заклани според исламските закони (освен свинско);
- пијалоци како кафе, чаеви, сокови и други пијалоци кои како состојка не содржат алкохол.
Сите наведени продукти се здрави, а посебниот начин на приготвување ги прави уште попривлечни за вљубениците во здравата храна.