Прескокнување на срцето – Екстрасистоли

0

На многумина од нас сигурно ни се има случено некогаш да почувствуваме како срцето да ни прескокнува или пак како да ни трепери. Тоа прескокнување или треперење на срцето, всушност, претставува појава на екстрасистоли.

Срцевиот мускул има посебни клетки во кои се создава биолошката електрична активност на срцето. Почнувајќи од синусниот јазол, електричните импулси се шират кон АВ-јазолот, а потоа продолжуваат кон Хисовиот сноп, кој понатаму се разгранува.

Ако на тој пат дојде до нарушување, се јавува аритмија на срцевиот мускул. Во зависност од тоа дали потекнуваат од коморите или од преткоморите, екстрасистолите се поделени на коморни и преткоморни. Притоа, се создаваат ектопични подрачја, жаришта, кои што исфрлаат електрични импулси кои што се појаки од нормалните срцеви и предизвикуваат прескокнувања.

Најчести причини за појава на екстрасистолите се: емоционален стрес, замор, пушење, консумирање на акохол, кофеин, и други психостимуланси, употреба на одредени лекови, срцева слабост, воспалителни процеси на срцето, намалено количество на калиум и магнезиум, зголемено количество на калциум, проблеми со тиреоидна жлезда.

Најчесто пациентите немаат симптоми, но некогаш може да имаат чувство на палпитации (срцебиење), најчесто кога се изложени на зголемен стрес.

Дијагноза се поставува врз основа на анамнеза и физикален преглед на пациентот, но за време на прегледот пациентот може да нема симптоми и на ЕКГ да имаме нормален наод, затоа најдобро е носење на Холтер (24-часовно мониторирање на ЕКГ) што ќе може да ги регистрира екстрасистолите.

Од лабораториските иследувања доволни се: крвна слика, електролити и тестови на функција на штитната жлезда. Најчести дополнителни иследувања кои се индицирани се тест на оптоварување со напор и ехокардиографија, во потешки слуачи.

Доколку овие испитувања не посочуваат на структурна срцева болест, на пациентот може да му се каже дека екстрасистолите се од бенигна природа.

Третман најчесто не е потребен кај пациенти кои имаат екстрасистоли од бенигна природа. Кај овие пациенти најважно е промена на начинот на живот и навиките. Се препорачува да се избегнуваат преципитирачките фактори (кафе, алкохол, пушење, електролитен дисбаланс), редовна физичка активност, како и хигиено-диететски режим на исхрана, редовен одмор и намалување на стресните ситуации.

Кај пациенти кај кои симптомите перзистираат, може да се применат лекови (бета блокатори, антагонисти на Ca канали, антиаритмици).

Како превенција, неопходни се редовни и навремени кардиолошки прегледи за дијагностицирање и отстранување на постоечките фактори кои што би предизвикале екстрасистоли.

Д-р Симона Јовчевска е родена на 16.02.1994 во Скопје. Средно образование завршува во СУГС Гимназија ,,Јосип Броз Титоˮ-Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет при Универзитетот ,,Св.Кирил и Методијˮ во Скопје во 2018 година, и се стекнува со стручно звање доктор на медицина. Од 2019 година е на приватна специјализација по Кардиологија. Учество на 27th European Students’ Conference во Берлин, во периодот од 28 септември-1 октомври 2016 година, на тема: “Facing Antimicrobial Resistance-Research Revolution wanted”, на ZIMS-Zagreb International Medical Summit, во периодот од 23-25 ноември 2017 година. Одлично познавање на англиски и германски јазик. Многу ми е мило што имам чест да бидам дел од тимот на Доктори.мк, еден прекрасен портал, кој нуди одлична можност за континуирана едукација, со стекнување на нови знаења од различни области на медицината, стоматологијата и фармацијата, истовремено давајќи информативни и корисни совети за сите читатели.