Орално здравје кај деца со церебрална парализа

0

Децата со посебни потреби заостануваат во психофизичкиот развој и имаат повисок ризик за настанување на физички повреди па за нивното здравје треба да се пружи многу поголема нега во споредба со децата со правилен раст и развој.

 

Под поимот детска церебрална парализа се обединуваат сите остатоци од спастични парези и парализи на екстремитетите, неконтролирани движења, координативни нарушувања и промени во мускулниот тонус кои се резултат од мозочно оштетување во бременоста, раѓањето и постнаталниот период.

Фактори за настанување на церебралната парализа

Децата со церебрална парализа се значаен дел од децата со посебни потреби во целост. Зачестеноста е висока. Причините за настанувањето се уште не се добро разјаснети, но сепак медицински, заболувањето може да се поврзе со пре, пери, и постнатални фактори.

Пренаталните фактори доминираат во 70-80 % од случаите. Кај поголемиот дел од овие дечиња се утврдуваат особени проблеми со хранењето и голтањето уште во првите 12 месеци од животот. Тие наоди најчесто се предвесници за поставување на дијагнозата.

Оштетувањето се среќава пред се кај недоносени деца, кај кои и предиспозицијата кон оштетување на ЦНС пред и за време на раѓањето е особено изразена. Конкретни причини можат да бидат:

  • вродени аномалии,
  • инфективни или токсични мозочни оштетувања на фетусот,
  • асфиксија и мозочно крварење за време на раѓањето или по него,
  • тешка неонатална жолтица и др.

Видови церебрална парализа

Во зависност од засегнатиот дел на мозочната кора, но и од малиот мозок, се набљудуваат неколку групи церебрална парализа:

  • спастична ;
  • атетозна;
  • атаксична;
  • атонична;
  • мешана.

Церебралната парализа е придружена најчесто со повреда на други мозочни функции. Застојот во психичкиот развој на детето се изразува на разни нивоа како идиотизам, пречки во говорот, конвулзии и др.

Церебрална парализа и орални заболувања

Сама по себе церебралната парализа не предизвикува специфични орални заболувања. Сепак, многу од оралните проблеми кај овие дечиња се почести, но и со потешки клинички слики во споредба со вкупната популација. Таквите деца, поради менталната заостанатост, се со низок степен на орална хигиена и тоа е главен фактор за високиот степен на кариозни заби и пародонтални заболувања кај нив.

Во последниве десетина години има тенденција за намалување на оралните заболувања, но за жал кај децата со посебни потреби проблемот со оралното здравје перзистира и се продлабочува. Кариесот, пародонталните заболувања и другите орофацијални оштетувања претставуваат значаен проблем за менаџментот на оралното здравје кај овие деца.

Плунката и церебралната парализа

Плунката го поддржува минералниот баланс и pH, а со тоа всушност ја заштитува оралната средина и го спречува развојот на забен кариес.

За децата со церебрална парализа е карактеристична доминацијата на симпатикусот и хормоните како катехоламини и глукокортикоиди. Тоа води кон секреција на мало количество густа плунка со зголемена концентрација на органски конституенти, но сиромашна со соли. Малото количество плунка, со висока концентрација на муцин и амиолитични ензими е виновникот за болести на забите, пародонтот и оралната лигавица.

Минералниот дисбаланс и деминерализацијата настапуваат во моментот кога заштитниот систем не функционира правилно поради:

  • намаленото количество плунка;
  • огромното количество ацидогени бактерии во денталните наслаги.

Пристапи за стоматолошко лекување

Во однос на стоматолошкото лекување на децата со посебни потреби има три можни пристапи:

1. Пристап кој произлегува од фактот дека тие се исти како и сите други пациенти и во голем процент од случаите ја прифаќаат соработката со нивниот стоматолог;

2. Особено внимание се дава на поволното влијание на однесувањето и ефикасноста на третманот со седирање. Во никаков случај не е дозволено давање седативи поради разлики од психичка и емоционална природа;

3. Целосна контрола врз пациентот преку општа анестезија.

Многу е важно за стоматологот кој лекува пациенти – деца со посебни потреби да обрне внимание на следниве работи:

  • совети и профилакса;
  • воведување во лекувањето;
  • употреба на усни раширители и локална анестезија;
  • премедикација;
  • седирање;
  • општа анестезија.

Заклучоци

Децата со посебни потреби не можат редовно и ефективно да ги чистат забите и обично болката е честа и главно остра, а нивното однесување го отежнува, дури и оневозможува лекувањето.

Во Декларацијата за правата на децата од 1959 год. На Општото собрание на ООН се потенцирани правата за физичка, умствена и социјална рамноправност на децата. Во нив се вклучува и правото за специјално лекување.

Децата со церебрална парализа имаат потреба од посебна нега во однос на оралното здравје. Основата на лекувањето лежи во профилаксата. Целта е да се намали ризикот од поголеми компликации.

 

aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Фросина Дајо
Д-р Фросина Дајо родена e на 23 септември 1985 година во Охрид. Основно образование завршува во ОУ “Григор Прличев“ Охрид, во 2000 година. Во 2004 година е матурант во УСО “Св; Климент Охридски“ Охрид,природно-математичка насока. Потоа, се запишува на Медицински Универзитет Пловдив , Факултет за Дентална Медицина – Пловдив , Р.Бугарија. Дипломира во јуни 2010 со просек 9,62. Во текот на студирањето побудува особен интерес кон мобилната и фиксната стоматологија и денталната патологија. Уште како студент има учествувано на повеќе интернационални семинари и конгреси на кои соодветно се стекнува со сертификати... Лиценциран дентален лекар е во три држави : Р.Бугарија , Р.Македонија и Р.Словенија. Д-р Дајо , моментално, професионалната кариера ја продолжува во Р. Словенија, ЈЗУ “Трбовље“ - Љубљана . Во слободното време работи како дентален лекар во приватна здравствена установа во Љубљанска регија. Ужива во интересна книга, живописни глетки, во друштво на пријатни, искрени, оптимистички настроени и креативни луѓе. Одлично говори англиски , албански, бугарски, српско-хрватски и словенски јазик. -Чест и задоволство ми е што сум прв соработник во вашиот тим од областа на стоматологијата. Горда сум што тимот на овој сајт успева да биде чувар на човечкото здравје. Ги разјаснува заблудите кај пациентите, а воедно презентирајќи им ги новите откритија во сите медицински гранки. САМО НАПРЕД!!!