Денталната естетика – приоритет на современото време

0

Денталната естетика е гранка од стоматологијата која се занимава со надворешниот изглед на забите и непцата. Негата на усната празнина и имањето здрава и убава насмевка, во денешно време е приоритет. Во таа смисла, подолу се претставени неколку дентални материјали кои ја подобруваат естетиката на забите.

Керамички фасети и корони

Фасетите се керамички конструкции кои се изработуваат на фронталните (предните) заби. Најчесто се препорачани кај пациенти со стари пломби, како и за корекција на положбата на завртени или преместени заби. За разлика од “Lumineers“ технологијата, каде конструкциите се циментираат директно врз забите, кај керамичките фасети потребно е најпрво да се истружи слој од забната површина, а потоа се зема отисок. До следната посета пациентот е со привремена конструкција, кога и се циментираат фасетите.

Позитивно во технологијата е крајниот резултат: еднаква боја на забите и добрата маска на очигледните недостатоци врз забите, како и можноста да се корегира правилната положба на забот во својот ред.

Негативно во оваа технологија е стружењето на слој од забите.

“Lumineers“

Тоа се конструкции кои се користат за корекција на нерамни, фрактурирани или обоени заби. Се поставуваат брзо и без болка, блескаат во полн сјај, а всушност се фини и тенки фасети.

Важно за нивната изработка е тоа дека не се стружат забите, потребен е само отисок од нив. Тоа е од големо значење и обично не се забележува зголемена чувствителност на забите како по стружењето на забите за фасети.

Неметални конструкции по CAD/CAM технологија

Естетиката и издржливоста на овие конструкции е безгрешна. Најчесто се поставуваат кај пациенти со алергии кон стоматолошки материјали. Овие конструкции се изработуваат компјутерски со помошта на геометриско моделирање и симулации на 3D дентални конструкции и последователна нивна изработка.

 

Врз така подготвените скелети се нанесува специјална керамика за да се достигне максимална идентичност со бојата на забите на соодветниот пациент. Компјутерската изработка на моделите го скратува времето за изработка на конструкциите, а воедно го зголемува и квалитетот.

Керамички/композитен inlay, onlay…

Овие конструкции претставуваат најсовремен метод за пломбирање на забите. Со нив, денталното лекување никогаш досега не било толку брзо и без болка за пациентот…

При првата посета се подготвува забот и се зема отисок врз кој се изработува конструкцијата од керамика или композит. Пациентот е со привремена обтурација за 1-2 дена, кога се циментира конструкцијата.

Методот е од особено значење во случај на истовремено пломбирање на неколку заби (од една страна на вилицата), а исто така се скратува и времето на седење на стоматолошкиот стол.

Изборот на материјал (керамика или композит) зависи од желбите и очекувањата на пациентот, а видот на конструкцијата се определува од стоматологот и зависи од степенот на загубено тврдо забно ткиво.

Композитни мостови SR Adoro Vectris

Новиот композитен систем SR Adoro Vectris дозволува одлично полирање на конструкцијата со кое всушност се намалува натрупувањето на наслаги врз неа.

Во комбинација со неметалниот стаклено-влакнест засилен скелет на материјалот, Vectris е најдобриот избор на неметални коронки на задни заби.

SR Adoro Vectris даваат естетика и издржливост на абразија на порцеланот кои се без поговор.

“Чудно е колку малку е потребно да бидеме среќни, а уште почудно е како баш тоа малку ни недостасува…”

– Иво Андриќ

Д-р Фросина Дајо
Д-р Фросина Дајо родена e на 23 септември 1985 година во Охрид. Основно образование завршува во ОУ “Григор Прличев“ Охрид, во 2000 година. Во 2004 година е матурант во УСО “Св; Климент Охридски“ Охрид,природно-математичка насока. Потоа, се запишува на Медицински Универзитет Пловдив , Факултет за Дентална Медицина – Пловдив , Р.Бугарија. Дипломира во јуни 2010 со просек 9,62. Во текот на студирањето побудува особен интерес кон мобилната и фиксната стоматологија и денталната патологија. Уште како студент има учествувано на повеќе интернационални семинари и конгреси на кои соодветно се стекнува со сертификати... Лиценциран дентален лекар е во три држави : Р.Бугарија , Р.Македонија и Р.Словенија. Д-р Дајо , моментално, професионалната кариера ја продолжува во Р. Словенија, ЈЗУ “Трбовље“ - Љубљана . Во слободното време работи како дентален лекар во приватна здравствена установа во Љубљанска регија. Ужива во интересна книга, живописни глетки, во друштво на пријатни, искрени, оптимистички настроени и креативни луѓе. Одлично говори англиски , албански, бугарски, српско-хрватски и словенски јазик. -Чест и задоволство ми е што сум прв соработник во вашиот тим од областа на стоматологијата. Горда сум што тимот на овој сајт успева да биде чувар на човечкото здравје. Ги разјаснува заблудите кај пациентите, а воедно презентирајќи им ги новите откритија во сите медицински гранки. САМО НАПРЕД!!!