Лекување на забите под општа анестезија

0

Со оглед на тоа што усната празнина во целост е многу осетлива на болка, разбирливо е што многу стоматолошки и орално-хируршки интевенции се изведуваат под анестезија. Анестезијата може да биде локална и општа. При локалната анестезија се обезболува само еден ограничен предел и свеста кај пациентот е зачувана. Под општа анестезија се подразбира состојба која се карактеризира со губење на свеста на пациентот и отсуство на осетот за болка, а која настанува како резултат на делувањето на анестетичките средства врз централниот нервен систем.

Локална vs општа анестезија

Локалната анестезија има неколку предности во однос на општата: можност за соработување со пациентот во текот на интервенцијата, едноставно изведување и можност за напуштање на стоматолошката ординација непосредно по завршувањето на интервенцијата. Токму поради ова, локалната анестезија се користи многу повеќе од општата. Како и да е, пред одлучувањето кој тип на анестезија ќе се употреби, потребно е да се разгледаат сите предности и недостатоци на двете анестезии во однос на интервенцијата која треба да се изведе. Ако се донесе одлука за примена на општа анестезија, потребно е да се одлучи дали таа анестезија може да се изведе на стоматолошката столица, краткотрајно (интравенска анестезија) или мора да се работи во болнички услови, со ендотрахејална интубација. Во секој случај, општата анестезија секогаш ја води лекар специјалист – анестезиолог.

Кај кои пациенти се применува општа анестезија за стоматолошки и орално-хируршки интервенции?

  • Кај пациенти кои се алергични на локални анестетици;
  • Кај немирни деца под шест години (деца кои не соработуваат);
  • Кај нервно лабилни и преосетливи особи;
  • Кај ментално заостанати особи;
  • Кај пациенти кај кои е потребно изведување на некои поголеми хируршки зафати (некои автори сметаат дека сите интервенции кои траат подолго од 40 минути треба да се изведуваат под општа анестезија);
  • Кај пациенти со хеморагичен синдром (хемофиличари), кај кои при изведувањето на локална анестезија постои опасност од создавање хематоми кои можат да го загрозат животот;
  • Кај пациенти кои бараат да им се работи исклучиво под општа анестезија;
  • Кај пациенти кај кои во една посета се вадат повеќе заби од различни квадранти од вилиците;
  • При отворање, инцизија на абсцес или флегмона на еден или повеќе анатомски простори.

Анестетичките средства кај општата анестезија доведуваат до депресија на клеточниот метаболизам во централниот нервен систем, при што прво се зафатени оние делови од мозокот кои се помалку важни за одржување во живот (кортекс на голем мозок), а неопходните делови за одржување на животот (продолжен мозок) се зафаќаат на крајот, кога концентрацијата на анестетикот во крвта достигнува високи вредности.

Стадиуми на општа анестезија

Општата анестезија поминува низ четири стадиума и тоа:

1. Стадиум на аналгезија: пациентот е немирен, со поматена свест, недоволно ориентиран и слабо комуникативен. Осетот за болка е намален, но не е потполно исклучен. Срцевата работа е забрзана. Мускулите не се релаксирани, а рефлексите се зачувани.

2. Стадиум на ексцитација: пациентот е немирен и врши несвесни одбранбени мускулни движења. Во овој стадиум се нагласени сите карактеристични знаци за стадиумот на анелгезија.

3. Стадиум на хируршка анестезија: се одликува со потполно отсуство на болка, пациентот мирно спие со потполно опуштени мускули. Пупилите се проширени, но реагираат на светло.

4. Стадиум на асфиксија или интоксикација: доаѓа до парализа на медуларните центри (за дишење и циркулација) и престанок на работата на срцето. Пупилите се многу широки и не реагираат на светло, а сите рефлекси се згаснати.

При будењето на пациентот, тој ги поминува истите фази со обратен редослед. Општата анестезија не смее никако да дојде до последниот стадиум, бидејќи може да има и смртен исход.

Подготовка на пациентот за општа анестезија

Сите пациенти пред анестезијата мора да се подготват, бидејќи од тоа може да зависи конечниот успех на интевенцијата. Пациентот мора да даде податоци за постоење на некоја хронична болест (срцева или белодробна болест, хемофилија, дијабетес и сл.). Потребно е да се направи и психичка подготовка. Стравот од интервенцијата може да се намали со премедикација, така што се дава некој седатив. На пациентот треба да му се обезбеди потполн мир и полесно успивање, што се постигнува со ординирање на хипнотик. За намалување на секрецијата, пред анестезијата може да се даде инјекција атропин. Општа анестезија се изведува само на празен желудник, бидејќи постои опасност од повраќање и аспирација на повратената содржина. Поради ова, пациентот не треба да јаде 12 часа пред интервенцијата. Пред анестезирањето, пациентот се раскомотува, од устата му се вадат сите протетски и ортодонтски помагала, а во просторијата треба да владее потполна тишина, бидејќи осетот за слух се губи последен. Ова важи и во фазата на опоравување.

Поделба на општата анестезија

Анестетичкото средство во организмот може да се внесе преку вдишување (инхалациона анестезија) и по интравенски пат (интравенска анестезија). Инхалационата анестезија се изведува со помош на посебни маски и апарати преку кои пациентот го вдишува анестетикот. Анестетички средства за оваа цел се: азот-оксидул, халотан, трилен и етер. Интравенската анестезија се постигнува со вбризгување на барбитурати, пропанидид или кетамин хидрохлорид директно во венската циркулација. Оваа анестезија може да се искористи и за поголеми и подолготрајни хируршки интервенции.

Компликации во текот на општата анестезија

За време на инхалационата анестезија може да се јават одредени компликации од страна на кардиоваскуларниот, респираторниот и централниот нервен систем, како и од гастроинтестиналниот тракт. Најопасна компликација е кардиак-арест, кој може да биде предизвикан од различни фактори (големо лачење на ендогени катехоламини, хипоксија, предозирање со анестетикот и сл.). Во ваков случај се пристапува кон реанимација (масажа на срцето и вештачка вентилација со чист кислород).

Останати компликации кои може да се јават се: ларингоспазам, опструкција на дишните патишта, пад на крвниот притисок, конвулзии, повраќање со аспирација на повратената маса и на крајот т.н. хируршки шок. Сите овие компликации може да се избегнат со правилен избор на анестетик, избегнување на длабока анестезија, добра оксигенација на пациентот, навремено надополнување на течности и електролити и др.

За време на интравенската анестезија може да се јават локални и општи компликации. Локалните компликации настануваат ако анестетикот се вбризгува паравенски или уште поопасно – интраартериски. Од општите компликации може да се јави хипоксија (која има депресивно дејство на центарот за дишење или може да предизвика опструкција на дишните патишта), постоперативна вртоглавица (посебно после анестезија со барбитурати) и алергија.

 

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Филип Конески
Филип Конески е роден на 7.1.1991 год. во Белград. Основно училиште завршил во Прилеп, а средно медицинско училиште во Битола, насока забен техничар. Во 2009 год. се запишува на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје. Дипломира во 2014 год. со среден успех 9,62 и се стекнува со титулата д-р по стоматологија. На предлог на Деканот на Стоматолошкиот факултет и поддржан и препорачан од бројни професори и претставници од релевантни стоматолошки здруженија во Македонија, во 2013 год. ја добива престижната Награда на Град Скопје „13 Ноември“ за континуирани успешни достигнувања во наставните и воннаставните активности, кои се од особено значење за афирмацијата на градот и Р. Македонија. На 19. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид 2012 год. освојува втора награда за усна презентација. На 21. и 22. Меѓународен научен конгрес на студентите по стоматологија во Охрид во 2013 и 2014 год. ги освојува првите награди за најдобри усни презентации. Организатор е на работилници во рамките на студентските конгреси. Секоја година е дел од акцијата на Македонското стоматолошко друштво за одбележување на Светскиот ден на оралното здравје, преку одржување предавања и едукација на учениците во основните училишта за важноста на оралното здравје и начинот на неговото зачувување и унапредување.Дел е и на бројни хуманитарни акции за помош на социјално загрозени семејства и деца со пречки во развојот. Дел е од организациониот тим на бројните стручни настани и симпозиуми на Македонското стоматолошко друштво и специјалистичките здруженија кои се во склоп на друштвото. Свој придонес дава и во организирањето на 18. Конгрес на Балканското стоматолошко здружение во 2013 год. Од 2012 год. Филип Конески е амбасадор на Р. Македонија во меѓународното списание International Dental Journal of Students’ Research (ISSN 2278-3784). Во 2011 год. станува дел од тимот на македонскиот веб портал за медицина и здравје доктори.мк, на кој објавува авторски текстови од областа на стоматологијата. Во 2012 год. е добитник на Признание за особен придонес во развојот на здравствените веб содржини и подобрување на здравствената едукација во Р. Македонија. Од особен интерес на Филип е максилофацијалната хирургија и денталната патологија, во чии полиња работи на неколку проекти и истражувања со реномирани професори од тие области. Контактирајте го Филип на koneski_filip@hotmail.com -Здравствената едукација на населението и пациентите има непроценлива важност за нивното здравје, особено за превенцијата, на која треба да се обрнува поголемо внимание. Доктори.мк е место каде се интегрира и на достапен начин се презентира знаењето на професионалци од многу медицински области, со што се постигнува целта за подигнување на свеста и здравствената култура на секој поединец. Доктори.мк е наш бренд со кој треба да се гордееме. Да се биде дел од тимот автори и соработници претставува голема чест и задоволство.