Стоматологот и дијабетесот

0
108

Што претставува дијабетесот?

Дијабетесот е болест која се дефинира како високо ниво на шеќер во крвта. Ова нарушување на метаболизмот настанува поради ниското ниво на хормонот, наречен инсулин или поради неспособноста на организмот да го употреби истиот.

Инсулинот, кој го произведува панкреасот, одговорен е за претворање на шеќерите во енергија, која им е потребна на сите клетки од човековиот организам.

 

Карактеристични симптоми за дијабетесот се:

  • зголемено лачење на урина
  • жед
  • зголемен внес на течности
  • заматен вид
  • необјасниво губење на тежината
  • замор

Постојат два основни типа на дијабетес:

  • Дијабетес тип 1 – се јавува кај млади лица, посебно во раните тинејџерски години, а се карактеризира со  целосен престанок на произведување на инсулин.
  • Дијабетес тип 2 – се јавува кај лица постари од 40 години и се карактеризира со недоволно производство на инсулин во организмот, појава до која доаѓа постепено. Најголем број од дијабетичарите, скоро 90 % , боледуваат од дијабетес тип 2.

Постојат и други поретки форми на дијабетес. Тука се вбројува дијабетесот во бременоста, кој се јавува само кај трудници.

Компликациите кои ги предизвикува дијабетесот се сериозни, не треба да се занемаруваат. Тоа можат да бидат: болести на срцето, колапс, откажување на бубрезите, слепило, ампутација и др. Иако оваа      болест е неизлечива, дијабетичарите кои се лечат правилно и кои се грижат за своето здравје имаат долг век на живот.

Дијабетесот и здравјето на устата и забите

Лицата  со дијабетес треба да посветат големо внимание на оралната хигиена, бидејќи се подложни на извесни компликации. Главни орални проблеми, кои се јавуваат кај дијабетичарите се инфекции и сува уста, кои понатаму можат да доведат до појава на болести на виличните гребени, болести на забите и долго опоравување после секоја извршена интервенција во оралниот медиум. Раното откривање на овие проблеми овозможува ублажување на најголем број од симптомите. Ако се чека предолго, некои од овие проблеми можат да остават трајни последици.

Сува уста (ксеростомија)

Сувата уста настанува како резултат на недостаток на плунка или како резултат на намалена работа на плунковите жлезди кои ја лачат истата. Кај дијабетичарите, зголеменото ниво на шеќер во плунковните жлезди доведува до намалена количина на плунка во устата.

Сувата уста е погодна средина за настанување на кариес на забите, бидејќи недостатокот на плунка го оневозможува природното чистење на забите. Намалената влажност на устата, може да доведе и до појава на чирови, габични инфекции или да оневозможи носење на протези. Најдобар начин за лечење на ксеростомијата е зголемен внес на течности. Во некои, потешки случаи се препорачува и соодветна терапија со лекови.

Последица од ксеростомијата е и синдромот “горечка/жаречка ”уста. Се карактеризира со непријатно чувство на пецкање на јазикот и другите делови од устата. Пецкањето може да биде толку силно, па лицето со ваков проблем, има чувство како да голта врела течност.

Болести на виличните гребени

Овде се вбројуваат гингивитисот и периодонтитисот. Пародонтолошките болести се бактериски инфекции кои се јавуваат околу виличните гребени, а можат да ги зафатат и ткивото и коската, кои му даваат потпора на забот. Доколку не се превземат потребните мерки за лечење, забите ќе почнат да се расклатуваат и во најтежок случај да испаѓаат. Дијабетичарите се поподложни на овие болести, бидејќи се многу поосетливи на инфекции и периодот на лечење кај нив е многу подолг. Ако дијабетесот не се држи под контрола, болестите на виличните гребени се јавуваат почесто, а последиците тешко се отстрануваат.

Дијабетичарите треба редовно да посетуваат стоматолог и забните наслаги и забниот камен да ги отстрануваат на секои три месеци, наместо двапати годишно.

Хигиена и третман на забите

Кога е оралното здравје во прашање на дијабетичарите им се советува следното:

  • Миење на забите најмалку два пати дневно, но најдобро е после секој оброк.
  • Користење на забен конец.
  • Посета на стоматолог на секои три месеца за навремено откривање на првите знаци на гингивитис, периодонтитис или кариес, бидејќи болестите на виличната коска и виличните гребени можат да напредуваат, а притоа лицето да не чувствува болка и да нема крварење од гингивата.
  • Ако при миење на забите, гингивата обилно крвари потребно е веднаш да се консултира стоматолог. Тој треба да биде известен за било каква промена во устата – недостаток на плумка, лош вкус, појава на бели површини на јазикот и други состојби.
  • Со неколку исклучоци, дијабетичарите можат исто како и здравите луѓе да се изложат на стоматолошка интервенција. Стоматолозите советуваат стоматолошките интервенции кај нив да се одвиваат наутро. Оброците и инсулинот се земаат на ист начин како и обично.
  • Во случај на екстракција на заб или хируршка интервенција, дијабетичарите треба да очекуваат подолг периодот на опоравување и почести и редовни контроли кај стоматологот и хирургот кои ја имаат извршено интервенцијата. Било која хируршка интервенција, може да се изврши само ако нивото на шеќерот во крвта е под контрола. Во спротивно, интервенцијата мора да се одложи, освен ако не станува збор за инфекција или гнојни чирови, кои мора да се третираат без одлагање.
  • За дијабетичарите, од посебна важност е да внимаваат на режимот на исхрана и да ја одржуваат телесната тежина со вежбање. Кога на ова ќе се додаде и грижата за забите и оралниот медиум во целина, самиот дијабетичар си го олеснува, подобрува и продолжува животниот век.
  • Секој залак ги стимулира плунковните жлезди да лачат плумка. Улога на плумката, меѓу другото е и делумно да ги исчисти устата и забите после оброкот. Џвакањето на гуми за џвакање без шеќер, исто така може да ги стимулира плунковните жлезди постојано да лачат плумка, па затоа им се препорачува на дијабетичарите почесто да ги конзумираат.
  • Протезите (тотална и парцијална ) и разните ортодонтски помагала, задржуваат наслаги и храна после оброкот, затоа треба редовно и убаво да се чистат, исто како и природните заби, после секој оброк.

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

Д-р Слаѓана Пашовска
Д-р Слаѓана Пашовска е родена на 01.06.1983 год. во Берово. Основно образование завршува во родниот град, а средно образование во ДСМУ „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје, отсек забен техничар. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот ”Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. и се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. По завршувањето на студиите стажира и волонтира во повеќе стоматолошки ординации во Берово и Скопје. Учесник е на повеќе конгреси, семинари и саеми од областа на стоматологијата. Од 2011 год. работи во сопствена ординација по општа стоматологија „Д Е Н Т И К О“ во населбата Ѓорче Петров во Скопје. -Доктори.мк е портал кој мене лично многу ми се допаѓа. Единствено место каде секој може да научи нешто ново и нешто корисно. Портал кој ги приближува пациентите кон докторите, овозможува да се добијат повеќе мислења на едно место, да се одбере најблиската потребна ординација преку локаторот на доктори.мк и да се дознаат најновите и најзанимливите работи од областа на медицината. Чест ми е што сум дел од тимот на доктори.мк и се надевам дека сите заедно здружени ќе придонесеме да се подигне здравствената свест кај нашата популација. Секоја чест за оснoвачите, за нивната добра идеа и голема посветеност... Само напред