Насмевка во Холивудски стил

0

Најдобриот make up за Вашето лице претставува насмевката. Блескаво бела, кристално чиста насмевка како од телевизиските екрани, која ќе зрачи со самодоверба и среќа денес е на чекор од Вас. Која е тајната на насмевката во холивудски стил?!

Порцелански забни фасети

Порцеланските забни фасети (eng. venеers)претставуваат дел од новaта ера во стоматологијата, кои ги задоволуваат новите побарувања што се поставуваат за убава и атрактивна насмевка. Постапката за добивање т.н Холивудска насмевка, бара взаемна доверба во односот доктор-пациент, истрајност од страна на пациентот, правилна визија за посакуваната насмевка, но истовремено разбирање и разграничување на можностите до кој степен постоечката насмевка на пациентот може добие make over во холивудски стил. Изработката на вакви фасетки бара високо ниво прецизност, идеално познавање на постапката за изработка и постоење талент за уметност, применет со креирaње на блескава, идеално дизајнирана насмевка.

Што се тоа ламинати?

Брзиот напредок во подобрувањето на особините на материјалите за изработка и динамичниот прогрес во технологијата се фактори кои ги внесоа  фасетките (ламинатите) на денешниот  широк избор на услуги во стоматологијата. Ламинатите всушност претставуваат фасетки кои примарно се бондираат (поставуваат) на фронталната (предна) страна на забната површина и се со минимална дебелина која индивидуално се движи од 0,3-1,0мм.

Ваквите фасетки се идеални доколку сакате да го вратите стариот сјај на Вашата насмевка, во голема мера естетски да го подобрите, да ги ставите во сенка естетските недостатоци како што е дијастема медиана (простор меѓу центарални секачи), лошо позиционирани заби (само некои ордодонтски аномалии), дисколорирани, оштетени заби и пломби кои естетски не задоволуваат.

 

Прва посета на стоматологот

Првата посета кај стоматологот се состои од анамнестичко осознавање за причините и можностите за поставување вакви фасетки, се со цел да се добијат податоци кои претставуваат контраиндикација за примена на оваа метода, како што е бруксизмот (шкрипење со заби), големи оштетувања на забните површини и прилично сложени ортодонтски аномалии на целокупниот загриз на пациентот. Откако ке биде установена индикацијата за поставување, следува запознавање на пациентот со целата постапка за добивање блескаво бела насмевка.

Според материјалот на изработување постојата дав вида фасетки (veneers) керамички (во литературата често се среќаваат под името ламинати) и композитни фасетки, кои се поставуваат во една посета кај стоматологскоро идентично како поставување пломба на предната површина на забите.

Како се поставуваат фасетките

Постојат две теории односно два начини на поставување на фасетките:

  • со препарација и
  • без препарација на фронталната површината на забите.

 

  • Метод со препарација на на фронталната површината на забите

Начинот на препарација е осмислен во една т.н 3Д верзија, односно пропорциите се засоновани на идеални мери за поставување на фасетките во однос на усните, гингивата и лицето во целина. Препарацијата се заснова на одземање на забната површина од предната страна на забите, во дебелина од 0,3-0,75 до 1,00 мм, и тоа во ниво на емајловата површина е најпрепорачливо, затоа што доколку препарацијата ја зафати дентинската структура на забот се менуват особината за ублажување на стрес силите врз забната површина. Емајл-порцеланската врска е многу попогодна за минимизирање на негативниот ефект на силите на џвакопритисок, отколку дентин-порцеланската врска. Постоечкиот стрес во најголем процент е апсорбиран од структурата со најголем модул на еластичност. Бидејќи дентинот е со помал модул на еластичност од порцеланот, допринесува до поголемо стрес оптеретување и поголема затегнувачка сила, што негативно се одразува на прицврстувачката сила на фасетката за забната структура. Одземената површина е осмислена како прозорче во кое подоцна ќе налегне подготвената фасетка во заботехничка лабораторија.

Препарацијата во дебелина се состои во 3 нивоа, гингвален (каде треба да се посвети внимание на налегнувањето на ламинатот и соодносот што ќе го има во однос на гингивата, се со цел за максимално задоволување на добра орална и пародонтална хигиена и задоволување на природен изглед )среден и инцизален дел. Откако ќе биде извршена препарацијата, стоматологот зема отпечаток кој се праќа во заботехничка лабораторија и притоа препорачливо е да избработи привремени фасети за заштита на отворената забна површина. Освен мануелната техника на дизајнирање на фасетките во лабораторија, денес е позната CAD-CAMтехнологијата, која всушност претставува компјутерска технологија на изработка на фасетките, која нуди висока прецизност во анатомоморфолошките контури на фасетката, како и одличен квалитет. Во следната посета кај стоматологот се врши поставување односно цементирање на фасетките.

  •  Метод без препарација на фронталната површината на забите

Методот без препарација се заснова на фактот што фасетката, доколку биде изработена од керамика, може да ги задоволи сите услови со минимална дебелина од 0,3-0,5 мм (познати како lumineers). Голем број стоматолози ја истакнуваат предноста на оваа метода. Најголема придобивка претставува зачувувањето на забната површина во целост без никаква атакираност на тоа ткиво. Можноста пациентот да се врати на своите природни заби односно насмевка од било која причина , после конструирањето на фасетките е непроценливо, затоа што процесот на препарација на забно ткиво е иреверзибилен процес. Како надоврзување, доколку го користиме метод без препарација, превентивно делуваме како заштита на сензитивноста на пулпалното ткиво, избегнувајќи можност за настанување пулпална некроза. Најновите технолошки достигнувања на лабораториите за изнаоѓање материјали што ќе задоволат висока естетика ни овозможуваат уште една предност на оваа метода.

Доколку постоечките коронки и мостови на пациентот ја имаат задржано својата функционална и биолошка намена, но естетско не задоволуваат (пребојување-дисколорации на фиксната конструкција), тогаш може да ја примениме можноста за поставување на фасетки врз површината на овие конструкции, преку специјални бонд – цемент системи. Бенефитот, пациентот да добие повторно атрактивна насмевка, без отстранување на постоечката фиксната конструкција е огромен. Недостатоците на оваа техника, доколку е применет одличен систем на материјали, е занемарлив и нагласено индивидуален. Иако дебелината на фасетките е минимална, сепак индивидуално се проценува можноста за појава на волуминозни заби, испакната насмевка и сл.

Дилема – дали да се изврши препарација (одземање на забна структура)?

Постојат голем број научни трудови и публикации каде е главна дискусија се води дали треба или не треба да се изврши препарација(одземање забно ткиво).

Што покажуваат истражувањата? Техниката за изработка на фасетките е во целосна зависност од прогресијата на манифактурното производство на се понови и се поусовршени особини на материјали , пронаоѓањето на нови начини за постигнување поголема сила на поврзување на материјалот и забната структура. Секој стоматолог при изборот на техниката треба да се води од постоечката клиничка ситуација на пациентот. Одземањето забна структура, за било која реставративна процедура треба да биде што повеќе конзервативно (минимално), особено ако се работи за порцелански фасетки. Сепак изборот на материјалите и методот за работа го избира стоматологот, според стручната проценка за дадената ституација кај пациентот.

За крај

Потрудете се Вашата насмевка да изгледа беспрекорно убаво и користете ја во секој миг затоа што

“Насмевката е една крива линија која може да исправи многу работи” 🙂

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и /или реемитување-

Д-р Славица Доковска е родена на 12.03.1987 година во Струга. Средно образование завршува при ДСУ "Нико Нестор" во Струга, природно-математичка насока. Уште во гимназиското образование покажува интерес кон научно-истражувачката дејност и при учеството на Државниот натпревар за Млади истражувачи на Р.Македонија освои прва награда во областа Аналитичка хемија. По завршувањето на средното образование се запишува на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во тек на студиите покажува понатамошен интерес во истражувачката област и учествува со научни теми на конгреси на студентите по стоматологија во област на конзервативно-естетската стоматологија и оралната патологија и пародонтологија. Дипломира на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во јуни 2010 година и се здобива со називот Доктор по стоматологија. Во истата учебна година, веднаш по дипломирањето се запишува на постдипломски студии при Стоматолошкиот факултет - Скопје, каде продолжува со научно-истражувачката дејност во областа на стоматологијата. -Доктори.мк овозможува примарна информираност и подигање на здравствената култура на целокупното население. Воедно, со сеопфатната интерклиничка проблематика дава можност за проширување на медицинските видици на сите доктори и надоградување на своето знаење, се во знак на рано откривање, дијагностицирање, спречување и сузбивање на понатамошната прогресија на заболувањата, неминовно нивна терапија и понатамошна рехабилитација. Доктори.мк е водич во секојдневието на секој човек кој се грижи за своето здравје и подобро утре.