Анестезија без игла во стоматологијата

0

 

Фобија од игли – трипанофобија

Доколку светот на Вашата насмевка е условен од страв и анксиозност од стоматолошките процедури и доколку елиминацијата на болка е условена само со аплицирање анестезија, а Вашата личност поимот игла го перципира со фобија (трипанофобија), тогаш новиот начин без игла анестезирање ќе ви донесе олеснување. Иако не е 100% безболно (болката е субјективна и варира од една до друга личност), сепак површински гуместо-нежниот допир на системот за аплицирање и брзината на внесување на анестетикот или лекот ( помалку од 1/3 секунда) го прави дополнително попримамлив за и стоматолозите, и за пациентите.

Концептот за инекција (анестезија) без игла го елиминира општиот страв на пациентот од инјектирање во одност на болката, а во исто време го елиминира и ризикот од пренесување на заразни болести како хепатитис и ХИВ преку инфицирана игла, со што придобивките се значителни доколку се истакнат резултатите во САД дека околу 1 милион повреди од игли се регистрирани и се поврзани со енормни суми за трошоци за лекување на заразени лица.

Проблематика поврзана со конвенционалното инјектирање анестезија со игла

Искусните стоматолози се свесни за разноврсната проблематика поврзана со користење на конвенционалниот пристап за инјектирање анестезија со игла: продолжено време за делување на анестезијата после аплицирање на анестетикот, болно инјектирање, потенцирање на чувството  на страв и анксиозност од страна на пациентите, оштетување на ткивото, како и ризик за повреда кај немирни и исплашени пациенти.

Модерен пристап за надминување на пречките

Компанијата Injex Pharma понуди решение за проблематиката околу локалната анестезија, а тоа претстаува систем за вбризгување без игла (INJEX system). Проблематиката кај погоре наведените тешкотии со аплицирањето е успешно и значително надмината и го олеснува администрирањето на анестетик. Оваа нова генерација на инјектори нуди безбедно и скоро безболен начин на примена. Со усвојување на оваа иновативна техника од страна на здравствените работници може целосно да го промени сегашниот концепт на инјектирање анестезии и лекови.

Начинот на апликација е едноставен и практичен. Потребно е ампулата да се постави на гингивата под агол од 90 степени директно над забот кој треба да се анестезира, притоа ваквиот начин на анестезирање влегува во избор за анестезија во регијата 15-25(инцизивите, канини и премоларите во горна вилица) и 33-43 (инцизиви и канини во долна вилица) и сите заби од млечната дентиција 55-85.

INJEX системот се состои од следниве компоненти

  • Нерѓосувачки челик со големина на пенкало делот за инјектирање
  • Компактна кутија за надополнување која служи како торбичка за носење и надополнување на единицата
  • Стерилни еднократно употребливи ампули
  • Стерилен адаптер за пренос на лековите во ампулата

 

Како функционира овој метод?

Наспроти конвенционалното аплицирање локална анестезија, инфилтрирањето на анестетикот со овој систем го спроведува анестетикот субмукозно до периостот. Овој метод овозможува брза и рапидна дифузија на анестетикот и овозможува побрзо достигнување на ефективната концентрација.

Резултатот се добива сигнификантно побрзо со што болката е елиминирана. Повеќе студии покажуваат ефекти од анестезирањето за многу краток период (1-90секунди) веднаш по администрирањето на анестетикот. Терапискиот ефективен прозорец од овој метод за сигурно и безбедно отстранување на болка е поширок во компарација со конвенционалната апликација на локален анестетик. Пократкотрајна вкочанетост на мекото ткиво постекстракционо е дополнително забележано како пропратен позитивен ефект кој дополнително делува позитивно кај пациентите.

 

Потребното ниво на анестезирање се постигнува со релативно ниски дози, што е од особена важност кај деца со помала вредност на дозната граница. Вкупната потребна доза локална анестезија е дополнително редуцирана поради широкиот ефективен прозорец и е насочена само кон анестезирање на дотичниот заб. Намалените дози се потребни  и препорачливи кај сите пациенти воопшто.

Ваквиот метод на анестезирање е возможен кај сите горе наведени заби за следниве процедури дентални реставрации, екстракции, чистење и помали пародонтални зафати. Овој начин на анестезија опфаќа голем број на дентални процедури во стоматолошките ординации, а пецинетите помалку се плашат, а стоматологот добива поголема доверба од пациентите воедно.

Принципот на работа на овој сиситем се состои во тоа што течноста (медикаментот/ анестетикот) под висок притисок низ многу мал отвор се движи низ слузокожата, без употреба на игла.

Придобивки

Постојат многу придобивки од овој начин на аплицирање анестетик

  • Администрирање анестетик без игла
  • Речиси безболно и зачувување на ткивото
  • Спречени се повреди од игла
  • Брза и ефикасна анестезија и заштедување време за третманот
  • Помала вкочанетост после третманот
  • Помал ризик од несакани ефекти заради намалената ефективна доза
  • Елиминирана можноста за инфекција на местото на инјектирање
  • Лесно и долготрајно користење

Третман погоден за децата

Децата претставуваат посебно тешка категорија на пацинети бидејќи самата постапка кај нив предизвикува страв и дополнително проблемот за соработка се зголемува, затоа што не ја разбираат целта на третманот. Затоа аплицирањето преку погореспоменатиот начин претставува напредок во надминувањето на несфатливите и болните моменти за подготовка на денталната процедура кај децата. Пократкото време за ефективно делување на аплицираната анетезија дополнително позитивно влијае на самата приемчивост кај младите пациенти, за што пократко и поефективно да се заврши интервенцијата, елиминирајќи го стресот кој би бил предизвикан со конвенционалната анестезија. Се администрира само 0,3 мл анестетик, а максималната ефективна доза ретко кога цела се користи. Паралелно со намалувањето на стресот кај младите пациенти, се намалува и самиот ризик фактор за можна повреда при самото аплицирање, бидејќи со непостоење на стрес факторот се намалуваат и можните моторни придвижувања на малите деца.

Пациентите вообичаено при секоја наредна посета на стоматолог, доколку е потребно анестезирање го бараат овој метод на апликација.

Со напредната технологија се надеваме на уште поголеми чекори при елиминацијата на болката при анестезирање – чувство кое неминовно предизвикува страв и анксиознот при стоматолошките процедури.

-Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Славица Доковска
Д-р Славица Доковска е родена на 12.03.1987 година во Струга. Средно образование завршува при ДСУ "Нико Нестор" во Струга, природно-математичка насока. Уште во гимназиското образование покажува интерес кон научно-истражувачката дејност и при учеството на Државниот натпревар за Млади истражувачи на Р.Македонија освои прва награда во областа Аналитичка хемија. По завршувањето на средното образование се запишува на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во тек на студиите покажува понатамошен интерес во истражувачката област и учествува со научни теми на конгреси на студентите по стоматологија во област на конзервативно-естетската стоматологија и оралната патологија и пародонтологија. Дипломира на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во јуни 2010 година и се здобива со називот Доктор по стоматологија. Во истата учебна година, веднаш по дипломирањето се запишува на постдипломски студии при Стоматолошкиот факултет - Скопје, каде продолжува со научно-истражувачката дејност во областа на стоматологијата. -Доктори.мк овозможува примарна информираност и подигање на здравствената култура на целокупното население. Воедно, со сеопфатната интерклиничка проблематика дава можност за проширување на медицинските видици на сите доктори и надоградување на своето знаење, се во знак на рано откривање, дијагностицирање, спречување и сузбивање на понатамошната прогресија на заболувањата, неминовно нивна терапија и понатамошна рехабилитација. Доктори.мк е водич во секојдневието на секој човек кој се грижи за своето здравје и подобро утре.