Болниот сексуален однос е тешка тема за разговор. Иако сексуалниот чин треба да причинува задоволство, вистината е дека тоа не е секогаш така за сите жени.
Две третини од жените понекогаш доживуваат болка при сексуалниот однос, но постојаната болка никогаш не претставува нормална ситуација. Повторувачките болни епизоди не претставуваат нешто што мора да го трпите.
Што е диспареунија?
Медицинскиот термин за болен сексуален однос е диспареунија. Се дефинира како постојана или повторувачка генитална болка која се случува пред, за време или по односот и која доведува до персонален дистрес.
Дискомфортот поврзан со сексуалниот однос, или диспареунијата, може да има физичка или емоционална етиологија.
Болката не е секогаш лоцирана во самата вагина; може да се јави во близина на влезот од вагината (вулвата) или длабоко во карлицата. И вагиналните и карличните нарушувања можат да доведат до физички предизвикана болка при сексуалниот однос.
Причини за физичка болка во вагината
- Недостаток на лубрикација
За време на сексуалното возбудување, жените вообичаено продуцираат природна лубрикација во внатрешноста на вагината што ги подготвува за пенетрацијата на партнерот. Понекогаш, за време на неделите по породувањето, за време на доењето или по менопаузата, флуктуациите во хормонските нивоа го попречуваат продуцирањето на доволна лубрикација. Оваа вагинална сувост може да се случи и при различни периоди за време на нормалниот менструален циклус и може да доведе до болен сексуален однос.
Познато е дека и одредени лекови ја инхибираат желбата или сексуалното возбудување со што ја намалуваат лубрикацијата. Тука спаѓаат антидепресивите, антихипертензивите, седативите, антихистаминиците и одредени орални контрацептиви.
Разните лубриканти врз база на вода кои се достапни во продажба можат да бидат од корист.
- Вагинални инфекции
Овие инфекции можат да варираат од сексуално преносливи болести како хламидија и херпес, до честите габични инфекции и можат да доведат до болка или дискомфорт за време или по сексуалниот однос. Многу од нив предизвикуваат чешање, печење или абнормален вагинален исцедок. Жените кои веќе имале габична инфекција можат да употребуваат антимикотични креми, вагиналети или таблети за да го спречат повторното јавување на инфекцијата. Тие кои не се сигурни дали имаат инфекција треба да посетат гинеколог.
- Болка, траума или иритација
Повреда или иритација од хируршка интервенција, женска циркумцизија, епизиотомија или конгенитална абнормалност.
- Реакција кон антиконтрацептивни производи
Можна е алергиска реакција на контрацептивни пени или латекс. Можна е болка поради несоодветно поставена дијаграгма или цервикална капа.
Причини за физичка болка длабоко во карлицата
- Инфекции на уринарниот тракт
Овие инфекции, меѓу кои најчести се циститите, понекогаш се резултат на воспаление на уретрата (уринарниот отвор во близина на вагината) за време на сексуалниот однос. Инфекцијата предизвикува болка и печење за време на мокрењето, но може да предизвика и пелвична болка (болка длабоко во карлицата) по односот. За да се излечат уринарните инфекции потребни се антибиотици.
- Нерегуларни израснатини
Тука најчесто спаѓаат оваријалните цисти, кои се вообичаено бенигни и може да исчезнат сами од себе; фиброидните тумори, кои се цврсти мускулни израстоци во матката и ендометриозата, состојба при која ткиво од слузницата на матката (ендометриумот) расте на друго место во абдоменот.
При секоја болка од длабочината на карлицата мора да одите на преглед кај Вашиот гинеколог и соодветно да ја третирате.
- Други состојби кои можат да доведат до болка се: пелвична инфламаторна болест, пролапс на матката (спуштена матка), матка поставена во ретроверзија, синдром на иритабилно црево, хемороиди, лузни и атхезии после хистеректомија, како и радио и хемотерапии.
Емоционална болка
Околу 90% од дискомфортот поврзан со сексуалниот однос има физичка причина, но и емоциите може да бидат одговорни за тоа.
Психолошки проблеми
Анксиозност, депресија, загриженост за физичкиот изглед, страв од интимност или проблеми во врската можат да придонесат за ниското ниво на сексуална возбуденост и да резултираат со дискомфорт или болка.
- Стрес
Мускулите на дното на карлицата се многу осетливи на стрес.
- Вагинизмус
Овие мускулни спазми на надворешниот вагинален отвор можат да доведат до интензивна болка за време на почетокот на сексуалниот однос и можат да ja попречат пенетрацијата. Вагинизмусот може да биде предизвикан од инфекции или лузни во вагината, но исто така може да биде резултат на стравот од помислата на сексуален однос. Оваа состојба може да се јави кај жени кои биле сексуално злоупотребени или силувани. Во таков случај потребно е советување и психолошка поддршка.
Понекогаш тешко е да се одреди дали психолошките фактори се поврзани со диспареунијата. Почетната болка може да доведе до страв од повторувачка болка, со што не е возможно релаксирањето, а со тоа истата се интензивира. Како што е ситуацијата со било која болка која што организмот ќе ја почувствува, така и овде може да се развие тенденција за “бранење” на таа регија од телото и избегнување на активностите кои се поврзуваат со болката.
Болниот сексуален однос секако дека е вредна тема за спомнување бидејќи постојат третмани кои можат да го елиминираат или намалат овој чест проблем. Успешниот третман секако дека зависи од откривањето на самата причина.
Многу жени со постојана сексуална болка никогаш не посетуваат доктор. Не бидете една од нив! Ако искусувате болен сексуален однос, разговарајте со Вашиот доктор. Лекувањето на проблемот може да направи чуда за Вашиот сексуален живот, Вашата емоционална интима и сликата за самата себе.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-