Воспаление на жолчно ќесе – Холециститис

0

Етиологија

Најчеста причина за воспаление на жолчното ќесе е опструкција на жолчното ќесе со калкулус (камен). Поради тоа, празнењето е отежнато или комплетно оневозможено. Се развива зголемен притисок во жолчното ќесе, настанува дистензија, а застојот на жолчката е подлога за развој на инфекција.

 

Холециститисот може да биде и акалкулозен. Во тој случај калкулите не се причина за настанатото воспаление, туку стаза на жолчка од други причини. Ова е чест случај кај пациентите кои примаат тотална парентерална исхрана.

Клиничка слика

Болката најчесто започнува нагло, под десниот ребрен лак и се шири кон десното рамо и плешка. Пратена е со гадење, повраќање, покачена температура, леукоцитоза до 15.000/mm3, а кај околу 10% од пациентите се јавува и пожолтување. При клинички преглед се палпира зголемено жолчно ќесе и позитивен знак на Марфи (при длабоко вдишување, местото каде што се проектира жолчното ќесе станува болно осетливо).

Дијагноза

По добро земена анамнеза и клинички преглед, во акутна фаза, се прават лабараториски испитувања и ултрасонографија, која е најбрз и најточен метод за дијагноза на холециститис.

Компликации

Ако акутниот се јави повеќе пати, еволуира во хроничен холециститис. Доколку инфекцијата се смири, а опструкцијата и понатаму перзистира, доведува до состојба т.н. хидропс на жолчното ќесе. Тоа е дистендирано, палпабилно, со истенчен ѕид и бистра содржина.

Во случај на емпием, жолчното ќесе е напнато, со задебелен ѕид, исполнето со густ гној и перихолецистичен инфилтрат. Пациентите се изразено интоксицирани, високофебрилни, а леукоцитозата е повеќе од 15.000/mm3.

Перфорација на жолчното ќесе може да биде покриена, со создавање на перихолецистичен апцес, слободна перфорација со појава на перитонитис, како и перфорација во соседните органи, желудник, дуоденум, колон, со создавање на холецистодигестивни фистули.

Терапија

Акутниот холециститис најчесто се смирува со конзервативна терапија. Тоа подразбира хидрација, аналгетици, гастрична сукција и антибиотици. По смирување на акутната фаза, причината за холециститис треба да се реши хируршки, со отстранување на жолчното ќесе. Хируршката интервенција може да се изведе лапароскопски или со класичен метод. Лапароскопскиот пристап се преферира, доколку нема контраиндикации за тоа.

Д-р Наталија Цоклеска
Д-р Наталија Цоклеска е родена на 11.04.1988 во Струга, каде завршува основно и средно образование. Високо образование завршува на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје, во 2012 година. Присуство и активно учество на конгреси и курсеви од областа на медицината: Едукативен курс по неврохирургија на светското здружение на неврохирурзи Скопје, 09-11 февруари 2012; Стручен состанок: Пробиотици во детска возраст, Скопје 18.03.2011, Македонско лекарско друштво - Здружение на педијатрите на Македонија; XXXII Интернационален конгрес на студенти по медицина Охрид, мај 2009 - Активно учество со тема: An immunohistochemical investigation of interstitial cells of Cajal - прво место, најдобра претклиничка тема. Член на EMSA (European medical students association) Светски ден на борба против СИДА, декември 2010-волонтер Мече болница, април 2010-волонтер Пролетен ден, март 2010-волонтер Активно се занимава со спорт - ракомет, беше член на женската ракометна екипа на Медицински факултет, со која учествуваше на Македонските студентски игри Охрид, април 2010 и Женската ракометна студентска лига, 2010 и 2012. -Ми претставува чест и задоволство да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Ја поздравувам оваа идеа и честитам на досегашните успеси и ентузијазмот кој несебично се вложува. Се надевам дека ќе имам свој придонес во успешната приказна наречена Доктори.мк.