Мажи на генералка

0

“Да им помогнеме на мажите и момчињата да живеат подолг, посреќен и поздрав живот”.

 – Интернационален ден на мажите – 19 Ноември 2012 –

Сакаат да се напијат, да се најадат, да гледаат фудбал и еднаш годишно да појдат на сервис за својата кола. Заради тестостеронот се посилни и имаат 30% повеќе мускули и килограми од женските. Затоа се мисли дека мажите се барем толку и поотпорни на болести. Но, тоа не е така. Живеат седум години пократко, почесто заболуваат од хронични и малигни заболувања. За повеќето проблеми поврзани со здравјето самите се криви бидејќи себе си се сметаат за непобедливи па избегнуваат посета на доктор додека можат.

Според податоците од Американската академија на фамилијарни доктори од 2007 г., дури 92% од мажите кога им е лошо чекаат барем неколку дена за да видат дали ќе им биде подобро пред да побараат помош од доктор. Тоа е причината зошто Светската здравствена организација донела препораки за систематски прегледи на мажи помлади од 50 години. Првите прегледи се препорачуваат на 20 години, а потоа на секои 3 години се до 40-тата, по која треба да се оди на преглед барем еднаш годишно. Подолу се наведени неколку причини зошто е важно мажите од порано да се грижат за здавјето.

До 30-та година

Премногу работа, премалку пари или незнаење најчесто се причините зошто младите мажи не се грижат за својот организам. Цигари, алкохол, храна, опуштање пред телевизор, неодговорен секс… Тоа се само некои од причините поради што здравствен картон на мажите до 30-тата година е лош.

СРЦЕ И КРВНИ САДОВИ

Иако телото својот максимум го достигнува со 30-тата година, дегенеративните промени на крвните садови започнуваат уште во адолесценцијата. На одредени кардиоваскуларни болести укажува недостатокот на воздух, задишување при качување по скали, болка во градите. Овие болести се одговорни за секоја втора смрт во нашата земја.

ШЕЌЕР ВО КРВТА

Студиите покажале дека мажите повеќе имаат покачен шеќер во крвта отколку жените. Студија спроведена над 1100 луѓе во Универзитетот во Колорадо покажала дека и покрај тоа што машките испитаници изгубиле повеќе килограми и повеќе вежбале од жените, не го намалиле ризикот за заболување од дијабетесот.

ПРЕГЛЕД НА ТЕСТИСИТЕ

Најрани пореметувања со кои можат да се соочат мажите се неспуштените тестиси, а се воочуваат веднаш по раѓањето. Ако не се спуштат додека детето наполни две години, треба тоа да се направи по хируршки пат. Во спротивно остануваат неразвиени па не се лачи доволно тестостерон. Според статистиката неспуштените тестиси се одговорни за 90% од машкиот стерилитет. Освен педијатарот, и родителите можат да го забележат ова пореметување.

Последните податоци на Американскиот институт за рак покажуваат дека мажи помлади од 30 години се почесто имаат рак на тестис. Бројот на заболените во последните десетина години скоро се дуплирал. Болеста се манифестира како тврд јазол на тестисот кој не боли. Како и секој рак, и овој полесно се лечи ако се открие доволно рано, на тој начин што ќе се прават месечни самопрегледи и превентивни прегледи кај уролог. Поради наведеното, во светот првите прегледи кај уролог се препорачуваат најдоцна до 20-тата година.

ПРОБЛЕМИ СО ПРОСТАТАТА

Скоро и да нема маж кој не слушнал за проблемите кои ова жлезда ги создава во зрелите години, но помалку се знае дека акутното воспаление на простатата (простатитис) најчесто се јавува помеѓу 20-тата и 30-тата година. Обично е последица на бурниот сексуален живот и нелечено воспаление на мочниот канал. Кога не се лечи преминува во хронично воспаление па затоа се препорачува посета кај уролог. Се манифестира со често и неодложно уринирање, пратено со температура и болки во слабините.

По 30-та година

Машката сила во овој период полека се намалува. Секоја година нивото на тестостерон се намалува, а со тоа и мускулната маса, додека се зголемува масното ткиво. Освен кон дебелеење и зголемени маснотии во крвта, мажите се склони и кон следните заболувања:

БЕЛИ ДРОБОВИ

Ракот на белите дробови цврсто го држи првото место на смртност од малигни заболувања. 9 од 10 мажи кои умираат од ракот на белите дробови се пушачи. Првите симптоми се кашлица и крвав искашлок, општа слабост и отежнато голтање. Но, откако ќе се јават овие симптоми, болеста е веќе напредната. Затоа се препорачува првите пулмолошки прегледи да бидат пред 45-тата година.

РЕКТУМ И ДЕБЕЛО ЦРЕВО

Цигарите, нездравата исхрана и седечкиот стил на живеење се поврзани со зголемениот ризик од рак на дебелото црево и ректумот. Обично се јавува по 40-тата година како крв во столицата, болки во стомакот и наизменична појава на проливи и запек. Раното откривање на ракот на дебелото црево се состои во тест на окултно (скриено) крварење, кој се препорачува да се спроведе по 40-тата година.

ТЕШКОТИИ СО ПРОСТАТАТА

Бенигна простатична хиперплазија – отежнато уринарење, слаб млаз, печење и болка во тек на уринирањето. Уште со првите симптоми потребна е посета на уролог бидејќи умереното зголемување на простатата може да се лекува со лекови, во спротивно потребен е хирушки третман.

Рак на простата – 80% од случаите се мажи над 65 години. На почетокот болеста нема симптоми, а рано може да се открие со проверка на нивото на простата специфичниот антиген – ПСА во крвта (ова тестирање се препорачува да се направи на 40-тата година).

КРШЛИВИ КОСКИ

Иако веќе подолго време е познато дека остеопорозата може да се јави и кај мажите, на тоа многу ретко се води сметка. Во научното списание The Journal of Nutrition објавено е дека за машките коски покрај калциумот важен е и витаминот Ц, кој е важен не само за намалување на ризикот од фрактури туку делува и во создавањето на колаген. Забележано е дека ваквото дејство витаминот го нема кај жената. Остеопорозата кај мажот се јавува покасно отколку кај жената па затоа ултразвук на петицата или дензитометрија треба да направат после 65-тата година.

АНДРОПАУЗАЛНИ ТЕГОБИ

Се смета дека по 30-тата година мажите секоја година губат по 1% од нивото на тестостерон. Затоа мажите постепено се менуваат т.е. влегуваат во машки климактериум. Андропаузалните тегоби почести се кај гојазните мажи, оние со дијабет, хронични заболувања, пушачи и оние кои претеруваат со алкохолот. Најпознати симптоми се: губиток на мускулна маса и сила, таложење на масти околу стомакот, губење на влакнатоста, лош сон, агресивност, нервоза, депресија, слаба ерекција и намалено либидо. Овие симптоми не треба да се трпат бидејќи состојбата може да се поправи.

Препорака:

Ако чувствувате помалку сила, не уживате во животот како порано, тешко заспивате, лесно пламнувате и не ви е до секс – посоветувајте се со доктор и проверете го нивото на тестостеронот.

Д-р Љубица Миќуновиќ е родена на 18 февруари 1986 година во Охрид. Основно и средно образование завршила во родниот крај. Веднаш по средното образование се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје, отсек општа медицина. Дипломирала во јули 2010 со просек 9,65. Во текот на стажирањето посебно интересирање побудила кон анестезиологијата и интензивното лекување, поради што запишала специјализација по анестезиологија со интензивно лекување. Активно ги следи новитетите во областа на медицината и учевствува на семинари и конгреси. На 31-виот Интернационален медицински научен конгрес одржан во Охрид 2008година земала учевство со темата: „Pemphigus vs. Carcinoma“. -Голема чест и привилегија е да се биде дел од тимот на доктори.мк. Многу сум благодарна што ми е укажана можноста со заеднички сили на моите колеги и посетители на оваа веб страна да бидеме чувари на здравјето, да ги откриеме и разјасниме сите заблуди, да презентираме нови научни откритија и со тоа да бидеме побогати со знаење а со тоа и способни за живот. Треба да се води сметка! Овој живот не трае милион години, туку еден ограничен период, па секој ден е мало богатство. Затоа „живеј мудро, живеј здраво“.