Се поголемата присутност на легионелата како предизвикувач на воспаление на белите дробови во последните 2 месеци кај пациентите во мојата пракса ме наведе подетално да ја разработам оваа помалку подзаборавена проблематика и да укажам на начините на ширење, клиничката слика, лекувањето и превенцијата…
Легионерска болест – (Legionellosis) претставува воспаление на белите дробови – пневмонија предизвиканa од атипична бактерија Legionella pneumophila.
Името го добила во 1976 година, кога за првпат е откриена кај воени ветерани (т.н. легионери) од Втората Светска војна кои учествувале на конференција во луксузен хотел во Филаделфија. Околу 10% од присутните заболеле од пневмонија, а стапката на смртност изнесувала околу 15% од заболените. Наредните години биле утврдени уште неколку нови епидемии, а легионелата како причинител била докажана ретроградно барем во 5 претходни епидемии.
Во родот „легионела“ влегуваат над 40 вида со над 60 серолошки типа од кои околу 50% се патогени за луѓето. Најважна и најпатогена за човекот е токму Legionella pneumophila, (серотип 1). Таа е интрацелуларна бактерија од што произлегува и нејзината отпорност на бета-лактамски антибиотици (пеницилини и цефалоспорини). Станува збор за убиквитарна бактерија која ја има насекаде околу нас, а посебно на влажни и топли површини. Во природните водни пространства (реки, потоци…) ја има во мал и незначителен број. Но, главни извори на инфекција можат да бидат водоснабдителната инфраструктура – водоводите, потоа резервоарите за вода, хидрантите, уредите за загревање и прочистување на водата, навлажнувачите на воздух, клима-уредите, централните греења, купатила, тушеви, џакузи… При поволни услови за нејзиниот раст и развој, како застој на водата и топлина, легионелата толку многу се размножува што дури и самиот воден аеросол е извор на инфекција. Во такви услови, таа може да преживее и повеќе од една година.
За разлика од порано кога легионерската болест била карактеристична за Медитеранот, денеска таа е распространета насекаде. Епидемиската карактеристика ја олеснува нејзината дијагностика и препознавање, додека поединечни, изолирани случаи потешко се дијагностицираат. Карактеристична е сезонската дистрибуција, особено во потоплите месеци од годината, но постојат и отстапки од таквиот тренд на што укажува сè поголемиот број на заболени во последните 2 месеци на територијата на Македонија. Начинот на пренос е само со инхалација на контаминиран воден аеросол, а никако со пренос од човек на човек, па така не е потребна изолација на заболените. Најчесто од легионелоза заболуваат повозрасни лица, особено со хронични белодробни, срцевите и бубрежни коморбидитети, а многу ретко децата. Посебна таргет група се лица со намален имунитет, лица по трансплатација на органи, заболени од малигни заболувања, но неретко и млади и здрави лица, без никакви ризик фактори.
Легионелите се одговорни за 5-20% од вкупните пневмонии кај популацијата, што ја вбројува во трите главни предизвикувачи за воспаление на белите дробови. Legionella pneumophila предизвикува два различни клинички облици на заболувања и тоа:
- Легионерска болест (белодробна пневмонија)
- Понтијачка треска (Pontiac Fever) – краткотрајна фебрилна болест без воспаление на белите дрибови.
Легионерска болест (пневмонија)
Пневмонијата е основната болест која ја предизвикуваат легионелите. Клинички се манифестира со различна симптоматологија, од поблаг облик па сè до тешки пневмонии со висока стапка на морталитет. Почетокот на болеста наликува како и секоја друга атипична пневмонија, но подоцна со многу потешка клиничка слика. Времето на инкубација (периодот од инфекција до појава на првите симптоми) изнесува од 2 до 10 дена. Карактеристичен е нагол почеток на болеста. Еден од првите симптоми е покачена телесна температура која може да се движи и до 40°C, а придружена е со треска и потење. Доста се изразени и другите неспецифични симптоми како главоболка, малаксаност, замор и слабост, болка во зглобови и мускули. Во првите неколку дена изостануваат респираторните симптоми. Оваа прва фаза наликува на грипозна состојба и тешко може да се воспостави точната дијагноза. По 2-4 дена се јавува сува и надразителна кашлица која постепено преминува во влажна, проследена со силна болка и бодеж во градите, тешко и забрзано дишење и искашлување секрет. Понекогаш може да се појават и други помалку карактеристични симптоми како повраќање и пролив.
Новоразвиените методи на дијагностика и лечење и досегашното искуство, придонеле за многу подобар исход од заболувањето, за разлика од минатото. Летален исход е намален на помалку од 5% и е резултат на тешките компликации како акутен респираторен дистрес синдром (АРДС).
Понтијачка грозница е акутна фебрилна состојба многу слична на грипот. Има релативно краток период на инкубација од неколку часа до 2 дена, се појавува во мали епидемии. Карактеристични се само продромални симптоми: покачена температура, замор, малаксаност, главоболка и мускулно-скелетна болка, но не се развива пневмонија! Освен симптоматска терапија, антибиотска терапија не е потребна, а за неколку дена настанува спонтано оздравување.
Легионерската болест не може со сигурност да се дијагностицира со основните дијагностички клинички, лабораториски и рендгенолошки методи (билатерална зафатеност на белите дробови, зголемен ЦРП, леукоцитоза и хипонатриемија). Единствено нешто што би можело да не упати диференцијално дијагностички на инфекција со легионела е тешката клиничка слика, брзата прогресија и евентуален неуспех на терапија со бета-лактами. Заради спориот раст на легионелата на специјална и селективна подлога и ниската чувствителност на култивација од крвта, оваа метода не се користи во рутиска пракса. Денес наједноставен и најкористен метод за дијагностика на атипичните микроорганизми, а меѓудругото и на Legionella pneumophila е ПНЕУМОСЛАЈД (PNEUMOSLIDE) методата.Оваа метода се состои во докажување на титар антитела во серум (IgM I IgG) за атипични микроорганизми. Предноста е и во тоа што резултатите се добиваат уште истиот ден. Постојат и други современи и поскапи молекуларно дијагностички процедури, но секако не се користат рутински.
Исходот од болеста зависи најмногу од точната дијагноза, навремената и соодветна терапија. Во лекувањето на легионелата најважно е што побргу да се даде соодветна антибиотска терапија. Досегашната практика говори дека прв лек на избор во терапија на легионелата се макролидите со посебен акцент на Azithromycin (голема ефикасност, добра толеранција, едноставно дозирање еднаш на ден). Но, не помалку значаен е и Clarithromycin. Овие два макролида постепено ја истиснале употребата на најстариот макролид во третманот на легионелата – Еrithromycin (заради неговите несакани ефекти и послабата потентност за интрацелуларна пенетрација). Последните истражувања откриваат дека поновите антибиотици од групата на флуорокинолони како што се: Levofloxacin и Moxifloxacin имаат поголема потентност врз легионелата кај имуносупресирани пациенти за разлика од макролидите.Тие се лекови од втор избор. Но постојат и клинички студии каде што се наведува резистентноста на легионелите на постарите кинолони – Ciprofloxacin, Ofloxacine, Pefloxacine. Како лекови од трет избор се користат тетрациклините – Doxycyclin. Како четврта линија на терапија може да се користи Rifampicin, но не како монотерапија, туку во комбинација со друг лек, заради избегнување на тераписката резистенција кон него.
Доста важно за напоменување е дека префериран и поефективен начин на апликација на антибиотската терапијата кон легионелите е интравенозниот пат пред оралниот. Интравенозна апликација допринесува за поголема дистрибуција и концентрација на лекот во белодробното ткиво. Оралниот пат на земање на терапија треба да следи откако ќе се постигне афебрилност. Должината на траењето на третманот е индивидуален за секој пациент и треба да трае од 10 до 21 ден.
Можеме да заклучиме дека легионелите се сè поприсутни предизвикувачи на пневмонија во денешно време за што сведочат и големиот број случаи на легионелози во последниот период. Благодарение на брзата и точна дијагностика и ефикасната терапија исходот од заболувањето барем досега секогаш е позитивен. Останува отворено уште едно прашање – едукацијата на населението за превенција од инфекција со легионела, брзо и целосно епидемиолошкото санирање на поединечните и спорадични случаеви, како и уништување на изворите на зараза, начините и патот на пренос, за што во иднина би требало да се работи повеќе на тој план.
-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-