Како се лечи болката?

0

Болката е физичко, но и емотивно патење поради кое квалитетот на живот е значително намален. Хроничната болка ги отежнува секојдневните активности, го нарушува сонот, предизвикува низа пореметувања и тегоби како анксиозност, а често и депресија. Да се живее со болката ни малку не е лесно, а луѓето кои патат од хронична болка приморани се секојдневно да земаат лекарства од кои некои имаат и низа несакани ефекти. Поради тоа кон лечењето на болката треба да се пристапи како кон посебен феномен. Се лечи основната болест која предизвикува болка, но истовремено и самата болка.

Видови на болка

Треба да се разликува ноцицептивна од невропатска и акутна од хронична болка бидејќи зависно од видот на болката се одредува и начинот на лекување.

Ноцицептивна болка е физиолошки одговор на болни дразби на специфичните рецептори за болка и има заштитна функција за зачувување на телесниот интегритет. Се јавува при механички и топлински повреди на телото.

За разлика од ноцицептивната, неуропатската болка е предизвикана од оштетувања на нервниот систем и секогаш е одраз на болест. Неуропатската болка најчесто се јавува при оштетување на нервите кај шеќерна болест, херпес зостер, мозочен удар, мултипла склероза, но и при малигни болести.

Болката според своето траење може да биде акутна и хронична. Хроничната болка трае подолго од 6 месеци. За да се отстрани болката треба да се утврди за кој вид на болка се работи, да се дијагностицира болеста која ја предизвикува и да се лекува основната болест и болката.

 

Како се дијагностицира?

Бидејќи болката е субјективно чувство, не е лесно да се процени, а за успешно лекување тоа е неопходно. Од личност до личност перцепцијата на болката се разликува т.е. она што некој го доживува како многу интензивна болка, за друг е умерена или блага. Анализите покажале дека повеќето болни со неуропатска болка во Европа се лечат кај матичните доктори, а помалиот број се упатуваат на консултација кај специјалисти или во центри за болка. Затоа улогата на матичниот доктор е од пресудна важност за детектирање и лекување на болката.

Предизвик во лекувањето

Дијабетесот и херпес зостер се најчести болести кои предизвикуваат оштетување на периферните нерви и со тоа појава на неуропатска болка. Тоа е хронична болка која се карактеризира со пецкање, жарење, остра болка или болни грчеви. Болките се јавуваат во подрачјето на инервација на оштетените нерви, спонтано или предизвикани од дразби кои инаку не се болни, како на пример допир на прекривката или облеката. Тегобите посебно се изразени при мирување со што го нарушуваат сонот, ја намалуваат работната енергија и го нарушуваат целокупниот квалитет на животот. Луѓето кои трпат болка ги фрустрира фактот што и покрај тоа што земаат по неколку различни лекови и понатаму имаат тегоби.

Зошто лековите кои обично се земаат за болка не делуваат на неуропатската болка?

Важно е да се нагласи потребата да се разликува неуропатската од другите видови на болка бидејќи лекувањето е сосема различно. Така на пример, најчесто употребуваните периферни аналгетици и антиреуматици немаат докажан терапевтски ефект при лекувањето на неуропатската болка.

Актуелните водичи за третман на неуропатската болка во прва линија на избор на лекови ги ставаат антиепилептиците (како на пример прегабалин и габапентин) и трицикличните антидепресиви, додека во втора линија се селективните антидепресиви и благите опијати.

Лековите се аплицираат на различни начини: преку кожа, преку уста, инјекции или со помош на катетери и пумпи. Но, болката може да се лекува и мултидисциплинарно со други процедури како физикална терапија, акупунктура и сл.

Лекувањето на болката денес влегува во сферата на човековите права, а тоа значи дека повеќе не станува збор само за здравјето, туку и за правото на секоја личност да не трпи болка т.е. таа да биде отстранета или барем намалена.

Д-р Љубица Миќуновиќ
Д-р Љубица Миќуновиќ е родена на 18 февруари 1986 година во Охрид. Основно и средно образование завршила во родниот крај. Веднаш по средното образование се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје, отсек општа медицина. Дипломирала во јули 2010 со просек 9,65. Во текот на стажирањето посебно интересирање побудила кон анестезиологијата и интензивното лекување, поради што запишала специјализација по анестезиологија со интензивно лекување. Активно ги следи новитетите во областа на медицината и учевствува на семинари и конгреси. На 31-виот Интернационален медицински научен конгрес одржан во Охрид 2008година земала учевство со темата: „Pemphigus vs. Carcinoma“. -Голема чест и привилегија е да се биде дел од тимот на доктори.мк. Многу сум благодарна што ми е укажана можноста со заеднички сили на моите колеги и посетители на оваа веб страна да бидеме чувари на здравјето, да ги откриеме и разјасниме сите заблуди, да презентираме нови научни откритија и со тоа да бидеме побогати со знаење а со тоа и способни за живот. Треба да се води сметка! Овој живот не трае милион години, туку еден ограничен период, па секој ден е мало богатство. Затоа „живеј мудро, живеј здраво“.