Како хормоните влијаат на вашето орално здравје

0

Знаеме дека хормоните влијаат врз нашето расположение, но дали мислите дека тие влијаат врз вашето орално здравје? Да, тие влијаат врз нашето орално здравје во текот на нашиот животен век, и тоа подоминантно кај женската популација. Животните хормонални флуктуации во периодите како што се бременоста, менопаузата и пубертетот, преку различни механизми водат кон промени на вашето орално здравје.

Хормоните влијаат врз крвоснабдувањето на гингивалното ткиво, врз одговорот на организмот против токсини од денталниот плак, поради што женската популација е поподложна на пародонтални промени во одредени периоди од животот во споредба со други орални заболувања.

Пубертет

Во текот на пубертетот кај девојчињата се зголемува нивото на естроген и прогестерон што резултира со зголемено крвоснабдување на непцата. Се јавува изразена сензитивност, непцата може да имаат изразено црвена боја и при најмала иритација (четкање на забите, чистење со забен конец) да се јави крварење од непцата. Поради тоа, потребно е да ја зголемите вашата орална хигиена и задолжително е професионално чистење на забите кај вашиот стоматолог.

Бременост

Бременоста е период во кој се одвиваат значајни промени во организмот на жената. Во него жената е поподложна на расипување на забите и заболувања на непца.

Гингивитот е многу честа појава во текот на бременоста, а се смета дека е присутен кај 60-75% од трудниците. Хормоналните промени предизвикуваат промени во гингивалниот ткивен одговор кон различни иританси, меѓу кои и бактериите од денталниот плак, што води кон поголема можност за појава на гингивит. Промените се забележуваат од вториот месец од бременоста, а најизразени може да се во осмиот месец и најзастапени во фронталната регија. Непцата имаат изразено црвена боја, се јавуваат лесни крварења и при најмала иритација. Промените спонтано исчезнуваат, но е потребна исклучително голема орална хигиена и редовни посети кај вашиот стоматолог.

Во тек на бременоста може да се појават и таканаречените гингивални тумори, безболни, пропратени со спонтани или провоцирани крварења, најчесто локализирани во регии подложни на најголема иритација, меѓузабните простори и регии со најслаба орална хигиена. Тоа се бенигни израстоци со изразено црвена боја, кои спонтано исчезнуваат.

Менопауза

Менопаузата е период во кој имаме промена на хормоналниот статус, а поврзана е со различни симптоми кои се движат од физички до психолошки. Овие промени може негативно да се одразат на оралното здравје и затоа бараат посебно внимание од стоматолозите кај жените во периодот на предменопауза, менопауза и постменопауза. Промените во усната празнина најчесто се резултат на влијанието на хормоните, меѓутоа и процесот на физиолошко стареење на ткивата има значајна улога.

Burning mouth syndrome e често присутен кај жените во овој период, се карактеризира со печење во оделни делови во устата (јазик, непца, усните, или најчесто предизвикува дискомфорт при носење на мобилните протези). Овој симптом е пропратен со постојана болка, кај некои пак се јавува и исчезнува.

Сувост на устата е уште еден симптом кој често е присутен во менопаузата.

Во текот на менопаузата може да се јави и менопаузален гингивостоматитис, пропратен со сува и сјајна гингива која многу лесно крвари и намален проток на плунка.

Бидејќи статусот на оралното здравје кај жената е во постојана интеракција помеѓу биолошките, социјалните сили и однесувањето на пациентките, стоматолошките здравствени услуги мора да се насочени кон правилни дијагностички и тераписки услуги. Се разбира и превентивните стратегии се клучни за женското орално здравје.

Ние можеби не сме во состојба да го менуваме нивото и дејството на хормоните, но можеме да ги промениме нашите навики и редовно да го посетуваме нашиот стоматолог за да го заштитите здравјето на нашите заби и непца.

 

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Родена е на 28.01.1985 год. во Крива Паланка. Средно образование завршува во гимназијата „Ѓорче Петров”, општа гимназија во Крива Паланка. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”- Скопје во 2009 год. Се здобива со називот Доктор по општа стоматологија. Со лиценца за работа од Стоматолошката Комора на РМ се стекнува во 2010 год. Има учествувано на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Посебен интерес покажува кон детската стоматологија и ортодонција. Зборува англиски, германски и италијански јазик. -Голема чест ми е да бидам дел од тимот на Доктори.мк. Овој портал и нуди на македонската јавност многу корисни совети од областа на здравото живеење, ја информира за најновите достигнувања од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата. Искрено се надевам дека и јас како дел од тимот ќе придонесам во остварувањето на заедничката цел, а тоа е да создадеме здрава и едуцирана нација.