Цистите на плунковните жлезди според нивното потекло можат да бидат конгенитални и стекнати. Како последица на пореметувањето во ембрионалниот развој на каналнот систем на плунковните жлезди настануваат конгениталните цисти. Стекнатите цисти потекнуваат од големите и малите плунковни жлезди. Цистите на големите плунковни жлезди можат да настанат како последица на трауматско одвојување на делови од паренхимот од изводниот канал во кој доаѓа до ретенција на секретот. Опструкцијата или облитерацијата на каналот поради траума или инфекција, можат да бидат причина за појава на ретенциона циста.
Цисти на малите субмукозни жлезди
Цистите кои се јавуваат кај малите субмукозни жлезди се почести за разлика од оние кои се јавуваат кај големите. Од сите мали плунковни жлезди, цистите најчесто се наоѓаат во лабијалните жлезди на долната усна. Големината на цистата е околу 1 цм, но има случаи каде истата може да стане поголема.
Како да ги препознаете?
Цистата е покриена со тенка слузокожа низ која се забележува бистра цистична содржина. Содржината на цистата е згуснат секрет кој личи на килибар и ретко може да биде заматен.
Третман
Лекувањето на цистите кај големите плунковни жлезди е хируршко, а се состои во субтотална или тотална паротидектомија кај циста во паротидна жлезда. Цистите кај субмандибуларната жлезда се екстирпираат заедно со жлездата. Цистите кај малите плунковни жлезди се отстрануваат со ексцизија заедно со преостанатото ткиво од жлездата.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-