Се надевам се сеќавате на статијата за тоа како функционира личноста и како е во постојани конфликти помеѓу Его, Суперего и Ид . Сега ќе Ви објаснам на кој начин ние се браниме од работите кои ни предизвикуваат конфликти.
Егото ги користи овие одбранбени механизми да ги ублажи непријатните и вознемирувачки импулси кои се испратени од Ид. Тоа го прави на различни начини, а најприфатлив е Фројдовиот модел на категоризација од 4 степени.
Како што рековме дека детето плаче кога сака играчка, Вие му се лутите на партнерот ако не ви се јави на телефон, викате на несовесните возачи, се смеете и кога Ви е тешко, плачете од радост, се правдате дека немате врска со случувањата за бурниот викенд, се ставате “single” после кратка расправија , или пак едноставно некогаш не ви е ни гајле кој што рекол. Но, зошто е тоа така? Кој и што не прави да секогаш реагираме исто или различно. Епа, би сакал да Ве утешам дека ако секогаш реагирате различно Вие сте здрава личност, личност која секојдневно се справува со непријатните импулси, додека ако постојано реагирате исто во различни ситуации би Ве советувал да посетете психијатар.
Одбранбени механизми од прв степен (патолошки)
Овие одбранбени механизми се употребуваат кога некој сака да ја изврти реалноста. Кога на некој вистината му пречи, и на примитивен начин се обидува да ја убеди околината дека тој не е зафатен од проблемот. Многу често преминуваат во патолошки и водат до растројство на личноста. Овде има четири одбранбени механизми:
1. Негирање – Со ова се користиме кога сакаме да ја отфрлиме стварноста. Ако на пациентот му кажеме дека е HIV+, неговата прва реакција ќе биде “Не е можно, провери пак докторе” или ако сопругот ви побара развод, а вие не сте спремни за тоа ќе си речете “не е можно, нели ме сака”.
2. Изобличување – Ако не сме ја негирале стварноста ајде да ја изобличиме, да ја промениме и да си мислиме дека така ќе ни е подобро. За жал, не е. Ако изобличувањето е доста изразено и постојано, може да доведе до депресија. Овој вид на одбранбен механизам е кога лажеме, но исто така и кога емотивно носиме одлуки, кога си мислиме дека правиот избор е оној кој го чувствуваме, а ние всушност само се тешиме.
3. Проектирање – Сте обвиниле ли некогаш друг за вашите постапки? Ако сте, тогаш го користите механизмот на проекција или префрлање на вината. Ова се случува најмногу кај неуспешните студенти на кои учителите и професорите им се секогаш криви. Тие ги мразеле и биле многу лоши, а всушност тие само се бранат од нелагодноста која им ја ствара ситуацијата.
4. Поделба/делење – Ова е еден од најпримитивните механизми кој ако е присутен е доста загрижувачки. Се сретнува најчесто кај оние личности кои одат од една крајност во друга и го гледаат светот како добар и лош. За нив нема средина, а типичен пример се политичките фанатици, оние во првите борбени редови на митинзите, за нив ако сте од другата партија автоматски сте лоши. Или пак расистите, кои признаваат само една раса, или пак гневен пациент во болница развикан како докторите се најлоши а сестрите се најдобри.
Одбранбени механизми од втор степен (несозреани/незрели)
Овие одбранбени механизми се среќаваат најчесто кај возрасните и кај адолесцентите. Спаѓаат во групата на незрели одбрани од нелагодни ситуации. Ќе ги препознаете кога ќе слушнете како некој Ви вели “многу детски од твоја страна” или “дај порасни еднаш”.
1. Фантазирање – Поминуваме покрај добар автомобил и сакаме да го имаме, но јасно ни е дека немаме доволно пари да си го дозволиме и почнуваме со фантазирањето. Еден од доста успешните механизми да го избегнеме незадоволството и фрустрациите. Нормален е кај деца и адолесценти, но ако продре во подоцните години од животот е малку загрижувачки.
2. Идеализација – Некој толку многу го сакаме и сме му наклонети што оние работи кои ни сметаат кај него ги отфрламе и го правеме идеален. Мети на идеализација се политичарите, славните личности, но ги има и меѓу сите други. Девојките најчесто го прават тоа кога се слепо заљубени, тие се убедуваат самите себе си дека личноста со која се заедно е всушност идеална за нив и покрај нејзините недостатоци. Машките тоа го прават со уште поголем интензитет.
3. Претерување – Самиот збор ни кажува, некој кога ќе претера со нерационални и нелогични постапки при непријатни ситуации. Детето може да плаче ако му ја одземеме играчката, но ако плаче, се тресе, лудува низ домот тогаш стварно претерало.
4. Соматизација – Ова е доста интересен одбранбен механизам. Многу е истражуван бидејќи се употребува кога негативните емоции што ги имаме од надвор си ги собираме внатре во нас и ги насочуваме кон самоуништување. Болката, болеста и напнатоста ни се прозивод. Хипохондријата е соматизација во најјака форма.
5. Пасивна агресија – Најчесто се насочени кон претпоставените на работното место или домот. Ви се случило ли некогаш да нешто од инает не направите? Некој од инает изел знаете што. Овде со Вашата пасивност Вие сте агресивни спрема другите. Ако Ве изнервира шефот на работа, Вие за инает нема да си ги завршите работите на време објаснувајќи му дека немате време, т.е. сте пасивни и со тоа агресивно се однесувате спрема него. Па нормално, нема да му се кренете и да го удрите – ќе летате од работа.
Одбранбени механизми од трет степен (невротични)
Најчести се кај возрасните, кои нели со годините ги губат нервите. Интересно и доста проблематично кај невротичните одбранбени механизми е тоа што кратко траат, имаат многу добар ефект при олеснувањето, но можат да доведат до долготрајни последици помеѓу луѓето и околината.
1. Преместување – Што ли преместуваме? Па нормално, несаканите емоции, оние непријатните, ги истураме кон некој кој е послаб од нас, кој не ни е противник и кој на крајот ни крив ни должен ќе си го добие. Си доаѓа изнервиран родителот од работа и му се развикува на детето оти не му е средена собата. Сте се нашле и во други слични ситуации.
2. Дисоцијација/разложување – Застрашувачки одбранбен механизам кој ги разложува несаканите емоции на повеќе дела, со тоа ја губи битката со реалноста и времето. Со попрости зборови – се случува кога некој ќе се исклучи од реалноста. Многу често се случува кај оние кои консумираат наркотични супстанци како марихуана, LSD, PCP, кетамин и др. Едноставно за момент личностите кои се во дисоцијација си живеат во еден нивен свет.
3. Интелектуализација – Овој механизам е се поприсутен кај пациентите, посебно во последно време со достапноста на информациите преку интернетот. Кога пациентот ќе ја дознае дијагнозата, тоа за него е непријатна ситуација и за да се справи со неа тој ќе чита, ќе пребарува, ќе се распрашува се повеќе и повеќе, мислејќи дека докторот згрешил и дека има уште надеж, а тој сега знае повеќе од докторот.
4. Потиснување – Несаканите желби, импулси и емоции можат да се потиснат длабоко во потсвеста, толку длабоко што некогаш луѓето забораваат дека нешто лошо им се случило. Некои деца кои биле жртви на сексуално насилство не можат да се сетат на настанот бидејќи толку јако им биле потиснати случувањата, што дури згаснале. Овој механизам е ефикасен, но личноста има капацитет на потиснување. Трпи, трпи и веќе не може, се исклучува…
5. Формирање на реакција – Има добар, но исто така краткорочен ефект. Несаканите и непријатни емоции и нагони се претвараат во сосема спротивното. Како пример можат да се издвојат двајца другари од спротивен пол кои премногу се караат, а всушност тие изразуваат љубов преку расправањето. Или оние кои јавно и гласно се изјаснуваат против хомосексуалноста, а всушност се кријат на тој начин од реалноста.
Одбранбени механизми од четврти степен (зрели/созреани)
Овие механизми ги има кај емоционално здравите и созреани личности. Кај воспитаните и правилно израснати идивидуи. Користењето го подобрува задоволството и ги интегрира емоционалните конфликти со пријателите, фамилијата и околината. Лицата кои ги користат овие одбранбени механизми се сметаат за доблестни.
1. Алтруизам – Добротворно помагање на оние послабите, на оние на кои им треба најмногу, за лично задоволство. Алтруистите не бараат ништо за возврат, тие едноставно се завлечени од некој внатрешен немир и донираат, а со тоа си прават да им биде поудобно во самите себе си.
2. Хумор – Хуморот е неизбежен дел од секојдневниот живот, но хумор во присуство на некои несакани ситуации е знак за зрел одбранбен механизам. Терминално болните пациенти знаат да кажуваат вицови на своја сметка, да бидат весели и отворено да прават шеги засновани врз непријатните чувства.
3. Идентификација – Овој механизам е присутен кога се поистоветуваме со некој, најчесто омилениот лик од сериите или филмовите. Познат писател или далеку поуспешен колега…
4. Сублимација – Претворање на импулсите во сосема различни и поприфатливи. Ако се наполниме со бес од секојдневните обврски и стресот кој ни го носи модерното време, одиме некаде да го истуриме бесот. Тоа е најчесто теретана, трчање во парк или бокс.
5. Супресија – Прокрастинација или свесно оддолжување на обврските, оттргнување на вниманието од стварноста и едноставно незамарање со проблемот. Ефикасен е, но не смее да трае долго.
За крај
Овие механизми се нормални додека се во границите на прифатливо однесување. Доколку било кој од нив е присутен на подолг период и значително влијае врз секојдневните обврски, тогаш треба сериозно да му се пристапи на проблемот и да се побара помош од психијатар/психолог. Ако читајќи ги се пронајдовте во скоро сите, тогаш Ве уверувам дека сте добри, но ако не се пронјдовте во ниту една – тогаш време е да се загрижите.
–aвторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-